Објава шири теории на заговор за депопулација на населението

Фото: La Responsable, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Објавата освен теории на заговор не нуди ништо друго, во неа нема никакви медицински и научни докази за тврдењата што ги содржи. Ширењето на вакви дезинформации најчесто потекнуваат од непроверени интернет-видеа, луѓе кои не знаат да читаат научни анализи, лажни „лабораториски“ снимки, намерна пропаганда

Објавата освен теории на заговор не нуди ништо друго, во неа нема никакви медицински и научни докази за тврдењата што ги содржи. Ширењето на вакви дезинформации најчесто потекнуваат од непроверени интернет-видеа, луѓе кои не знаат да читаат научни анализи, лажни „лабораториски“ снимки, намерна пропаганда

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која меѓудругото вели:

јаглеродот не ни е непријател. Климата отсекогаш се менувала. Но, геоинженерството создадено од човекот е вистинска закана за животната средина и човештвото. Геоинженерството, вклучувајќи ги и Chemtrail прскањата на небото, се користи за модифицирање на времето и животната средина. Операциите се тајни и имаат за цел депопулација. И овие злобни операции навистина предизвикуваат смрт и болести кај растенијата, животните и луѓето.

Eве ви доказ за тоа, видео (линкот е во коментар) во кое се обелоденува дека со помош на елетронски микроскоп кој овозможува скенирање и идентификација на составот на материјалот кој се гледа (човечка крв), пронајдени се шокантни состојки, како: НАНО-технологија, но и стронциум, бариум, радиоактвниот цезиум 137, итн. Сите овие состојки се употребуваат за производство на био-оружја и се разбира – ги предизвикуваат најопасните болести во телото на човекот. Откаде тоа во човечката крв? Секако не дошле со дозвола на луѓето, туку несвесно, преку вдишување или инјектирање…

Објавата ја промовира теоријата за постоењето на „кемтрејлс“ и „планско запрашување“ со отровни и тешки метали, теорија на заговор која се повторува постојано, иако е многупати разбиена од науката. Тврдењето дека постои тајна програма од големи размери за прскање од авиони е небазирано на факти во реалноста. Тоа што кондензаторските траги од авионите некому му изгледаат „различно“ не е поткрепено со никаков доказ. Трагите од авионите се контрејлс и има научно образложение како настануваат.

Белите траги кои авионите ги оставаат зад себе се создаваат кога водената пареа и ситните честички изгорено млазно гориво на авионите се замрзнуваат во кристали од мраз. При ниска влажност на воздухот, кристалите само се распаѓаат. При поголема влажност тие опстојуваат и на крајот создаваат видлива трага на големи површини на небото.

За формирање на контрејлс се потребни три елементи: водена пареа, студен воздух и честички на кои може да се кондензира водената пареа. Водената пареа се произведува од авионот додека водородот во неговото гориво реагира со кислородот во воздухот. Не сите авиони оставаат бели траги – се проценува дека ова се случува на само околу 18 отсто од летовите. Воздухот треба да биде доволно студен за водата да замрзне, поради што тие обично се појавуваат само над одредени надморски височини – обично над 6 километри височина.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време.

Објавата ја шири и добро познатата теорија на заговор за депопулација на луѓето, односно намалување на бројот на населението. Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, на некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добро позната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон. Според оваа теорија, една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација и се бават со педофилија.

Што се однесува до вториот дел од објавата, дека со помош на елетронски микроскоп кој овозможува скенирање и идентификација на составот на материјалот кој се гледа (човечка крв), пронајдени се шокантни состојки, како: НАНО-технологија, но и стронциум, бариум, радиоактвниот цезиум 137, итн, и ова не е точно.

Ниту една рецензирана научна студија, ниту здравствена институција (СЗО, CDC, EMA, NIH и др.) никогаш не пронашла такви материјали во крвта на општата популација, ниту по вакцинација, ниту по вдишување.

Електронските микроскопи прикажуваат структури, но не можат самостојно да идентификуваат „нанотехнологија“. Потребна е специјална анализа (EDS) за хемиски состав – а такви анализи што покажале бариум, стронциум или цезиум во човечка крв нема.

Во телото природно постојат честички на наноскала: протеини, екзозоми, отпадни продукти, соли и минерали. Некои луѓе неправилно ги интерпретираат овие природни структури како „нанороботи“.

Нема докази дека некој нешто инјектира во човечката крв неовластено, како што тоа го тврди објавата. Сите вакцини  имаат јавно достапни состави, регулаторни проверки, независни лабораториски анализи. Никаде не е пронајдено нешто што одговара на „тајна нанотехнологија“.

Не е точно дека преку „биолошки агенси и вакцини“ некој се обидува да направи депопулација. Биолошко оружје постои – многу држави го истражувале во текот на 20 век (на пример, за време на Втората светска војна и Студената војна). Но, меѓународни договори како Конвенцијата за биолошко оружје (1972) го забранија неговото развивање и користење. Нема потврдени докази дека некоја влада или организација неодамна користела такви агенси против цивили.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата освен теории на заговор, не нуди ништо друго. Во неа нема никакви медицински и научни докази за тврдењата што ги содржи. Ширењето на вакви дезинформации најчесто потекнуваат од непроверени интернет-видеа, луѓе кои не знаат да читаат научни анализи, лажни „лабораториски“ снимки, намерна пропаганда.

Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција