Објава шири дезинформации за ХПВ вакцината
Тврдењето дека ХПВ-вакцината е наменета за сексуални работнички и „промискуитетни жени“, а дека нема причина да ја примаат 12-годишни деца, е неточно и стигматизирачко. Во него се мешаат сексуалното однесување, возраста за вакцинација и научно докажаната заштита од карциноми поврзани со хуманиот папиломавирус (ХПВ).
Точно е дека мажите немаат матка и не можат да заболат од рак на грлото на матката, но тоа не значи дека ХПВ-вакцината е непотребна за момчињата. Одредени типови на хуман папиломавирус можат да предизвикаат и други видови рак, вклучително и рак на пенисот, анусот и орофаринксот, односно во пределот на крајниците и коренот на јазикот
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ХПВ вакцина е добра за потенцијални сексуални “работнички” и промискуитетни жени меѓу народот познати како ороспии. Е сега, зошто овие вакцини се администрираат на 12 годишни деца, прашајте ги во здравство. Моиве синови сигурно нема да добијат канцер на матка, исто како што нивните соученички нема да добијат канцер на тестиси. Ова е мое мислење, за фактите обратете се кај Фајзер.
Тврдењето дека ХПВ-вакцината е наменета за сексуални работнички и „промискуитетни жени“, а дека нема причина да ја примаат 12-годишни деца, е неточно и стигматизирачко. Во него се мешаат сексуалното однесување, возраста за вакцинација и научно докажаната заштита од карциноми поврзани со хуманиот папиломавирус (ХПВ).
Вакцината не е наменета да одобрува или да поттикнува сексуална активност. Нејзината цел е да спречи инфекции со типови на хуманиот папилома вирус (ХПВ) што можат да предизвикаат рак. Превенцијата е најефикасна кога се спроведува пред лицето да биде изложено на вирусот, поради што вакцинацијата се препорачува во раната адолесценција, а не затоа што се претпоставува дека децата се сексуално активни. Наспроти наведеното во објавата, момчињата ја примаат ХПВ-вакцината затоа што вирусот не е ризик само за жените. Тој може да предизвика повеќе видови рак и кај мажите и кај жените, а вакцинацијата пред изложување на вирусот помага да се спречат дел од овие заболувања.
Многу луѓе го поврзуваат ХПВ првенствено со жените и ракот на грлото на матката. Но, тоа е само дел од приказната: мажите исто така можат да се заразат со ХПВ и да развијат сродни болести, вклучувајќи рак на грлото, анусот и пенисот. Во Германија, околу 3.000 мажи се дијагностицирани со малиген тумор поврзан со ХПВ секоја година.
Орофарингеалниот карцином е најчестиот рак поврзан со ХПВ кај мажите и сега ја надмина инциденцата на рак на грлото на матката кај жените. Покрај индивидуалната превенција, вакцинирањето на момчињата обезбедува и колективен имунитет и на тој начин ги штити другите невакцинирани лица, објаснува д-р Ута Емерих.
ХПВ е многу чест вирус што се пренесува главно преку интимен, вклучително и сексуален контакт. Инфекцијата може да ја добие секое лице што е изложено на вирусот, независно од полот, бројот на сексуални партнери или моралните оценки што општеството им ги припишува на луѓето.
Жената не мора да има голем број сексуални партнери за да се зарази со ХПВ. Исто така, нејзиниот сексуален живот не може да се користи како мерка за тоа дали ѝ е потребна заштита од вирусот. ХПВ-инфекцијата често поминува без симптоми, но одредени типови на вирусот можат да предизвикаат промени што со текот на времето доведуваат до рак.
ХПВ-вакцината е важна и за момчињата, бидејќи обезбедува заштита од одредени типови на хуман папиломавирусот (ХПВ) кои се поврзани со појава на рак на пенисот, анусот и орофаринксот, односно во пределот на крајниците и коренот на јазикот. Дополнително, вакцината штити од типовите на ХПВ кои најчесто предизвикуваат генитални брадавици. Со вакцинирањето се намалува и ризикот од инфекција со типовите на вирусот опфатени со вакцината, а со тоа и можноста за нивно пренесување на сексуалните партнери. Вакцината против ХПВ се прима на одредена возраст
Светската здравствена организација (СЗО) ја препорачува ХПВ-вакцинацијата за девојчиња на возраст од 9 до 14 години, пред да станат сексуално активни. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) ја препорачува на возраст од 11 до 12 години, со можност да се започне уште на деветгодишна возраст.
„Фајзер“ не произведува ХПВ вакцина спротивно на наведеното во објавата.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар