Објава шири невистини за вакцините под превезот на патриотизмот

Вакцини против ковид-19 на АстраЗенека Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Корелацијата меѓу победи и порази во спортски натпревари и елиминација преку вакцинација е теорија на заговор која првпат се шири на социјалните мрежи во С. Македонија. Одбивањето на вакцинацијата не носи никаква здравствена придобивка, туку напротив – отвора врата за враќање на смртоносни епидемии.

Корелацијата меѓу победи и порази во спортски натпревари и елиминација преку вакцинација е теорија на заговор која првпат се шири на социјалните мрежи во С. Македонија. Одбивањето на вакцинацијата не носи никаква здравствена придобивка, туку напротив – отвора врата за враќање на смртоносни епидемии

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Забележавте дека македонците во сите натпревари победуваат. Затоа сатаната сака да не збрише. Одбивајте вакцини по секоја цена.

Во објавата не е наведено на какви натпревари се мисли, но позадината од спортски терен и тревник, асоцираат на спортски натпревари. Корелацијата меѓу победи и порази во спортски натпревари и елиминација преку вакцинација е теорија на заговор која првпат се шири на социјалните мрежи во С. Македонија. Ниту статистички, ниту фактички не е можно „Македонците да победуваат во сите натпревари“. Примери за порази во спортот (секако неповрзани со вакцинација) може да се пронајдат во македонските медиуми од понов датум, од оваа година на пример.

Независно од тоа, главната дезинформација во оваа објава е тоа дека „сатаната сака да нè збрише преку вакцинација“ што се согледува и преку повикот „одбивајте вакцини по секоја цена“. Ваквите објави претставуваат опасни, крајно неточни и научно неодржливи дезинформации кои креираат страв и емоционална манипулација невтемелена на медицински докази.

Пред да биде одобрена за масовна употреба, секоја вакцина поминува низ строги претклинички и клинички испитувања во три фази, кои вклучуваат десетици илјади доброволци. Понатаму, процесот на контрола не завршува со одобрувањето туку преку глобални системи за фармаковигиланца континуирано се следи секој несакан ефект и се внимава придобивките од вакцините да превладуваат и да доминираат. Сериозните несакани ефекти се екстремно ретки додека ризиците од компликации од самите болести се за стотици пати поголеми.

Апелот за одбивање вакцини „по секоја цена“ свесно ги премолчува последиците од болестите кои тие ги спречуваат. На пример, малите сипаници (морбили) може да предизвикаат воспаление на мозокот (енцефалитис), трајно оштетување на слухот, па дури и смрт. Друг пример е оној со полио (детска парализа). Имено, пред појавата на вакцината, илјадници деца останувале трајно парализирани. Денес, благодарение на вакцинацијата, оваа болест е речиси целосно искоренета на глобално ниво.

Дебанкирањето на ваквите невистинити апели за одбивање вакцини е важно поради колективното здравје. Одлуката за вакцинација не е само личен избор, туку е прашање на јавното здравје. Кога висок процент од населението е вакциниран тогаш се создава колективен имунитет.

Со одбивање на вакцините, директно се загрозуваат оние кои не смеат да се вакцинираат од медицински причини (лица на хемотерапија, лица со тешки имунокомпромитирани состојби). Масовното одбивање на вакцини би водело до колапс на здравствените системи преку преоптоварување на болничките капацитети, што пак би резултирало со неможност да се третираат други сериозни состојби (кардиоваскуларни, онколошки итн.).

Објавата земена како целина е неточна, логички неодржлива и претставува класичен пример за манипулација преку когнитивни предрасуди, поточно преку пристрасност и ширење страв. Преку потпирање на етноцентричен мит и емоционален наратив што лесно се дебанкира со најобична проверка на факти во областа на спортот се прави обид да се обесхрабри вакцинација. Како и секоја друга нација, така и македонските претставници во спортски, научни или културни натпревари имаат и победи и порази. Идејата за „апсолутна непобедливост“ е статистички невозможна и фактички неточна.

Преку ласкање на целната група со цел да се подигне националното его на читателот, се прави терен за тој да стане емоционално поранлив и посклон да го прифати следниот, опасен дел од тврдењето поврзан со вакцинацијата. Вакцините не се произведуваат локално или наменски за една специфична нација со цел нејзино „бришење“. Истите вакцини што се администрираат во С. Македонија, се аплицираат и во други држави.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција