Објава шири дезинформации за дигиталните валути на Европската централна банка

Фото: Извор: © Европска централна банка, Франкфурт, Германија

Дигиталните валути на Европската централната банка (ЕЦБ) нема да бидат воведени годинава. Конкретно, ЕЦБ има за цел да биде подготвена за потенцијално прво издавање на дигиталното евро во текот на 2029 година, под претпоставка дека регулативата ќе биде усвоена во 2026 година. Исто така, не е точно тврдењето дека воведувањето на дигиталните валути на ЕЦБ е „крај на финансиската приватност“. ЕЦБ го наведува токму спротивното како еден од принципите при дизајнот на дигиталното евро, а тоа е заштита на приватноста

 

Дигиталните валути на Европската централната банка (ЕЦБ) нема да бидат воведени годинава. Конкретно, ЕЦБ има за цел да биде подготвена за потенцијално прво издавање на дигиталното евро во текот на 2029 година, под претпоставка дека регулативата ќе биде усвоена во 2026 година. Исто така, не е точно тврдењето дека воведувањето на дигиталните валути на ЕЦБ е „крај на финансиската приватност“. ЕЦБ го наведува токму спротивното како еден од принципите при дизајнот на дигиталното евро, а тоа е заштита на приватноста

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Го нарекуваа теорија на заговор. Велеа дека никогаш нема да се случи. Сега, тоа е тука. Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, потврди дека дигиталните валути на централните банки (CBDC) ќе бидат воведени оваа година.
ШТО ЗНАЧИ ОВА? Целосна финансиска контрола – Секоја трансакција ќе биде следена и контролирана од државата. Крај на финансиската приватност – Готовината постепено ќе се укинува, а секое евро што ќе го потрошите ќе биде следено. Програмабилни пари – Владата ќе одлучува што можете да купите, колку можете да потрошите, па дури и каде можете да купувате.
ПЛАНОТ НА ГЛОБАЛИСТИТЕ ЗА КОНТРОЛА: Дигитален идентитет + CBDC = Нема трансакција без одобрение од државата. Систем за социјален кредит = Ограничувања на трошењето врз основа на вашето однесување, активноста на социјалните мрежи и јаглеродниот отпечаток. Лажни кризи = Тие создаваат економски колапс, климатска хистерија и воена паника за да го наметнат овој дистописки систем. Поткуп преку отпис на долгови = „Пријавете се за новиот систем и ние ќе ви ги избришеме долговите.“ Многумина ќе паднат во стапицата. МОМЕНТОТ Е ДОЈДЕН – МОРАТЕ ДА ИЗБЕРЕТЕ.
Дали сакате државата да го контролира секој аспект од вашите финансии? Дали сакате вашата можност да купувате храна, да патувате и да пристапувате до услуги да зависи од вашата послушност? Или ќе го отфрлите нивниот систем и ќе се борите за финансиска слобода?

Не е точно дека претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, потврдила дека дигиталните валути на централните банки (CBDC) ќе бидат воведени оваа година. Како што може да се види од нејзиното неодамнешно јавно обраќање, таа најави дека на 21 септември 2026, ќе биде пуштен во употреба Понтес, што не е исто со дигиталното евро. Понтес е инфраструктура за трансакции меѓу финансиски институции, а не нов дигитален паричник за граѓаните и нивното секојдневно плаќање во продавница. Европската централна банка експлицитно го опишува Понтес како решение за „wholesale tokenised asset transactions“. Тоа значи дека банките и другите финансиски пазарни учесници навистина влегуваат во нова инфраструктура за дигитални односно токенизирани финансиски средства. Понтес не е исто што и дигиталното евро.

Што се однесува на дигиталните валути на Централната банка, тие нема да бидат воведени годинава. Конкретно, Европската централна банка има за цел да биде подготвена за потенцијално прво издавање на дигиталното евро во текот на 2029 година, под претпоставка дека регулативата за дигитално евро ќе биде усвоена во 2026 година.

Официјалниот дизајн на дигиталното евро не предвидува ЕЦБ да може директно да ги идентификува корисниците и нивните трансакции. Кај офлајн плаќањата, според ЕЦБ, деталите за трансакцијата би им биле познати само на плаќачот и примачот, на начин споредлив со готовината. Кај онлајн плаќањата, давателите на платежни услуги би имале обврски поврзани со правилата против перење пари, како што е случај и со денешните банкарски сметки, но eвросистемот не би можел директно да ги поврзе трансакциите со конкретен корисник. Затоа не може да се каже дека воведувањето на дигиталната валута автоматски значи „државата ќе ја следи секоја трансакција“.

Дури и кога плаќате преку интернет, ние ќе се погрижиме вашите финансиски активности да останат ваши. Евросистемот нема да може директно да ве поврзе со вашите плаќања. Дигиталното евро ќе биде јавно добро, па затоа никогаш нема да ги користиме вашите податоци за комерцијални цели, пишува на сајтот на Европската централна банка.

Според наведеното на сајтот на Европската централна банка на прашањето „кој друг би имал пристап до вашите податоци“, дадениот одговор е:

Како и со другите методи на дигитално плаќање, посредниците како вашата банка би имале пристап само до личните податоци што се неопходни за усогласување со законите на ЕУ, како што се прописите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. За да ги користат вашите податоци за комерцијални цели, ќе им биде потребна ваша изречна согласност.

Се додава и дека податоците достапни на ЕЦБ ќе бидат псевдонимизирани, што значи дека банката нема да види никакви лични податоци што би можеле да ве идентификуваат.

Вашата банка ќе има пристап до минималните информации потребни за усогласување со законите на ЕУ. Ние сме посветени на користење на најновите технологии за подобрување на приватноста, а воедно продолжуваме да оценуваме нови мерки што би можеле да бидат изводливи и ефикасни. Ќе бидеме надгледувани од независни органи за заштита на податоци за да се осигури дека се придржуваме до законот на ЕУ за заштита на податоците – најсилните правила за приватност и безбедност во светот, стои на сајтот. 

Не е точно дека воведувањето на дигиталните валути на ЕЦБ е „крај на финансиската приватност“ наспроти наведеното во објавата. ЕЦБ токму спротивното го наведува како еден од принципите при дизајнот на дигиталното евро: заштита на приватноста. Предвидено е офлајн дигиталното евро да има ниво на приватност слично на готовината, додека кај онлајн плаќањата платежните посредници ќе мора да ги почитуваат постојните правила за спречување финансиски криминал. Тоа, се разбира, не значи апсолутна анонимност. Но „не е апсолутно анонимно“ и „државата ќе следи секое ваше плаќање“ не се исто тврдење.

Не е точно ни дека готовината постепено ќе се укинува. ЕЦБ го дефинира дигиталното евро како дигитална форма на готовината, која треба да ги надополнува банкнотите и монетите, а не да ги замени. Во својата стратегија ЕЦБ експлицитно наведува дека целта на дигиталното евро не е да ја замени физичката готовина.

Не е точно дека владата ќе одлучува што можете да купите. ЕЦБ експлицитно прави разлика меѓу дигитално евро и програмабилни пари. Програмабилните пари можат да бидат ограничени за конкретна намена, локација или период, слично на ваучер. Но ЕЦБ наведува дека дигиталното евро нема да биде програмабилни пари и дека нема да има ограничувања за тоа каде, кога или со кого може да се користи. Постоењето на можност за автоматски или условни плаќања не е исто што и владата да одредува што смеете да купите.

Во објавата нема доказ за причинско последична врска меѓу дигиталниот идентитет и CBDC со која државата би го одобрувала секое плаќање. Напротив, актуелниот дизајн на дигиталното евро предвидува негово користење преку платежни посредници, додека ЕЦБ наведува дека самиот Евросистем нема да може директно да ги идентификува корисниците преку податоците од трансакциите. Правилата против перење пари и финансирање тероризам постојат и денес за банкарските трансакции.

Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, нема доказ во официјалниот проект за дигиталното евро дека неговата функција ќе биде поврзување на плаќањата со однесување на граѓанинот, активност на социјалните мрежи, политички или други ставови, „социјален кредит“ или јаглероден отпечаток. Во актуелниот проект на ЕЦБ нема предвидено механизам според кој граѓаните би добивале бришење на долгови во замена за користење дигитално евро.

ЕЦБ навистина предвидува банките и другите платежни посредници да го дистрибуираат дигиталното евро. Во 2026 година се избрани 36 даватели на платежни услуги за учество во пилот-проектот за дигиталното евро. Но самиот пилот-проект за дигиталното евро треба да започне дури во втората половина на 2027 година.

„Вистиномер“ и претходно го дебанкираше тврдењето дека дигиталното евро ќе биде „програмирано“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција