Објава шири теории на заговор за претседателот Кенеди

Фото: Cecil Stoughton. White House Photographs. John F. Kennedy Presidential Library and Museum, Boston, Public domain, via Wikimedia Commons

Ниту првата ниту втората фотографија не претставуваат доказ дека некој од личностите на овие две фотографии е „самиот Кенеди“ или како што пишува во објавата – „оригиналот“. Расел Пикет прикажан на фотографијата со Трамп, е сосема друго лице, неповрзано со Кенеди

Ниту првата ниту втората фотографија не претставуваат доказ дека некој од личностите на овие две фотографии е „самиот Кенеди“ или како што пишува во објавата – „оригиналот“. Расел Пикет прикажан на фотографијата со Трамп, е сосема друго лице, неповрзано со Кенеди

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат две фотографии и пишува:

Тоа беше двојникот на Кенеди.
Ова е оригиналот.
Почина пред 3 години.
Тоа е Трамп до него ..на еден од предизборните митинзи 2020.

Првата фотографија е насловна страница од таблоидот „Миднајт“ од 1971 година, каде била објавена бизарна гласина дека претседателот Џон Ф. Кенеди всушност не починал во Далас. Според сензационалистичката теорија на заговор на насловната „тој преживеал и бил тајно скриен на приватниот грчки остров Скорпиос“, каде што за него се грижеле медицински сестри. Таблоидот објавил нејасна фотографија на која наводно се гледа како Џеки Кенеди шета на Скорпиос покрај маж што личи на Џон Ф. Кенеди и медицински персонал.

Скорпиос е познат како приватен остров на покојниот грчки милијардер и магнат во индустријата за изградба на бродови, Аристотел Оназис. Тој го купил островот во 1963 година. Бидејќи Џеки Кенеди се премажи за грчкиот бродски магнат Аристотел Оназис во 1968 година, сензационалистичкиот печат од 1970-тите честопати го земаше парот на нишан со неверојатни измислици, со цел да продава весници на јавноста.

На втората фотографија пак, се наоѓа претседателот на САД Доналд Трамп, но не со Џон. Ф Кенеди како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку со војникот Расел Пикет за време на церемонијата на американските гробишта во Колвил-сир-Мер во Нормандија, како дел од настаните со кои се одбележуваше 75-годишнината од истоварувањето со кое започна сојузничката офанзива во Втората светска војна. Доналд Трамп, како што се гледа на фотографијата, ја покажа својата емотивна страна и топло го прегрна 94-годишниот ветеран од Денот Д нарекувајќи го „цврст човек“. Фотографијата е на „Ројтерс“. 

За време на говорот, Трамп рече:

Расел Пикет е последниот познат преживеан припадник на легендарната чета А. Војнику Пикет, нè удостојувате сите нас со Вашето присуство.

Пикет беше на бината за време на церемонијата, заедно со други ветерани од Втората светска војна, како и со Трамп, првата дама Меланија, како и францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит Макрон. Фотографијата е од 6 јуни 2019 година.

Пикет починал на 6 август 2020 година, една година по ова одбележување.

Како што може да се види од сето горенаведено, ниту првата ниту втората фотографија не претставуваат доказ дека некој од личностите на овие две фотографии е „самиот Кенеди“ или како што пишува во објавата – „оригиналот“. Расел Пикет прикажан на фотографијата со Трамп, е сосема друго лице, неповрзано со Кенеди.

Претседателот Кенеди беше прогласен за мртов во болницата „Паркленд Меморијал“ на 22 ноември 1963 година, откако се здоби со смртоносни прострелни рани. Неговата обдукција беше извршена во болницата „Бетесда“ во присуство на бројни медицински и воени претставници.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција