Објава по секоја цена сака да ја оправда руската агресија врз Украина

Селото Богородичне во Доњецката област во Украина по борбите за време на руската инвазија
Фото: Valentyn Stolyarchuk, Mykhailo Chubai / ArmiyaInform, via Wikimedia Commons

Oбјавата промовира руски наративи со цел да ја оправда руската воена агресија на Украина. Факт е дека никој не сака да го уништи православието, така што ќе ја напаѓа или уништува Русија. Никој не краде никaкви ресурси од Русија. Напротив, Русија го прави тоа во Украина. Не постојат никaкви сатанисти и содомисти, тоа се само теории на заговор кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано

Oбјавата промовира руски наративи со цел да ја оправда руската воена агресија на Украина. Факт е дека никој не сака да го уништи православието, така што ќе ја напаѓа или уништува Русија. Никој не краде никaкви ресурси од Русија. Напротив, Русија го прави тоа во Украина. Не постојат никaкви сатанисти и содомисти, тоа се само теории на заговор кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ZOSHTO MOLCHAT NASHITE PRAVOSLAVNI SVESHTENICI I SVETII KOGA GLEDAAT DEKA NEONACIFASHISTITE GO UNISHTUVAAT GENERALNO HRISTIJANSTVOTO, A POCHNAA PRVO SO ORTODOKSNITE PRAVOSLAVNI HRISTIJANI PORADI SLAVJANSKITE NARODI I OGROMNITE RESURSI NA RUSIJA KOJA OD SEKOGASH BILA CEL NA PLJACHKOSUVANJE OD SOTONISTITE I SODOMISTITE PEDOFILI. SMRT NA FASHISTITE – SLOBODA NA NARODOT!.

Објавата содржи неколку теории на заговор, како и дезинформации и манипулации кои кореспондираат со про-Кремљ наративите. Во дебанкирањето на наводите во објавата ќе одиме со ред.

Никој не го уништува христијанството и православието

Тврдењето дека „неонацифашистите“ (се мисли на западните земји) го уништуваат христијанството и православните христијани, алудирајќи на Русија, е класична манипулација. Со цел да ја оправда својата воена инвазија врз Украина, рускиот претседател Владими Путин почна да ја наметнува идејата дека Русија се бори за да го заштити христијанството и традиционалните вредности кои одат во духот на православието. Па така, Путин почна на светот да му се претставува како некој светец и заштитник на верата.

Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.

Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година, кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.

Демонизирањето на Украина и нејзините западни поддржувачи како безбожници оди рака под рака со про-Кремљ дезинформациите дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“.

Заедно, тие ја прикажуваат Русија како заштитник на овие вредности. Овој дезинформациски наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омразазаклучува Euvsdisinfo.

Во контекст на Русија и Путин, нивните поддржувачи често го нагласуваат православието, но повеќето држави со мнозинско православно население не се на страната на Путин, туку се членки на НАТО и/или ЕУ (на „неонацифашистите“ кои ги спомнува објавата), или, пак, преговараат тоа да бидат. Тоа се: Грција, Кипар, Бугарија, Романија, Црна Гора, Северна Македонија, Молдавија и Украина.

Целосно на страната на Путин е само Белорусија. Србија, пак, комуницира со Путин, но таа е и официјален кандидат за ЕУ. Иако за Путин тоа не е нешто толку негативно како НАТО, мораме да нагласиме дека тоа е сепак прозападен сојуз.

Путин не е светец или патријарх за да му се припишуваат врвни заслуги за православието, тој е бивш агент на КГБ, тајната разузнавачка служба на бившиот СССР која ја репресирала религијата. Исто така, и сликата која Путин ја создава за Русија како мошне побожна земја е нереална и тој тоа сака да го спои со својата носталгија за СССР, иако тоа е неспоиво.

Факт е дека западните земји не војуваат против Русија и немаат намера да уништат никакви традиционални и православни вредности за кои Русија самата се прогласува како единствен бранител.

Западните земји, обединети преку НАТО и ЕУ, не војуваат со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во која загинаа и гинат голем број на цивили и војници на украинска територија.

На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.


Западните земји не се фашистички

Објавата, зборувајќи за западните земји кои ја поддржуваат Украина, посочува дека тие се фашистички. Ова исто така е дел од пропагандата на Кремљ, за што Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.

Тврдењето дека западните земји, пред сè членките на ЕУ и НАТО, се фашистички, не е точно.

Фашизмот е екстремно десничарска, авторитарна, ултранационалистичка политичка идеологија и движење, што се карактеризира со диктаторски лидер, централизирана автократија, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во природна општествена хиерархија, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата.

Фашизмот ги отфрла тврдењата дека насилството е негативно или бесмислено, наместо тоа ги гледа империјализмот, политичкото насилство и војната како средства за национално освежување.

Фашизмот се залага за воспоставување на тоталитарна еднопартиска држава, при што авторитаризмот и национализмот често се манифестираат како верување во расна чистота или господарска раса, обично помешани со некоја варијанта на расизам или дискриминација…

Западните држави се обединети во Европската Унија и таа спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции кои меѓу другите ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.

ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, пак, фашистичките режими се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права.

ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. ЕУ се залага секоја земја членка да го задржи своето културно наследство, но и да се развијат меѓународни културни односи, што е видливо од стратегијата презентирана од Европската комисија насловена како Towards an EU Strategy for International Cultural Relations, чија цел е да се поттикне културна соработка меѓу ЕУ и нејзините партнерски држави. Оваа стратегија ја потенцира заложбата на ЕУ да се негуваат меѓународни културни односи со партнерства и интеракции и да се промовираат различните култури на земјите членки преку културна дипломатија.

Фашизмот промовира хомоген национален идентитет и често се вклучува во агресивен национализам и ксенофобија.

На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи.

 

Русија ги ограбува природните ресурси на Украина

Објавата понатаму тврди дека западните држави наводно ја напаѓале Русија за да ги крадат нејзините ресурси што и постојано го правеле. Но докази за ваквите тврдења не се понудени. Не е посочено конкретно на кои ресурси се мисли, кој тоа ги краде тие ресурси и слично.

Спротивно на тоа, факт е дека Русија ги ограбува природните ресурси на Украина. Имено, како што објавува Дојче Веле во една своја анализа на оваа тема, во земјата во близина на украинскиот град Днепрорудне има руда со содржина на железо од над 60 проценти. Пред војната, околу 4,5 милиони тони од оваа висококвалитетна железна руда се ископувале секоја година – а најголемиот дел се извезувал во Словачка, Чешка и Австрија. Но, сето тоа се променило во летото 2022 година, кога руските трупи го окупираа Днепарудне. Многу посакуваните и стратешки важни природни ресурси на Украина сега се испраќаат во Русија. На украински, словачки и чешки инвеститори во рударскиот бизнис им беше запленет имотот од Русија, наведува Дојче Веле.

Покрај железната руда, во Украина се наоѓаат клучни ресурси како јаглен, титаниум и манган. Застапени се и злато, природен гас, нафта, каолин, сол, гипс, циркониум и ураниум. Околу 80 отсто од украинските наоѓалишта на јаглен се наоѓаат во регионите окупирани од Русија. Целиот украински антрацит, или црниот јаглен, кој има висока енергетска густина, во моментов е под руска контрола. Тоа значи дека Украина е принудена да увезува јаглен од земји како САД и Јужна Африка.

 

Не постојат сатанисти и содомисти педофили

Објавата наведува и обвинува дека земјите кои се против Русија, односно западните земји, се содомисти педофили и сатанисти. Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, на некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добро позната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон. Според оваа теорија, една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само кога Доналд Трамп ќе се врати на претседателското место.

Според описот на Белингкет (bellingcat.com) Кју анон е теорија на заговор којашто лажно тврди дека Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). Освен во САД, оваа теорија на заговор е проширена во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, оние што ги шират антиваксерите. Следбениците на Кју остануваат активни и во теориите на заговор кои се однесуваат на Украина, пишува Белингкет.

Објавата шири и една добро позната теорија на заговор за наводни западни педофилски елити кои киднапираат деца. Според оваа теорија, грабнувањето на деца е со цел нивно измачување и производство на адренохром кој западните елити го пиеле за подмладување. Во целата оваа игра, поддржувачите на оваа теорија на заговор, како спасители ги гледаат во  Трамп и Путин.  Вистиномер за оваа теорија на заговор има пишувано во повеќе наврати.

Имајќи го сето ова предвид, може да се каже дека објавата промовира руски наративи со цел да ја оправда руската воена агресија на Украина. Факт е дека никој не сака да го уништи православието така што ќе ја напаѓа или уништува Русија. Никој не краде никакви ресурси од Русија. Напротив, Русија го прави тоа во Украина. Не постојат никакви сатанисти и содомисти, тоа се само теории на заговор кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано. Целата објава изобилува со дезинформации и манипулации и поради тоа ја оценуваме како невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција