Објава шири дезинформации за хантавирусот
Патентот за вакцина против хантавирус што го има американската армија не значи дека постои развиена или одобрена вакцина, туку само дека постоел истражувачки модел за можен пристап кон нејзино создавање.
Патентот за вакцина против хантавирус што го има американската армија не значи дека постои развиена или одобрена вакцина, туку само дека постоел истражувачки модел за можен пристап кон нејзино создавање. Тоа што во документот на Фајзер хантавирус се појавува во AESI листа не значи дека вакцината го предизвикува, туку дека станува збор за категорија на состојби што се следат како потенцијални сигнали во системот за безбедносен надзор. Во двата случаи, се работи за научни и регулаторни механизми што лесно се погрешно интерпретираат ако се извадат од контекст
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Кога епштајн – класата има можност да заработи , воедно да ги заштити природните ресурси од непродуктивни јадачи ( 90% од светската популација ) тогаш е време за нова афера . Здравствена , разбира се’.
Вештачки создадениот Хантавирус и вакцината против против него е патентиран 14 ноември 1991 година . Патентот е оформен во 1994 . Публикуван и издаден 1997 година . Патентот е сопственост на Министерството за војна на САД . Сопственик – армијата на САД. Воедно , разработка и производство на : ебола , сибирска јазва , чума и разни хеморолошки трески .
Во стариот документ од Фајзер како страничен ефект ( неблагопријатен настан ) од нивните вакцини е наведен Хантавирус . Предизвикува заглушување и деформација на имунолошкиот систем. Ова го прави организмот слаб кон ретки вируси и нивни мутации.
Неодамна , на 22 и 23 април со учество на 26 држави (600 доктори и експерти ) се’случија против пандемиски вежби Поларис 2 , под патронат на СЗО . Одработале памдемиско сценарио на координација , изолација , транспорт на заразените . Сличен настан по сличен повод имаше еден месец до ,, експлозијата ,, на аферата Корона .
Кога теоријата е совладана , преминаа на практична употреба . Претставата за ,,изгубените,, патници кои се’ раштркале во сите правци и насоки означува почеток на : истите пропагатори , истите измеќари на фармаколошката мафија во бели мантили , врвулици како пред суден ден во КАМ и СТКОМАК ( како во вакви моменти недостасува ХЕДИС ), фалц – вакцини за јавни личности и инфо-цергари и вистински за блажените .
Мината афера направи моден тренд од зобниците низ чии пори слободно пролетува и подмладок на лилјаци . Ханта – манта вирусот сигурно ќе лансира нова модна линија .
Прво, објавата неточно тврди дека хантавирусот е вештачки создаден. Хантавирусите се природни вируси што циркулираат кај глодари – претежно глувци и стаорци – и се познати многу децении наназад. Првите документирани случаи се од Корејската војна во педесеттите години од минатиот век. Нема научен доказ за лабораториско создавање на овој вирус.
Понатаму, тврдењето дека постои патент од 1991/1994/1997 за вакцина против хантавирус во сопственост на американската армија е точно, но погрешно интерпретирано. Постои патент: US5614193A – Hantavirus vaccine, Приоритет: 14.11.1991, Поднесен: 1994, Одобрен: 1997 Сопственик: US Army. Но, не постои вакцина.
Патентот само кажува како теоретски може да се направи вакцина, кои вирусни протеини би се користеле, кој метод на производство се предлага. Постојат експериментални и локални вакцини што се користеле или тестирале во Јужна Кореја и Кина (на пример Hantavax), но тие не се сметаат за модерна, глобално одобрена и високо ефикасна вакцина.
Во моментов има истражувања и клинички тестирања за нови вакцини, особено поради актуелниот интерес околу Andes hantavirus. Дури и најновите извештаи за случаите на крузерот MV Hondius велат дека „нема вакцина или специфичен лек“.
Трето, погрешно е тврдењето дека „Фајзер“ признал оти хантавирусот е несакан ефект од вакцините против ковид.
Во Pfizer FOIA документот постои листа: „Adverse Events of Special Interest (AESI)“, и таму се спомнува „Hantavirus pulmonary infection“. Но, она што е клучно да се спомне е дека AESI е листа за следење потенцијални сигнали. Тоа НЕ значи докажани несакани ефекти и НЕ значи причинско-последична врска. Фактчек.орг детално објаснува дека Appendix 1 е „watch list“ за мониторинг, а не листа на болести предизвикани од вакцината.
Експерти по фармаковигиланца за АФП објаснуваат дека AESI листата не е доказ за причинска врска со вакцината.
Што се однесува до вежбата на СЗО Polaris II – подготовка за нова пандемија, СЗО навистина организирала симулација, но вакви вежби се стандардна практика (пандемии, земјотреси, тероризам) и не значат дека се „планира“ вистински настан. И пред појавата на пандемијата на ковид-19 имало вежби како Event 201 (2019), но факт е дека пандемии од коронавируси се познати како научен ризик со децении и затоа се прават симулации.
Значи, патентот за вакцина против хантавирус што го има американската армија не значи дека постои развиена или одобрена вакцина, туку само дека постоел истражувачки модел за можен пристап кон нејзино создавање. Тоа што во документот на „Фајзер“ хантавирус се појавува во AESI листа не значи дека вакцината го предизвикува, туку дека станува збор за категорија на состојби што се следат како потенцијални сигнали во системот за безбедносен надзор. Во двата случаја, се работи за научни и регулаторни механизми што лесно погрешно се интерпретираат ако се извадат од контекст.
Од сето погоре моежеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е делумна невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар