Објава шири руска пропаганда дека Путин е месија кој се бори против глобалните сатанисти

Илустрација: Вистиномер

Не е точно дека воената инвазија врз Украина е за да се исчистат сатанисти кои владеат со некаква длабока држава.

Теоријата дека Путин се бори против сатанистите за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава е уште една теорија на заговор на Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина во борба против сатанистите. Не е точно дека воената инвазија врз Украина е за да се исчистат сатанисти кои владеат со некаква длабока држава. Во Украина има воена инвазија спроведена од страна на Русија, каде што секојдневно се губат човечки животи, а Украина е принудена да се брани од воената агресија на Путин

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:

Путин е месијата кој натодотнбо целиот свет со векови го чекаше да ја спаси земјината топканод сатаниститебкојнпланотсс да го сведст светското население на 500молиони од сегашните 7 # милјатди.и да воведат рден робовлсдетелски систем во кој тие ќе бидат владс а човекот ќе го има само правото на голиот живот и правоото да работат само за зголемување на нивното богатство. 

Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, на некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добро позната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон. Според оваа теорија, една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија.

Според описот на Белингкет (bellingcat.com), Кју Анон е теорија на заговор којашто лажно тврди дека ексамериканскиот претседател Доналд Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). Освен во САД, проширена е во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, оние што ги шират антиваксерите. Следбениците на Кју Анон остануваат активни и во теориите на заговор кои се однесуваат на Украина, пишува Белингкет.

Што се однесува до споменувањето на планот да се сведе светската популација на 500 милиони, станува збор за теорија на заговор, а не поткрепен факт.

Нема докази, односно ниту еден доверлив извор (научен, новинарски или официјален) не покажал дека постои глобален план за масовно намалување на населението.

Често оваа бројка (500 милиони) се поврзува со таканаречените Georgia Guidestones, споменик подигнат во САД во 1980-тите со натписи за „одржување на човештвото под 500 милиони во рамнотежа со природата“. Но, тоа е изјава на поединец, не постои официјален документ или план.

Во контекст на ова е и теоријата на заговор за „златната милијарда“ за која Вистиномер исто така има пишувано. Според неа, некоја светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад.

Оваа заговорничка теорија е често застапувана во говорите на рускиот претседател Владимир Путин, но и од други високи функционери на Кремљ, како линија за напад на Западот додека се одвива војната во Украина.

Во тој контекст Путин, во јули 2022 година, во говорот во Москва кажа:

Моделот на целосна доминација на таканаречената златна милијарда е неправеден. 

Веднаш потоа тој запраша:

Зошто оваа златна милијарда од целото население на земјината топка да доминира над сите и да наметнува свои правила на однесување?

Оваа теорија дека Путин се бори против сатанистите за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава, е уште една теорија на заговор на Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина во борба против сатанистите.

Некои корисници на социјалните мрежи веруваат дека Владимир Путин ја нападна Украина за да ја уништи ,,длабоката држава”, непостоечка светска влада. Но, ова не е точно. Путин долго време верува дека демократските нации треба да се под руска контрола, став кој доведе до вистинска агресивна воена инвазија врз Украина, која резултираше со илјадници жртви. Но, во поларизиран свет со недоверба во вистинските факти, дезинформациите се шират рапидно.

На другиот крај на спектарот дезинформации за причината на воената инвазија во Украина е тоа што приврзаниците на Кју Анон, ја слават инвазијата на Путин врз Украина, зашто веруваат дека е операција против длабоката држава. Тие се приврзани кон фантазија дека кабала на моќни, педофили, сатанисти, вклучително и демократи на високи позиции управуваат со длабоката држава.

Наративот дека воената инвазија во Украина е спас на човештвото од сатанисти од длабоката држава, опстојува на интернет од самиот старт на инвазијата и е пласиран од Кју Анон кругови. Тие лажно тврдат дека војната не е војна туку ,,неопходно чистење на кабалата и нивните операции и не е напад врз невини цивили”.

Не е точно дека воената инвазија врз Украина е за да се исчистат сатанисти кои владеат со некаква длабока држава. Во Украина има воена инвазија спроведена од страна на Русија, каде што секојдневно се губат човечки животи, а Украина е принудена да се брани од воената агресија на Путин. Приврзаниците на Кју Анон уште од почетокот на воената инвазија од Русија врз Украина ги поддржаа наративите на Русија кои се обиди за оправдување на агресијата, а Франс 24 тврди дека тука е вмешана и поддршката од Кина.

Секако, ова е пропаганда, односно куп неаргументирани, недокажани и непоткрепени тврдења, кои заеднички придонесуваат во креирањето на една илузија која треба да ја залажува јавноста.

Она што е факт е дека светското население расте, не се намалува, и тоа е доказ дека не постојат никакви глобалисти кои ја намалуваат популацијата. Во моментов (2025) има повеќе од 8 милијарди луѓе на планетата. Според Обединетите Нации, до 2050 година бројот ќе се зголеми на околу 9,7 милијарди. Според United Nations Department of Economic and Social Affairs (UN DESA), население во светот во 2024 година изнесувало околу 8,2 милијарди луѓе. Проекциите покажуваат дека населението ќе продолжи да расте уште неколку децении и ќе достигне можен врв од околу 10,3 милијарди во средината на 2080-тите.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција