Објава погрешно ја претставува Прајд парадата во Лондон како регрутен центар за војната во Украина
Објавата лажно сугерира дека на снимката се гледаат британските специјални сили, дека Прајд парадата служи за регрутација на луѓе за војната во Украина и дека учесниците на парадата подоцна се испраќаат на источниот фронт. За ниту едно од овие тврдења не постојат докази.
Објавата лажно сугерира дека на снимката се гледаат британските специјални сили, дека Прајд парадата служи за регрутација на луѓе за војната во Украина и дека учесниците на парадата подоцна се испраќаат на источниот фронт. За ниту едно од овие тврдења не постојат докази
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која споделува видео од „Прајд парадата“ во Лондон и вели:
Господа, на видеово се децата и мажиштата на нашите стратешки партнери, односно Британски специјални униформирани сили кои вршат дефиле низ Лондон се со намера да соберат што поголема маса на луѓе со кои ќе одат да ја бранат Украина односно нападнат Русија.
Прашањето е следно, Дами и господа, вашите машки поколенија, присутни ли се на Британсково дефиле или допрва ќе ги пуштите да дефилираат и тие за да покажеме Натовска сила која е втемелена исклучиво врз основа на човековите слободи и права ???
Народецу, Овие горе споменатите Вие ги избравте, нешто слично како што го избраа и Зеленски во Украина. Се надевам дека желбата да бидите рамноправен член на Европа ќе ви се исполни , па затоа берете дури има пари за да може вашите деца да ги пратите прво на дефиле како Бриртансково кое претставува отскочна даска, па потоа на директниот источен фронт.
Објавата тврди дека на видеото од Прајд парадата во Лондон се гледаат „децата и мажиштата“ на британските специјални униформирани сили, кои наводно дефилираат со цел да соберат што повеќе луѓе кои потоа ќе бидат испратени да ја бранат Украина, односно да ја нападнат Русија.
Ова тврдење не е поткрепено со никакви докази и претставува комбинација од дезинформации и шпекулации.
Видеото е од London Pride (Pride in London) – годишна манифестација на ЛГБТИ+ заедницата која се одржува во британската престолнина повеќе од пет децении. На настанот редовно учествуваат илјадници граѓани, компании, синдикати, добротворни организации, јавни институции, како и претставници на државни служби, меѓу кои полицијата, противпожарните служби и припадници на вооружените сили.
Официјалната веб-страница на Pride in London покажува дека секоја година на парадата учествуваат стотици различни организации и десетици илјади учесници, без каква било поврзаност со воена регрутација.
Во објавата се тврди дека на снимката се гледаат припадници на „британските специјални униформирани сили“. Меѓутоа, нема никакви докази дека лицата на видеото се припадници на United Kingdom Special Forces (UKSF).
Напротив, британските специјални сили (SAS, SBS и другите единици во состав на UKSF) поради природата на нивните задачи не настапуваат јавно на вакви настани, ниту пак нивниот персонал се претставува на јавни паради како дел од службени активности.
Во минатото, на Прајд маршевите учествувале припадници на регуларните вооружени сили и здруженија како Proud2Serve – официјална ЛГБТ+ мрежа на британските вооружени сили, која има цел да обезбеди поддршка за ЛГБТ+ припадниците во армијата и да промовира еднаквост во рамките на службата.
Најсериозното тврдење во објавата е дека дефилето има цел да собере луѓе кои потоа ќе бидат испратени да се борат во Украина.
За вакво нешто нема никакви докази.
Владата на Обединетото Кралство обезбедува воена, финансиска и хуманитарна поддршка за Украина, но не врши присилна регрутација на цивили преку јавни манифестации, ниту постои политика според која учесници на Прајд се испраќаат на фронтот.
Во Обединетото Кралство вооружените сили се засноваат на доброволно пријавување.
Кандидатите кои сакаат да станат припадници на армијата мора да поминат низ формална процедура која вклучува: поднесување пријава; медицински прегледи; проверки на физичката подготвеност; интервјуа; основна воена обука.
Ниту еден официјален документ не предвидува регрутирање преку Прајд паради или други јавни собири.
Во објавата се прави и паралела меѓу изборот на македонските политичари и изборот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што се сугерира дека тоа ќе доведе до испраќање на младите луѓе на фронтот.
Ова претставува политички став и шпекулација, а не факт што може да се потврди со докази.
Дополнително, не постојат официјални информации дека државите членки на НАТО испраќаат свои граѓани во Украина преку механизми поврзани со јавни настани или Прајд паради.
Објавата лажно сугерира дека на снимката се гледаат британските специјални сили, дека Прајд парадата служи за регрутација на луѓе за војната во Украина и дека учесниците на парадата подоцна се испраќаат на источниот фронт. За ниту едно од овие тврдења не постојат докази.
Достапните официјални информации покажуваат дека видеото е од редовната Прајд парада во Лондон, на која традиционално учествуваат бројни јавни институции, компании и граѓански организации. Иако во одредени години на парадата учествуваат и претставници на британските вооружени сили како дел од иницијативите за еднаквост и инклузија, нема никакви докази дека станува збор за британските специјални сили или дека настанот претставува механизам за регрутирање лица за учество во војната во Украина.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар