Објава шири псевдомедицинско тврдење за тоа дека „ракот можел да се излекува со сода бикарбона“

Сода бикарбона Фото: Tszrkx, CC0, via Wikimedia Commons

Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, алкалната диета според Американскиот институт за истражување на ракот не може да ја смени ПХ вредноста на телото, така што иако храната како овошје и зеленчук е здрава, телото самото ја регулира ПХ вредноста на крвта, а не исхраната. Сервиси за проверка на факти повикувајќи се на научници ја дебанкираат оваа теорија.

Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, алкалната диета според Американскиот институт за истражување на ракот не може да ја смени ПХ вредноста на телото, така што иако храната како овошје и зеленчук е здрава, телото самото ја регулира ПХ вредноста на крвта, а не исхраната. Сервиси за проверка на факти повикувајќи се на научници ја дебанкираат оваа теорија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Д-р ЛЕОНАРД КАЛДВЕЛ: ВАКЦИНИТЕ Се „СМРТОНОСНО ОРУЖЈЕ“ ПРОТИВ ЧОВЕШТВОТО Д-р Леонард Калдвел е Автор на 19 Книги, Вклучувајќи ја и Популарната „Единствениот Одговор на Ракот“.
Според Институтот за Медицински Истражувања во Бад Нендорф, Долна Саксонија, Германија, д-р Калдвел има Највисока Стапка на Излекувани од РАК од 93,2%. Тој Излечил над 35.000 луѓе од Рак, а Бројот Постојано се Зголемува. Коментирајќи ја Вакцината Против Човечки Папилома Вирус, д-р Калдвел ги Нарекува Вакцините „Смртоносен Напад со Оружје“. На Прво Место, Докторот Посочува на Неплодноста како Последица од Вакцините. Заедно со д-р ШЕРИ ТЕНПЕНИ, Еден од Водечките Светски Експерти за Штетата од Вакцините, Тие Веруваат дека Единствената Цел на Вакцините е да Предизвикаат Неплодност кај Луѓето, што е Неопходно за Контрола и Намалување на Популацијата.
Оние што Создаваат Вакцини Сакаат Луѓето Повеќе да Немаат Деца; затоа тие Започнуваат Широки Кампањи за Вакцинирање на Децата. Американскиот Политичар Рик Пери еднаш Изјави дека Постои Закон според кој Секој треба да ги Вакцинира Своите Деца. По Неговата Изјава, Стотици Илјади Американски Девојки се Вакцинираа. Но, Никогаш Никаде Немало таков Закон. Сега сите Вакцинирани Девојки Веројатно Страдаат од Неплодност; 90% од нив имаат Зголемен Ризик од развој на РАК. Д-р Калдвел Раскажува за Случаи во кои Девојките Паднале во Несвест по Вакцинацијата, Илјадници Починале од Вакцини. Друг голем Дел, кои биле Вакцинирани со Вакцината •ГАРДАСИЛ•, Добиле Невролошки Заболувања. Во Америка, по Вакцинацијата со оваа Вакцина, многу Девојки имале Здравствени Проблеми; Некои дури и Починале. Вакцините се Токсични Кога едно Лице е Вакцинирано, неговото Тело ги Прима сите Токсични Елементи Содржани во Вакцината – Претежно КАНЦЕРОГЕНИ и Жива, што е Главната причина за ТУМОРИ во Мозокот. ЖИВАТА е Најтоксична од сите тешки Метали. Таа Делува на Сите Системи во Човечкото Тело: ЕНДОКРИН, НЕРВЕН, ДИГЕСТИВЕН, КОЖЕН итн. АЛУМИНИУМОТ е Единствениот Елемент што ја Преминува КРВНО-МОЗОЧНАТА Бариера без Проблеми. Крвно-Мозочната Бариера е Физиолошка Бариера помеѓу Циркулаторниот и Централниот Нервен Систем. Неговата Главна Функција е да Одржува Хомеостаза во Мозокот. Хомеостазата на Мозокот е Неговата Способност Постојано да ја одржува Својата Внатрешна Состојба, т.е. да Обезбеди Саморегулација. Ова е причината за сите Тумори на Мозокот.Важно е да се каже дека многу Тумори на Мозокот се Јавуваат Поради Живини Пломби во Забите и Имплантите. Но, Производителите на Вакцини не се Загрижени за овие Проблеми; Парите се Важни за Нив. Затоа, тие Постојано го Прошируваат Пазарот за своите Производи и со тоа го Зголемуваат својот Профит. Бројот на Вакцини Постојано се Зголемува, како и нивните Дози. Зошто Луѓето Веруваат во Придобивките од Вакцините Д-р Калдвел Верува дека голем Дел од Луѓето Веруваат дека Вакцините можат да им помогнат да не се Разболат од некои многу Опасни Болести, Вклучително и Рак. Но, за да не се добие Рак, важно е Телото да се Алкализира. Најлесниот Метод, како што Знаат нашите Читатели, е обична Сода Бикарбона Растворена во Топла Вода и Секојдневно Ладено Туширање. Постојат многу други Методи. Вакцинацијата, вели д-р Калдвел, е Кривично Дело, Напад врз Лицето; Вакцината никогаш не Заштитила Никого и нема да Заштити никого во Иднина, и Предизвикува Голема Штета на Телото. Ако Телото е Алкализирано, Вирусите не можат да Напредуваат во Него; Тоа преживува и се Храни во Кисела Средина. Нема докази дека Вакцините Делуваат. Сите Тестови и Студии ги Спроведуваат Производителите на Вакцини; Потоа тие ги Испраќаат Резултатите до Агенцијата при Министерството за Здравство и Човечки Услуги во САД. Доколку се Потребни „Независни“ Студии, тие се Финансирани од Производителите на Вакцини. Оваа Агенција Тврди дека Вакцините се Апсолутно Безбедни за Здравјето на Децата. Но, постојат докази дека Невакцинираните Деца се многу Поздрави од Вакцинираните. Во Повеќето Земји, тие Веруваат во Истражувањата на „Авторитативни“ Агенции, Вклучително и СЗО, чиј Авторитет се Сруши во Таканаречената Пандемија на Коронавирус. Еве што вели д-р Колдвел: „Ако му Платиме на Некого и му Кажеме дека ќе му Дадеме Пет Милиони Долари ако Каже дека ако ја Обоите Косата Сино, нема да Добиете Рак, Тие би Спровеле Апсолутно Научна Студија што би го Докажала ова Тврдење…“

Тврдењето на д-р Леонард Калдвел дека „ракот може да се излекува со диета што го алкализира телото е дебанкирана од научниците“, пишува „Вашингтон пост“ за тоа како некои луѓе се вртат кон ненаучни и неверодостојни методи на Фејсбук и Јутјуб да најдат лек за карцином. Повеќето од тврдењата дека Калдвел „излекувал илјади пациенти со рак“ доаѓаат од неговите сопствени веб-страници и промотивни материјали, а не од рецензирани медицински докази или признаени институции за истражување на ракот.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Раскринкавање“ повикувајќи се на германски „Велт“, вистинското име на Колдвел е Бернд Клајн и тој има докторат од неакредитиран универзитет затворен во 1998 година бидејќи таму било возможно да се купи диплома. Според портпаролот на Калдвел, кој дал изјава за „Вашингтон пост“, тој повеќе не третира пациенти. Казахстанската платформа за проверка на факти „Фактчек.кз“ наведува дека иако Колдвел себеси се опишува како водечки специјалист за рак, многу од неговите „достигнувања“ се сомнителни и не постојат докази за нив.

Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, алкалната диета според Американскиот институт за истражување на ракот не може да ја смени ПХ вредноста на телото. Иако храната како овошје и зеленчук е здрава, телото самото ја регулира ПХ вредноста на крвта, а не исхраната. Сервиси за проверка на факти повикувајќи се на научници ја дебанкираат оваа теорија.

Нема докази дека алкална диета може да превенира или излекува рак. Киселоста околу околината на туморот е резултат на метаболизмот на карциномот, а не причинител на ракот, наведуваат од Американскиот институт за истражување на ракот.

Австралиската организација Cancer Counsil наведува дека недостасуваат добро дизајнирани студии за алкална исхрана кај луѓето и нема докази дека оваа исхрана може да превенира или третира рак.

Не е точно дека со пиење сода бикарбона растворена во топла вода и секојдневно туширање со студена вода може да се превенира ракот. Наспроти наведеното во објавата, вакцинацијата не е кривично дело туку најголема придобивка на современата медицина која штити од голем број заболувања што може да се превенираат и не предизвикува „голема штета на телото“. Вакцините поминуваат процес на испитувања, клинички студии, контрола од здравствени регулаторни агенции и се администрирани на огромен број луѓе, така што доколку би биле штетни, тоа би било евидентно. Има докази дека вакцините се ефективни.

Вистиномер веќе ја дебанкираше невистината дека „невакцинираните деца биле многу поздрави од вакцинираните“. Авторитетот на Светската здравствена организација во пандемијата со ковид не се сруши, всушност, СЗО не им наметнува на државите, односно на нивните здравствени власти, како да управуваат со своите здравствени политики. Целиот процес на тоа како се одобруваат вакцините и колку процесот е ригорозен и сериозен, може да го погледнете на следниот линк.

Неточно е наведеното во објавата дека сите студии ги спроведуваат производителите на вакцини, кои потоа ги испраќаат резултатите до Агенцијата за здравство во САД, и дека независните студии се финансирани од производителите на вакцини. Истражувањата за вакцини не се финансирани само од производителите на вакцини. Финансирањето најчесто доаѓа од влади и јавни здравствени агенции.

Примери се National Institutes of Health, Centers for Disease Control and Prevention и European Medicines Agency, универзитети и болници. Многу студии за вакцини ги спроведуваат академски истражувачи, непрофитни и меѓународни организации како World Health Organization, Gavi, the Vaccine Alliance и фондации.  Производителите навистина финансираат многу студии, особено скапите клинички испитувања потребни за регулаторно одобрување. Сепак, студиите финансирани од производителите се контролирани на начин што има заштитни механизми како рецензија од други научници, независни надзорни одбори, регулаторна проверка, објавување на конфликт на интереси, и повторување на резултатите од други истражувачи.

Не е точно наведеното во објавата дека вакцините се „смртоносно оружје против човештвото“ ниту вакцините против ХПВ се „напад со оружје“. Во објавата се тврди дека ХПВ вакцините „предизвикуваат неплодност заедно со ковид вакцините“. Има и студии што не наоѓаат корелација меѓу ХПВ вакцината и неплодноста.

Деталите од студиите му беа презентирани на Комитетот, кој ги прегледа доказите и заклучи дека иако безбедноста на ХПВ вакцината доби големо медиумско внимание, доказите не сугерираат дека има причинско последична врска меѓу ХПВ вакцината и неплодноста, пишува СЗО.

Во објавата се тврди дека единствената цел на вакцините била депопулацијата, но таа спасува животи и бројот на луѓе што живеат на Земјата се зголемува постојано, така што теоријата на заговор за депопулација преку вакцинација е неточна. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година. Светското население расте, не се намалува.

Не е точно дека тие што создаваат вакцини сакаат луѓето да немаат деца и затоа почнуваат кампањи за вакцинирање на децата ниту дека сите вакцинирани девојки страдаат од неплодност а 90 проценти од нив имаат зголемен ризик од рак. Сите овие произволни нелогични и неточни тврдења се опасни по јавното здравје.

Во врска со наведеното во објавата дека „алуминиумот ја преминува мозочната бариера“, Вистиномер веќе има рецензирано слична објава за вакцината против ХПВ Гардасил.

На пример, ХПВ вакцината содржи алуминиум како вакцините за хепатитис Б. Алуминиумот го зајакнува имунолошкиот одговор на телото на вакцината. Луѓето се изложени на алуминиум секој ден преку храна, прибор за готвење, вода, па дури и мајчино млеко. Вакцините што содржат алуминиум се користат со децении и безбедно им се даваат на милијарди луѓе. Научниците и здравствените организации ширум светот внимателно ја следат безбедноста на вакцините против ХПВ. Стотици студии спроведени кај милиони луѓе ширум светот покажаа дека вакцината против ХПВ е безбедна. Во САД, безбедноста на вакцините ја следат неколку национални системи кои работат заедно за да се осигурат дека сите штетни ефекти од вакцините можат да се откријат рано. Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC) и Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA) ги прегледуваат сите сериозни несакани ефекти пријавени во Системот за пријавување на несакани ефекти од вакцини (VAERS) за да следат потенцијални безбедносни проблеми за кои можеби ќе треба дополнително проучување, наведуваат од Американското здружение против рак.

Живиниот антисептиктимеросал, конзерванс базиран на жива – се користеше во некои вакцини. Денес е отстранет или присутен во траги во повеќето детски вакцини наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме така што не може да се каже дека „вакцините се токсични и дека со вакцинацијата се прима канцерогена жива која пак причинува тумор на мозокот“. Гардасил не содржи жива. Вистиномер веќе има рецензија за наводите за штетни состојки во вакцините, а и студии покажуваат каква е ситуацијата со невролошки состојби и вакцинацијата.

Вакцините не предизвикуваат тумор на мозокот не се токсични, а конкретно за вакцината против ХПВ таа има несакани ефекти кои се најчесто во блага форма.

Живините (амалгам) пломби и нивната поврзаност со тумори е добро истражена тема. Досегашните големи научни студии не нашле докази дека забните амалгам пломби (кои содржат жива)предизвикуваат мозочни тумори, рак или други видови тумори.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција