Објава се обидува да пропагира оправдание за руските напади врз Украина каде гинат цивили
Нападите од Москва повторно и повторно таргетираат резидентни згради, железнички станици, центри на градови, болници, евакуациски конвои и собири на луѓе а секој напад предизвикува голем број на цивилни жртви.
Најсмртоносните напади врз цивили од почетокот на неиспровоцираната воена инвазија што Русија ја почна врз Украина се добро документирани. Нападите од Москва повторно и повторно таргетираа станбени згради, железнички станици, центри на градови, болници, евакуациски конвои и собири на луѓе, а секој напад предизвикува голем број на цивилни жртви
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал преку кој се оправдува руското бомбардирање врз Украина и убивањето на цивили во тие напади. Во објавата се цитира политичкиот коментатор Даглас Мек Грегор и пишува:
Кога ќе сместиш војници, оружје и муниција во цивилен објект тогаш тоа е легитимна воена цел. Не е точно дека Русија напаѓа цивилни објекти, Украина е таа што ги крши правилата на војувањето.Даглас Мекгрегор …
Најсмртоносните напади врз цивили од почетокот на неиспровоцираната воена инвазија што Русија ја почна врз Украина се добро документирани.
Нападите од Москва повторно и повторно таргетираа станбени згради, железнички станици, центри на градови, болници, евакуациски конвои и собири на луѓе, а секој напад предизвикува голем број на цивилни жртви.
Лансирањето ракета со касетна муниција е нешто што Русија го прави за да убие што повеќе цивили, изјавија од канцеларијата на Претседателот на Украина осврнувајќи се на еден од нападите во Суми, во кој се користеа фрагменти кои експлодираа среде воздух за да се предизвика што поголема штета на околните области.
Имаше толку многу крв, мртви луѓе секаде, изјави 19-годишната Анастасија Шестопал која од овој напад се здоби со инвалидитет односно ѝ беше ампутирана ногата.
И покрај големиот број цивилни жртви Русија продолжува да ги напаѓа украинските градови со овие ракети кои се застарени и озлогласено непрецизни кога се истрелани во урбани средини, според британските безбедносни агенции.
Петкатница со станари во градот Часив Јар беше мета на еден од најсмртоносните рукси напади на цивили во 2022. На 9 јули голем број ракети беа истрелани за 20 секунди. На спасувачите им требаа 5 дена да ги пребараат урнатините. 9 луѓе беа најдени живи, а 46 цивили беа убиени вклучително едно дете. Русија лажно тврдеше дека убила 300 војници во нападот.
На 14 јули 2022 во исто време кога во Хаг се одржуваше конференција за воени злосторства на Русија во Украина, Русија започна напад на градот Виница во Украина, кој е лоциран далеку од бојното поле. Меѓу 10 и 11 часот наутро на работен ден, истрелани беа ракети во центарот на градот.
Повредени беа 200 луѓе. Лиза Димитријева, 4-годишно девојче од Украина со Даунов синдром која се враќала од логопед со мајка ѝ, беше една од 28-те убиени цивили во нападот. Фотографии од нејзината крвава количка како лежи на патот до нејзиното тело станаа вирални онлајн.
Кремљ рутински тврди дека цели на воени цели кога напаѓа цивилни области, но само во 1 случај со масовен број жртви, интернационалните набљудувачи најдоа дека украинските сили се делумно одговорни за загрозување на цивилите откако зазеле позиции во домот за стари лица Стара Краснианка во Луганск во 2022. Поради тоа што имало поставени мини околу старскиот дом украинската војска потврди дека не можела да евакуира 86 луѓе од него. На 11 март 2022 Русија нападна зграда со тешка артилерија, убивајќи 56 цивили.
Меѓународниот закон налага дека дури ни присуството на војници не ја оправдува воената акција ако има голем ризик од цивилни смртни случаи, изјави Дмитро Ковал, адвокат и директор на украинската организација за човекови права „Трут Хаундс“ за „Киев Индепендент“.
Руските вооружени сили систематски вршеле злосторства против човештвото ловејќи цивили со дронови, според извештај објавен во средата од страна на независната комисија за Украина на ОН. Во него се вели дека од јули 2024 руските сили периодично убивале и повредувале украински цивили што живееле во областа 100 километри околу реката Днипро.
Нападите со дронови се широко-распространети, систематски и како дел од државно координирана политика, пишува во извештајот.
Жртвите според „Политико“ во најголем број биле мажи, но имало и жени и деца. Цивилите биле таргетирани во различен сплет на околности, често кога пазареле за дневните потреби, со автомобил или пешки.
Нападите се одвивале со регуларен тек, со истиот модус операнди, од што се гледа дека се планирани, насочени и организирани. Нема информации што би сугерирале дека руската Армија или цивилни авторитети презеле било какви чекори да ги превенираат овие злосторства, вели комисијата на ОН додавајќи дека 150 цивили се убиени а стотици повредени во таа област.
Русија систематски уништи докази и спречи меѓународна истрага за нападите вклучително и нивното бомбардирање на драмскиот театар во Мариопол на 16 март 2022 кога беа убиени меѓу 300 и 600 луѓе.
Амнести Интернешнал го нарече нападот јасно воено злосторство.
Руски напад врз Суми се случи и на 13 април кога Русија изведе „дабл тап“ (двоен напад) со ракети „искандер“ во центарот на Суми. Вкупно 35 цивили беа убиени, меѓу нив 2 деца, а над 100 лица беа повредени. Еден од нападите уби и патници во патнички автобус. 13-годишно дете извлече неколку преживеани од автобусот што гореше, меѓу кои и мајка му.
9 деца беа убиени одеднаш во 2025 во станбена област со детско игралиште, ресторан и згради за живеење во Криви Рог, родниот град на Володимир Зеленски. Некои од нив си играле со дедовците и бабите, а некои биле дома со семејствата. Министерството за одбрана на Русија тврдеше дека нивниот „прецизен“ напад таргетирал состанок на „командири и западни инструктори“ што се одржал во ресторан и дека убиле 85 од нив. Но, безбедносните снимки покажаа дека никаков армиски персонал не бил таму, според Франс 24.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар