Објава погрешно ги претставува законите за еутаназија во Канада и Холандија
Објавата неточно тврди дека Канада легализира или наскоро ќе легализира еутаназија на новороденчиња. Таков закон не постои, а важечката канадска регулатива дозволува медицинска помош при умирање само за полнолетни лица кои ги исполнуваат законските услови.
Објавата неточно тврди дека Канада легализира или наскоро ќе легализира еутаназија на новороденчиња. Таков закон не постои, а важечката канадска регулатива дозволува медицинска помош при умирање само за полнолетни лица кои ги исполнуваат законските услови. Исто така, манипулативно е претставена и состојбата во Холандија, кадешто не постои практика државата произволно да одлучува кои деца ќе живеат, туку исклучително рестриктивна законска процедура што се применува во многу ретки и строго дефинирани медицински ситуации
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
КОГА ЗЛОТО СТАНУВА ДОБРО…
Статија во Daily Mail алармира дека дозволувањето на еутаназија на бебиња – т.е. инфантицид – сериозно се разгледува во Канада:
Законите за асистирано самоубиство во Канада продолжија брзо да се шират во последниве години, а група лекари сега вршат притисок за еутаназија на новороденчиња со попреченост…
Бидејќи асистираните смртни случаи станаа главен дел од здравствениот систем на Канада, Колеџот на лекари од Квебек предложи легализирање на еутаназијата за бебиња, кои се родени со тешки болести.
Канада толку ентузијастички скокна во бездната на еутаназијата што нема никаков сомнеж дека инфантицидот навистина ќе биде официјализиран набрзо.
Тоа им е некако логично само по себе. Ако убивањето на старите е прифатлив одговор на страдањето, зошто да не бидат убивани и бебиња, за да не страдаат? Но, не е само Канада. Во Холандија ова е веќе пракса!
Холандија ја спроведе својата прва позната еутаназија на дете на возраст меѓу една и 12 години, според контроверзни прописи кои им дозволуваат на лекарите тивко да го прекинат животот на детето преку смртоносна инјекција, додека холандските комисии за смрт почнуваат да одлучуваат кои деца можат да живеат, а кои мора да умрат. А највознемирувачко од сè е што јавноста не знае речиси ништо за детето, чиј живот е прекинат.
Холандските власти одбија да ја откријат возраста, полот, медицинската состојба на детето или околностите околу смртта. Еутаназијата наводно се случила во декември, но не била јавно објавена до јуни.
Објавата тврди дека Канада е „на чекор“ од легализирање на еутаназија на новороденчиња, односно „инфантицид“, а како доказ се наведуваат текстови од порталите Daily Mail и LifeNews. Во продолжение се тврди дека во Холандија тоа веќе е пракса и дека „комисии за смрт“ одлучуваат кои деца ќе живеат, а кои ќе умрат.
Ваквите тврдења се манипулативни, бидејќи мешаат етички дебати, медицински протоколи и законски решенија, притоа изоставувајќи клучен контекст.
Во Канада е на сила системот Medical Assistance in Dying (MAID), кој овозможува медицинска помош при умирање, но исклучиво под строго утврдени законски услови. Според официјалните информации на канадската влада, право на MAID имаат само лица кои имаат најмалку 18 години и се способни самостојно да донесуваат одлуки за своето лекување.
Официјалните критериуми се достапни на следниот линк.
Тоа значи дека новороденчиња, деца и малолетници не можат да бидат опфатени со постојниот закон.
Вистина е дека во изминатите години во Канада постоеја експертски и парламентарни дискусии за можноста во иднина да се разгледа проширување на правото на т.н. „зрели малолетници“ (mature minors). Меѓутоа, овие препораки не станаа закон, а канадската влада не ја намали старосната граница. Независни проверувачи на факти од новинската агенција АФП утврдија дека тврдењата оти Канада легализирала или планира да легализира еутаназија за деца се неточни.
Објавата остава впечаток дека во Холандија постои систем во кој државата произволно одлучува кои деца ќе живеат, а кои ќе умрат. Тоа не е точно.
Според холандската влада, еутаназијата е дозволена само под исклучително строги законски услови, а лекарот мора да ги исполни сите законски критериуми за внимателност. Вообичаено, барањето мора да го поднесе самиот пациент. За малолетници постојат дополнителни ограничувања и задолжително учество на родителите, зависно од возраста.
Официјалното објаснување е достапно тука.
Во 2024 година Холандија ја прошири можноста за примена на исклучок и за деца на возраст од една до 12 години кои се во терминална фаза, трпат неподносливо страдање и немаат никаква перспектива за закрепнување. Според холандската влада, се очекува вакви случаи да бидат исклучително ретки – меѓу пет и десет годишно и секој од нив подлежи на повеќестепена медицинска и правна контрола.
Неодамна беше потврден и првиот ваков случај, но властите не ги објавија личните податоци на детето, токму поради заштита на приватноста и затоа што случајот е предмет на законска ревизија.
Оттука, не е точно дека „комисии за смрт одлучуваат кои деца мора да умрат“. Комисиите не носат одлука дали некој ќе биде еутаназиран, туку ретроактивно проверуваат дали лекарите ги почитувале законските критериуми.
Објавата се повикува на порталот LifeNews, кој е познат по својата силна идеолошка позиција против абортусот и еутаназијата. Наместо да информира дека во Канада станува збор за стручни расправи без законски измени, текстот тоа го претставува како неизбежна легализација на „инфантицид“.
Истовремено, за Холандија се користи емотивен речник како „комисии за смрт“ и „одлучуваат кои деца ќе живеат“, иако официјалната законска рамка покажува дека станува збор за исклучително ограничени медицински случаи со повеќекратен надзор и законска контрола.
Објавата неточно тврди дека Канада легализира или наскоро ќе легализира еутаназија на новороденчиња. Таков закон не постои, а важечката канадска регулатива дозволува медицинска помош при умирање само за полнолетни лица кои ги исполнуваат законските услови. Исто така, манипулативно е претставена и состојбата во Холандија, каде не постои практика државата произволно да одлучува кои деца ќе живеат, туку исклучително рестриктивна законска процедура што се применува во многу ретки и строго дефинирани медицински ситуации.
Поради сите наведени факти, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар