Објава рециклира старо и побиено тврдење дека хидроксихлорокинот лекува ковид-19
Објавата шири лажни и непотврдени здравствени тврдења, претставувајќи го хидроксихлорокинот како лек за ковид-19, сугерирајќи дека маските и ограничувањата се непотребни. Научните докази не го потврдуваат тоа.
Објавата шири лажни и непотврдени здравствени тврдења, претставувајќи го хидроксихлорокинот како лек за ковид-19, сугерирајќи дека маските и ограничувањата се непотребни. Научните докази не го потврдуваат тоа. Лабораториски резултати, лични сведоштва за успешно лекување и повикување на студии што не се спроведени врз луѓе не можат да бидат замена за добро дизајнирани клинички испитувања. Оттука, тврдењата во видеото се лажни и научно непоткрепени
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Забрането видео од случувањата за време на КОВИД
Објавата споделува и видео од групата „America’s Frontline Doctors“, во кое се тврди дека хидроксихлорокинот може да го спречи и излекува ковид-19. Дополнително, се сугерира дека носењето маски и мерките за ограничување на движењето се непотребни бидејќи постои лек против вирусот. Една од главните говорнички, докторката Стела Емануел, тврди дека успешно лекувала 350 пациенти со хидроксихлорокин.
Видеото потекнува од прес-конференција на групата America’s Frontline Doctors, одржана на 27 јули 2020 година пред Врховниот суд на САД во Вашингтон. Настанот бил дел од таканаречениот „White Coat Summit“, организиран со поддршка на Tea Party Patriots. На прес-конференцијата докторката Стела Емануел го промовирала хидроксихлорокинот како лек за ковид-19. Оригиналниот пренос на Breitbart бил отстранет од Facebook, YouTube и Twitter поради ширење невистинити информации за лекување на ковид-19.
Тврдењето дека хидроксихлорокинот е лек за ковид-19 не е поткрепено со квалитетни научни докази. Според анализата на Associated Press, поголемиот дел од истражувањата покажале дека лекот не е ефикасен во лекувањето на оваа болест. Експертот за заразни болести Амеш Адалја од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ изјавил дека нема ригорозни научни докази оти комбинацијата на хидроксихлорокин, азитромицин и цинк носи корист во лекувањето на ковид-19.
Во 2020 година, американската Агенција за храна и лекови (FDA) ја повлече дозволата за итна употреба на хидроксихлорокин и хлорокин за лекување на ковид-19 кај хоспитализирани пациенти. Одлуката се темелеше на резултати од големи и рандомизирани клинички испитувања, кои не покажале корист во намалувањето на смртноста или забрзувањето на закрепнувањето. Ова е спротивно на пораката во видеото дека лекот претставува сигурен начин за спречување и лекување на инфекцијата.
Светската здравствена организација не го препорачува хидроксихлорокинот за лекување на ковид-19. Според СЗО, анализата на резултатите од 30 клинички испитувања со повеќе од 10.000 пациенти покажала дека лекот не ја намалува смртноста, потребата од механичка вентилација или времетраењето на механичката вентилација. СЗО исто така предупредува на можни сериозни несакани ефекти, вклучително и нарушувања на срцевиот ритам.
Во видеото се повикуваат на истражување од 2005 година, кое покажало дека хлорокинот има антивирусно дејство врз коронавирусот SARS во лабораториски услови. Но, резултатите добиени врз клетки не значат автоматски дека лекот е ефикасен и безбеден кај луѓето. За да се потврди такво тврдење, потребни се клинички испитувања врз пациенти. Затоа, повикувањето на лабораториски резултати како доказ дека хидроксихлорокинот го лекува ковид-19 е научно неоправдано.
Според анализата на АП, Националниот институт за здравство спровел истражување на хидроксихлорокинот и не утврдил корист кај пациентите со ковид-19. Дополнително, национална студија спроведена во болници за ветерани во САД, која опфатила 368 пациенти, покажала дека кај пациентите кои примале хидроксихлорокин имало повеќе смртни случаи отколку кај оние кои добивале стандардна нега. Овие наоди се во спротивност со тврдењето дека лекот е ефикасен и безбеден третман за болеста.
Видеото шири лажни и непотврдени здравствени тврдења, претставувајќи го хидроксихлорокинот како лек за ковид-19 и сугерирајќи дека маските и ограничувањата се непотребни. Научните докази не го потврдуваат тоа. Лабораториски резултати, лични сведоштва за успешно лекување и повикување на студии што не се спроведени врз луѓе не можат да бидат замена за добро дизајнирани клинички испитувања. Оттука, тврдењата во видеото се лажни и научно непоткрепени.
Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар