Објава погрешно толкува германска карта која го прикажува Балканот во Средниот век
Објавата користи вистинска германска историска карта, но од неа извлекува заклучоци кои не се поткрепени ниту со самата карта ниту со релевантната историографија. Тврдењето дека картата прикажува „македонско царство“, дека Софија е означена како дел од Македонија и дека Бугарија е создадена дури во 1878 година е невистинито
Објавата користи вистинска германска историска карта, но од неа извлекува заклучоци кои не се поткрепени ниту со самата карта ниту со релевантната историографија. Тврдењето дека картата прикажува „македонско царство“, дека Софија е означена како дел од Македонија и дека Бугарија е создадена дури во 1878 година е невистинито
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Германска карта од македонскиот полуостров, со црвено е означено македонското царство или местото каде што живееле и владееле Македонците. И денес истите луѓе со слична и иста физиономија живеат на истото место. Оваа територија во владение на Македонија е до кај 17ти век, предходно била многу поголема. Но Католиците во соработка со Арапите во Отоманската империја, после падот на Македонската царска столица во Константинопол или Цариград денешен Истанбул, почнале да ја делат пополека. Софија спаѓа во Македонија а Грција сеуште не постои. Оваа карта најверојатно е фабрикувана со додавање на некој непостоечки држави во тоа време како што е Бугарија, која за прв пат се појавува во 1878год кога ја креирале католиците, во времето кога католиците ја делеа Македонија.
Објавата споделува фотографија од германска историска карта на Балканот и тврди дека означената територија со црвено претставува „македонско царство“, дека Софија припаѓала на Македонија, дека Бугарија е создадена дури во 1878 година од „католиците“, а дека по падот на Константинопол Македонија била постепено поделена.
Проверката на фактите покажува дека повеќето од овие тврдења не се поткрепени со историски извори ниту со самата карта.
Што прикажува картата?
Картата е германска историска карта која го прикажува Балканот во средината на XIV век, односно околу 1350 година. На неа се забележуваат германски називи како „Byzantinisches Reich“ (Византиско Царство), „Bulgarien“ (Бугарија), „Walachei“ (Влашка) и „Osmanisches Reich“ (Османлиска држава).
Картата е дел од историски атлас и не претставува оригинален документ од XIV век, туку подоцнежна историска реконструкција на политичката состојба во тој период.
Дали црвената боја означува „македонско царство“?
Не постои доказ за такво нешто. На картата не може да се забележи натпис „Makedonisches Reich“, „Mazedonisches Reich“ или „Македонско царство“. Напротив, територијата што е означена со розова боја одговара на државата на српскиот цар Стефан Душан, која во средината на XIV век се простирала врз голем дел од Балканот. Што може да се види и на самата карта прикажана на фотографијата во Фејсбук објавата (доле лево во описот стои Српско царство – Serbishes Reich на германски јазик, само делумно е покриено)
Историските карти за периодот околу 1350 година редовно ја прикажуваат државата на Стефан Душан како доминантна сила во регионот.
Оттука, тврдењето дека картата ја означува територијата како „македонско царство“ не произлегува од самата карта.
Дали Софија е прикажана како дел од Македонија?
Не. На картата јасно се гледа називот „Bulgarien“ над областа во која се наоѓа градот Софија (Sophia). Тоа значи дека авторот на картата ја сместува Софија во бугарскиот политички простор од тоа време.
Самата карта го побива тврдењето дека Софија е прикажана како дел од Македонија.
Дали Бугарија првпат се појавува во 1878 година?
Ова тврдење е неточно. Точно е дека модерната бугарска држава е обновена по Руско-турската војна и Берлинскиот конгрес во 1878 година. Но, Бугарија како државен ентитет постоела многу векови претходно.
Историчарите прават јасна разлика меѓу:
- Прво Бугарско Царство (681–1018)
- Второ Бугарско Царство (1185–1396)
- современата бугарска држава создадена во 1878 година
Затоа е неточно да се тврди дека Бугарија „првпат се појавила“ во 1878 година.
Дали е точно дека Грција не постоела?
Тврдењето е делумно точно само ако се мисли на современата грчка држава.
Современото Кралство Грција е создадено по Грчката војна за независност во XIX век. Меѓутоа, грчко население, грчки градови и грчки културен простор постоеле многу векови претходно.
Дали Константинопол бил „македонска царска престолнина“?
Нема историски извори што го потврдуваат ова тврдење.
Во XIV и XV век Константинопол бил престолнина на Византиското Царство, кое самото себе се сметало за продолжение на Римското Царство.
Во релевантната историска литература не постои прифатена теза дека Константинопол бил престолнина на некакво македонско царство во времето непосредно пред неговиот пад во 1453 година.
Дали „католиците со Арапите ја делеле Македонија“?
Не пронајдовме релевантни историски извори кои би го потврдиле ова тврдење.
По падот на Константинопол во 1453 година главната политичка и воена сила во регионот била Османлиската империја. Историската литература не содржи потврдена теза според која „католиците и Арапите“ заеднички ја делеле Македонија по падот на градот.
Објавата користи вистинска германска историска карта, но од неа извлекува заклучоци кои не се поткрепени ниту со самата карта ниту со релевантната историографија. Тврдењето дека картата прикажува „македонско царство“, дека Софија е означена како дел од Македонија и дека Бугарија е создадена дури во 1878 година е невистинито.
Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар