Објава преку лажно видео злоупотребува новинарка на Сител и промовира непостоечки лек за паразити
Видеото очигледно е дип фејк и во него е злоупотребена новинарката на Сител телевизија, а со помош на вештачка интелигенција е направен гласот да звучи како нејзиниот.
Видеото очигледно е дип фејк и во него е злоупотребена новинарката на Сител телевизија, а со помош на вештачка интелигенција е направен гласот да звучи како нејзиниот. Од нејзиното зборување и титлот кој оди во прилог на видеото, може да се забележи дека е полн со грешки, односно дека е направен со помош на лош Гугл транслејт
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која е споделено видео кое наликува на прилог на Сител телевизија бидејќи во него вести чита уредничката Славица Арсова.
Во видеото таа наводно зборува за извесен д-р Петро Чојк кој во директен пренос на социјалните мрежи покажал „30 секунден кујнски лајфкак способен да уништи до 98 проценти од паразитите во организмот без таблети и анализи“.
По ова, се додава во видеото, Европа била во шок, а илјадници гледачи изјавиле дека по само 48 часа им исчезнале симптомите што ги мачеле со години – подуеност, хроничен замор, магла во главата и проблеми со варењето.
Дури и Илон Маск потврдил дека тој метод го користеле вработените во „Спејс екс“ за да го одржат здравјето во изолирани услови.
Видеото наводно предизвикало бурни реакции, а фармацевтските гиганти почнале итно да го отстрануваат од платформите.
По наводното излагање на Арсова, следи видео од наводниот доктор Чојк кој зборува за паразитите и презентира ритуал за ослободување од нив. Тој дава насока да се стисне копчето по објавата за да го видите „чудотворниот лек“, но такво видео нема.
Видеото очигледно е дип фејк и во него е злоупотребена новинарката на Сител телевизија, а со помош на вештачка интелигенција е направен гласот да звучи како нејзиниот. Од нејзиното зборување и титлот кој оди во прилог на видеото, може да се забележи дека е полн со грешки, односно дека е направен со помош на лош Гугл транслејт.
Докторот кој наводно го презентира волшебниот лек, не успеавме да го најдеме никаде на Интернет, ниту според фотографијата, ниту според името.
Фотографијата од докторот ја ставивме на алатката Sightengine за препознавање содржина креирана со помош на вештачка интелигенција. Според оваа алатка, фотографијата е 98 проценти дело на ВИ.

Фејсбук страницата Composición natural која го споделува видеото, нема никаква врска со Сител телевизија. Во делот за информации пишува дека е ресторан за здрава храна и дека е креирана во Романија. Страницата има 1.000 следбеници и само една објава за некаков центар за масажа.

Очигледно е дека станува збор за измама и лажно видео кое има за цел да собере што е можно повеќе интеракции за да ја зголеми видливоста на социјалните мрежи.
Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар