Објава невистинито ја обвинува ЕУ за „диктатура“ со неповрзани настани од различни држави

Доналд Траммп го евоцира моментот кога бил застрелан | Фото: Tim Kennedy, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Во објавата која ја рецензираме се земаат внатрешно-политички, корупциски, прашања поврзани со безбедноста на Трамп, сомневања за корупција, различни протести во различни европски држави и тие се ставаат во еден кош иако се меѓусебно неповрзани и меѓу нив не може да се направи паралела а уште помалку да се поврзат со еден центар ниту за нив да се обвини Европската Унија ниту пак да се подведат под „диктатура“.

Објавата која ја рецензираме ги става внатрешно-политичките, корупциските и прашањата поврзани со безбедноста на Трамп, сомневањата за корупција и различните протести во различни европски држави во еден кош, иако се меѓусебно неповрзани и меѓу нив не може да се направи паралела. Уште помалку тие можат да се поврзат со еден центар и да се обвини Европската Унија како „дежурен“ виновник

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Европската Унија и воведувањето диктатура: (преземено) -Груевски им се спротивстави: шарена револуција и државен удар,нови избори и после три пати одложување пак ги победи по што следува постизборен инженеринг и формирање влада. -Роберт Фицо им се спротистави: се обидоа да го убијат. -Трамп им се спротистави: се обидоа да го убијат. – Орбан им се спротистави: пет неуспешни обиди за шарена револуција, санкции, кратење пари од ЕУ фондовите…. – Полска: сменија десна влада и донесоа свој послушник кој апси непослушни опозиционери. – Франција: не дозволија претседателски избори правејќи “заевистичка коалиција” (урбани+муслимани) за да ја надгласаат Ле Пен која истовремено ја ставаат под истрага. – Италија: Салвини под истрага – Германија: тајните служби отворено ја инфилтрираат АФД – Грузија: шарена револуција на чие чело се нивни луѓе – Романија: поништуваат претседателски избори затоа што кандидатот што победи во првиот круг не е нивни и веќе кажуваат дека ќе му забранат повторно да се кандидира. – Што не чека во блиска иднина.

 

Објавата изобилува со теории на заговори, во смисла на тоа дека различни лидери на држави и премиери некако биле „сменети“ или им било наштетено, или се направил обид да им биде наштетено од страна на ЕУ. Примерите се неточни, бидејќи на сите наведени политичари кои повеќе не се на функции или, пак, се сменети, тоа не им се има случено поради ЕУ, туку поради други фактори.

Прво се споменува Никола Груевски, поранешен премиер. Тој самиот си поднесе писмена оставка од претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 10 декември 2017 година, на што претходеше политичка криза предизвикана од бројни фактори од кои најсилен беше објавувањето на нелегално прислушуваните разговори на над 20 илјади граѓани.

Првата Пржинска влада беше воспоставена на 18 јануари 2016 година со првиот технички премиер Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој го замени дотогашниот премиер Никола Груевски. Самиот Груевски е потписник на Пржинскиот договор. Шарената револуција во Македонија, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не беше организирана ни инструирана од странство, туку од македонски граѓани што протестираа, а првичен мотив за протестите за протестите беше одлуката на тогашниот претседател Ѓорге Иванов да ги аболицира осомничените политичари за незаконското прислушкување.

Пржинскиот договор за надминување на политичката криза од 2015 година предвидува 100 дена пред парламентарните избори да се воспостави т.н. преодна влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори. Очекувањата се дека со учество на министри од опозицијата би се спречиле манипулациите на власта. На Груевски не му е направен државен удар, со оглед на тоа што самиот си поднесе оставка од претседател на партијата.

Во објавата се споделува и примерот со Роберт Фицо, премиер на Словачка. Тој во 2024 година беше застрелан во обид за атентат и беше во животозагрозувачка состојба. Наспроти обвинувањето дека ЕУ има некаква врска со обидот за атентат, за тој конкретен случај има точно идентификувано лице. Станува збор за 71 годишниот Јурај Цинтула, кој себеси се опишувал како писател што претходно работел како обезбедувач и е поврзан со проруската група „Словачки бранци“.

Врз Доналд Трамп, избран за претседател на САД во ноември годинава, имаше два обиди за атентат, но повторно неповрзани со ЕУ. Во период од 9 недели Трамп избегна два обиди за атентат, едниот на митинг, а другиот во неговиот голф клуб во Вест Палм Бич, Флорида. По драматичното пукање што Трамп го преживеа на 13 јули, тој беше ранет во увото. На митингот во Пенсилванија лицето што пукаше е Томас Метју Крукс и се верува дека бил сам. Политички мотив не е утврден, а уште помалку поврзаност со ЕУ како што се тврди во објавата што ја рецензираме, ниту, пак, е утврдено дека некој го инструирал или платил да го изврши обидот за атентат. Крукс е застрелан од снајперист непосредно после обидот за атентат.

За обидот за атентат во голф клубот на Трамп, обвинет е Рајан Весли Рут. Според Би Би Си тој е голем поддржувач на Украина, но во 2022 година бил одбиен во обидот да стане припадник на Меѓународната легија на земјата поради недостаток на борбено искуство.

Делот од објавата кој се однесува на Виктор Орбан, го има кажано самиот Орбан. Орбан се соочува со најакутната закана за неговото 14 годишно владеење откако неговиот политички противник има растечка предност во анкетите. Но, доколку граѓаните на Унгарија сакаат промена на власта, или доколку не сакаат, тоа не може да биде одговорност на ЕУ.

Секоја држава во ЕУ има сопствена внатрешна политика и ги бира своите лидери и политички фигури во системот на слободни и демократски избори. Во тие избори или на анкетите пред изборите, не е чудно ако се промени расположението на граѓаните во корист на еден или друг кандидат, но за тоа не може да се обвинува ЕУ или дека ЕУ „сака да намести кукла“.

Орбан не кажа како Европската Комисија наводно се обидува да ја сруши неговата влада и да постави кукла администрација и не цитираше никакви докази или ЕУ политики или изјави, за да ги поткрепи таквите обвинувања, пишува Ројтерс.

Владата на Орбан се спротивстави на политиките на ЕУ за обезбедување помош за правото на Украина да се брани од руската воена инвазија, и исто така се фалеше со добрите врски со Кремљ наспроти остатокот од ЕУ кој бараше да се изолира Москва со санкции. Политико наведува дека доколку Европската Комисија не биде убедена дека Орбан до крајот на годината ќе спроведе некои од европските реформи, тогаш паричните средства ќе бидат ставени во мирување.
Меѓу реформите што Унгарија треба да ги заврши за да ја убеди ЕУ да ги ослободи парите се промени во своите антикорупциски закони и законите што спречуваат судир на интереси, пишува Политико.
Не е точно дека ЕУ или надворешен фактор „донел своја послушна влада во Полска“. Изборите во Полска покажаа промена на расположението на гласачите. На изборите во 2023 година имало историска излезност на гласачите.
Точно е дека постојат политичари од Полска кои се соочуваат со обвинувања за корупција.
Оформени се бројни парламентарни истраги за да се види дали има оправданост во обвинувањата против претходната влада на Полска за наводите за злоупотреба на моќта, злоупотреба на јавните фондови и корупција, пишува Асошиејтед Прес.
Во објавата се споменува истрагата во Италија во која е осомничен Матео Салвини. Неговиот адвокат вели дека Салвини ги бранел интересите на Италија и треба да биде ослободен од обвиненијата за киднапирање брод полн со мигранти во 2019 година, кој бил држен вон брегот 3 недели. Обвинителството бара 6 години затвор за Салвини. Исто како и во случајот со Полска, тоа што поранешни политичари на власт се наоѓаат на суд за некои обвиненија, не ги прави „притиснати од ЕУ“. Теорија на заговор е да се каже дека во цела Европа постојат некои структури (во случајов самата Европска Унија) што ги „контролира и нарачува овие процеси“.
Не е точно и наведеното за Грузија и Романија, дека „шарената револуција во Грузија била со нивни луѓе“. Во Грузија граѓаните што протестираат на улиците на Тбилиси се Грузијци загрижени поради најавената блокада на европската иднина на државата до 2028 година и одбивање на европските средства за напредок на државата. Грузија е држава во која огромно мнозинство од граѓаните со години се декларираат како поддржувачи на европскиот пат на државата и затоа ваквата постапка на раководството предизвика масовни демонстрации. Внатрешни, а не надворешни.
Во Романија пак, наспроти наведеното во објавата дека „поништени биле претседателските избори зашто кандидатот што победи во првиот круг не е нивни“, поништувањето не е направено од ЕУ, туку од Уставниот суд на Романија! Причината е во докажаното надворешно мешање од руски актери во првиот круг, кој резултирал со неоправдана предност на кандидатот. Затоа Уставниот суд на Романија донесе одлука првиот круг од изборите да се поништи и да се почне од почеток со нов датум на изборите.
Во објавата се тврди дека „Франција не дозволила претседателски избори, правејќи заевистичка коалиција (урбани плус муслимани) за да ја надгласаат Ле Пен која истовремено ја ставаат под истрага“.
И овој пат станува збор за истрага и за обвинителството на Франција. Француските обивнители побараа затворска казна и 5-годишна забрана за политичка дејност за крајнодесничарската лидерка Марин Ле Пен. Ле Пен, нејзината партија РН и повеќе од 20 членови на партијата се обвинети дека злоупотребиле пари од Европскиот Парламент за да го платат персоналот, кој, всушност, работел за партијата во Франција, а тие ги отфрлаат обвинувањата. По повеќе од 6 недели сослушувања во парискиот кривичен суд, француските обвинители бараат казна затвор за Ле Пен и пет години да биде оневозможено таа да биде дел од политичкиот живот. За партијата тие бараат 2,1 милион долари парична казна. Истрагата според Политико трае барем 5 години, а пресудата треба да се објави во март 2025 година. Внатрешните процеси за време на изборите, односно тоа што партиите во Франција коалицираат за да добијат најголем дел од местата во националниот или Европскиот парламент е дозволено во политиката и не е никаква надворешна игра на ЕУ.

Објавата наведува и дека инфилтрираноста на тајната служба на Германија во крајндесничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) е отворена, што е предмет на судски битки во земјата. Германската разузнавачка служба уште еднаш победи во судски процес против крајно десничарската АФД. Работа на Агенцијата е да се грижи за демократските принципи што се всадени и во Уставот на Германија. Во 2021 година партијата била класифицирана како „сомнителна“. Но судот утврдува дека во тоа нема ништо спорно.

Партијата покрена судски спор заради ова, но безуспешно. Повисокиот суд одлучи дека АФД може да се класифицира како „сомнителна“ крајно десничарска екстремна организација, пишува Дојче Веле.

Во објавата која ја рецензираме се земаат внатрешно-политички, корупциски, прашања поврзани со безбедноста на Трамп, сомневања за корупција, различни протести во различни европски држави и тие се ставаат во еден кош иако се меѓусебно неповрзани и меѓу нив не може да се направи паралела, а уште помалку да се поврзат со еден центар ниту за нив да се обвини Европската Унија ниту пак да се подведат под „диктатура“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција