Објава надвор од контекстот шири манипулации за вакцините
Вакцините постојат зашто најпрво постоеле болестите, а не обратно, и тие не предизвикуваат болести. Вакцините се дизајнирани да превенираат болести на начин што го учат имунолошкиот систем да препознава и да се бори против специфични вируси или бактерии.
Вакцините постојат зашто најпрво постоеле болестите, а не обратно и вакцините не предизвикуваат болести. Тие се дизајнирани да превенираат болести на начин што го учат имунолошкиот систем да препознава и да се бори против специфични вируси или бактерии
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ДАЛИ ЌЕ СЕ ОСТВАРИ КОНЕЧНО, ДЕКА СИТЕ ТАКАНАРЕЧЕНИ ВАКЦИНИ СЕ ПРОТКАЕНИ СО РОПСТВО И БОЛЕСТИ, ДА СЕ УКИНАТ??? ДАЛИ БОЛЕН ЧОВЕК РАЗМИСЛУВА НА НЕШТО ДРУГО ОСВЕН НА БОЛЕСТ И КАКО ДА ОЗДРАВИ??? Уште од самото раѓање се бодат мали човечиња/новороденчиња, за да се носат со болести, а не здравје од таканаречена имунизација, дури и со вакцини, за трансексуално преносливи болести или преку крв, Hepatis B. Дури и сите ерадицирани болести, сеуште се на календарот за задолжителни вакцини?!? Американски доктор и врвен здравствен службеник во Флорида сакаат да ги укинат сите задолжителни вакцини. Највисокиот здравствен службеник на Флорида во средата објави дека американската држава ќе ги укине сите задолжителни вакцини, вклучително и оние што се потребни за децата да се запишат на училиште.
Џозеф Ладапо на прес-конференција во Тампа изјави дека секоја од вакцините е погрешна и проткаена со ропство.https://dnevnik.hr/…/florida-planira-ukinuti-sva…mRNA вакцините, воведени во 2020 година, сега се тестираат за ХИВ, маларија, па дури и за одредени видови на рак, покажувајќи широк потенцијал надвор од COVID-19.
Во објавата се пропушта контекстот, односно се извртува тезата кога се тврди дека „вакцините се проткаени со ропство и болести“. Вакцините постојат зашто најпрво постоеле болестите, а не обратно, и тие не предизвикуваат болести. Вакцините се дизајнирани да превенираат болести на начин што го учат имунолошкиот систем да препознава и да се бори против специфични вируси или бактерии.
Вакцините содржат мали нештетни делови од вирус или бактерија кои не предизвикуваат болест кај здрави луѓе, го стимулираат имунолошкиот систем да создава заштита (антитела) и го подготвуваат телото да се бори против вистинската болест ако подоцна дојде до изложување на неа. Најголемиот дел од вакцините имаат деактивирана или ослабена форма која што не може да предизвика болест. Некои луѓе имаат благи несакани ефекти како блага треска, болки во зглобовите или замор после вакцинација, што претставуваат нормални знаци дека телото гради имунитет и не претставуваат знак на болест!
Во објавата се тврди дека од самото раѓање „се бодат мали човечиња и новороденчиња за да се носат со болести а не со здравје од таканаречената имунизација дури и со вакцини за трансексуално преносливи болести или преку крв – хепатитис Б“. Не е точно дека децата се вакцинираат за да се носат со болести, туку за да се заштитат од нив. Не е точно дека кога не би биле вакцинирани, би им биле помали шансите да заболат од некоја болест. Конкретно во 2023 година, околу 4.8 милиони деца помали од 5 години починале, а 2.1 милиони смртни случаи се случиле кај лица меѓу 5 и 24 години. Еден од водечките фактори за овие бројки се инфективните болести од кои некои може да се спречат со вакцинација.
Во 2023 се проценува дека повеќе од 14,5 милиони деца не примиле никаква вакцина а 22,2 милиони не примиле вакцина против сипаници. Поради тоа што инфективните болести не препознаваат граници, недостигот на имунизација во светот има влијание врз шансите за изложување на болести, подвлекуваат од Детската болница во Филаделфија.
Иако некои болести не се појавуваат во вашето место на живеење, тие може да се чести во други делови на светот, додаваат од болницата. Така, со оглед на тоа што луѓето често патуваат од различни причини, така вирусите и бактериите може да „патуваат“ исто така.
Самите вакцини не се проткаени со ропство и болести, туку болестите постојат, па заради борбата против нив – превенција, заштита, намалување на последиците од болестите – постојат и вакцините.
Во врска со наведеното дека децата се вакцинираат (во објавата се користи антивакциналниот наратив „се бодат“ за да се потенцира некаква присилба и злоупотреба) и со вакцини против сексуално преносливи болести или болести преносливи преку крв – алудирајќи на вакцината против Хепатитис Б, треба да се напомене дека оваа болест не се пренесува само преку сексуален однос.
Многу луѓе мислат дека Хепатитис Б е болест што се шири само преку секс и инјектирање дрога. Ова предизвикува некои луѓе да се прашуваат зошто е потребна вакцина после раѓањето. Реалноста е многу покомплексна. Да, вирусот Хепатитис Б најчесто се шири преку сексуален контакт и инјектирање дрога, особено преку споделување игли. Но, секоја година луѓе се инфицираат и на други начини. Често не ни знаат дека биле изложени на вирусот Хепатитис Б. Ова е особено вистина за деца кои често немаат симптоми кога ќе се инфицираат со Хепатитис Б. Луѓето може да живеат со децении со хронична инфекција на хепатитис Б и дури подоцна во животот да развијат болести на црниот дроб или рак на црниот дроб. Во периодот меѓу инфекцијата и дијагнозата, тие може да го шират вирусот на другите без да знаат. Комбинацијата од голем број луѓе кои не знаат дека се носители на хепатитис Б и ширењето на другите е причината зошто хепатитис Б се нарекува „тивка епидемија“, се наведува на сајтот на Детската болница во Филаделфија.
Американската академија на педијатри, исто така, наведува дека имунизацијата на новороденчињата против хепатитис Б е критично за да се намали хроничниот хепатитис Б понатаму во животот.
САД направи значителен исчекор и прогрес во намалување на хроничниот хепатитис Б во најголем дел поради дозата што се дава после раѓање и отстранувањето на оваа доза би го свртело во спротивна насока прогресот и би водело до повеќе случаи на перинатално стекнат хепатитис Б и хепатис Б за време на детството, додаваат оттаму.
Всушност, перинаталното добивање хепатитис Б е она кога мајката го пренесува вирусот на своето бебе, без да знае. Исто така хепатитис Б може да се пренесе преку тетовирање, пирсинг, изложеност на инфицирана крв.
Во објавата се наведува дека „сите ерадицирани (искоренети н.з) болести сè уште се во календарот за задолжителни вакцини, како да е тоа нешто чудно. Да, некои вакцини се администрираат за болести кои се сметаат за искоренети или близу до искоренети во одредени региони. Ова се прави за да се превенира повторно појавување и да се одржува колективниот имунитет.
На пример полио е искоренета болест во многу делови од светот (Америка, Европа и најголемиот дел на Азија). Но, вакцините сè уште се администрираат и деактивираната полио вакцина сè уште е на календарот за вакцинација, зашто полио останува епидемија во некои држави – Авганистан и Пакистан. Вирусот може да се прошири интернационално.
Точно е наведеното дека највисокиот здравствен службеник во Флорида, доктор Џозеф Ладапо, на прес-конференција вети дека ќе ги укине задолжителните вакцини, што предизвика лавина негативни критики од страна на медицинската заедница која што е загрижена. Укинувањето на задолжителната вакцинација во Флорида не е спроведено и одлуката дали тоа ќе се направи допрва ќе се носи. Ладапо е познат скептик против вакцините.
Во изјавата Ладапо рече дека укинувањето на задолжителноста на вакцините „ќе го зацврсти суверенитетот на пациентите“ и дека владата нема право да им кажува на луѓето што да стават во своите тела и дека задолжителноста е како „ропство“.
Критиките се множеа после оваа изјава од страна на национални експерти, професионални групи и јавноздравствени власти.
Кога сите во училиштето се вакцинирани, потешко е болестите да се шират и полесно е за сите да се опуштат. Плановите може да ги стават децата во јавните училишта во Флорида во поголем ризик да се разболат, изјави претседателката на Американската академија за педијатрија Сузан Кресли.
Наведеното во објавата дека мРНК вакцините сега се тестираат за ХИВ маларија и одредени видови рак е точно.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар