Објава на Фејсбук споделува измислено предупредување на Путин до Макрон
Наводната изјава на Путин, неговото „предупредување“ до Макрон, што е споделено во објавата, е измислено и невистинито. Ваков запис не успеавме да најдеме никаде, ниту на англиски, ниту на руски јазик. Точно е дека имало препирки меѓу рускиот и францускиот претседател на тема војната во Украина и безбедноста на Европа, но вакви зборови, какви што споделува објавата, Путин не кажал
Наводната изјава на Путин, неговото „предупредување“ до Макрон, што е споделено во објавата, е измислено и невистинито. Ваков запис не успеавме да најдеме никаде, ниту на англиски, ниту на руски јазик. Точно е дека имало препирки меѓу рускиот и францускиот претседател на тема војната во Украина и безбедноста на Европа, но вакви зборови, какви што споделува објавата, Путин не кажал
Анализираме објава на Фејсбук која споделува наводна изјава, односно предупредување на рускиот претседател Владимир Путин упатено до францускиот претседател Емануел Макрон.
Председателот Путин издаде предупредување на францускиот претседател Макрон.
Ве предупредувам последен пат, и сеуште имате прилика да ја преиспитате својата одлука за испраќање француски трупи во Украина. Оваа одлука од ваша страна може да ја одведе Франција во војна против Русија каква не можете ни да замислите. Ако се одлучите да завојувате со Русија, нема да имате место за маневар. Војната која Франција ја припрема може да ја уништи и зафати цела Европа, а нејзините последици ќе бидат катастрофални не само за францускиот народ туку и за сите европски народи, пишува во објавата.
Вистиномер се обиде да најде кога и во која прилика Путин ја дал оваа изјава, но не успеавме. Наводната изјава ја побаравме на македонски, англиски и на руски јазик, но не сретнавме никаде вакво „предупредување“ упатено од Путин до Макрон.
Последната препирка што успеавме да ја најдеме на релација Макрон-Путин е од почетокот на март 2025 година.
Имено, францускиот претседател Емануел Макрон на 5 март 2025 година изјави дека ќе разговара за проширување на француското нуклеарно одвраќање на европските сојузници за да се заштити континентот пред заканите од Русија. Тој, во вечерното телевизиско обраќање до нацијата, како што пренесе Еуроњуз, ја опиша Русија како „закана за Франција и Европа“ и рече дека одлучил „да ја отвори стратешката дебата за заштита на нашите сојузници на европскиот континент со нашето (нуклеарно) одвраќање“.
Русија, под претседателот Путин, ги крши нашите граници за да убива противници, манипулира со изборите во Романија и Молдавија, организира сајбер напади врз нашите болници за да го наруши нивното работење, се обидува да манипулира со лаги кои се шират на социјалните мрежи и, во суштина, ги тестира нашите граници, рече Макрон.
Рускиот претседател на 6 март 2025 година, го исмеал говорот на францускиот претседател, правејќи споредба со неуспешниот обид на Наполеон Бонапарта да ја освои Русија во 1812 година.
Путин, како што пренесува Еуроњуз, зборувал на состанокот во четвртокот со мајките и вдовиците на загинатите војници, кои беа убиени во руската инвазија на Украина.
Без да го каже името на Макрон, Путин рекол:
Некои луѓе сè уште не можат да седат мирни. Сè уште има луѓе кои сакаат да се вратат во времето на Наполеон, заборавајќи како заврши.
Во последователниот разговор со мајка на паднат руски војник, Путин рекол дека „тие (непријателите на Русија) го потцениле карактерот на рускиот народ и на претставниците на руската култура воопшто“.
Ден потоа, на 7 март 2025 година, Макрон му возвратил на Путин, нарекувајќи го рускиот претседател „империјалист“ кој се обидел да ја „препише историјата“.
Слични реакции од руска страна имаше и кога Макрон најави дека е можно да испрати француски војници во Украина.
Вјачеслав Володин, претседател на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент и близок сојузник на Путин, на 28 февруари 2024 година, рече дека Макрон изгледа се гледа себеси како Наполеон и го предупреди да не оди по стапките на францускиот император.
За да ја одржи својата лична моќ, Макрон не можеше да смисли ништо подобро од тоа да запали трета светска војна. Неговите иницијативи стануваат опасни за граѓаните на Франција, рече Володин, пренесе Ројтерс.
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека наводната изјава на Путин, неговото „предупредување“ до Макрон, што го споделува објавата што ја анализираме, е измислено и невистинито.
Ваков запис не успеавме да најдеме никаде, ниту на англиски, ниту на руски јазик. Точно е дека имало препирки меѓу рускиот и францускиот претседател на тема војната во Украина и безбедноста на Европа, но вакви зборови, какви што споделува објавата, Путин не кажал.
Поради тоа оценуваме дека објавата е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар