Објава шири теорија на заговор дека по директиви на ЕУ се убиваат домашните животни
Не постои никаква директива на ЕУ за уништување на стока во општ контекст или со цел намалување на животинското производство. Постојат исклучителни мерки за контрола на заразни болести, и тие се детално регулирани, транспарентни и ограничени на конкретни околности. Сè друго во јавниот дискурс (на пример: „ЕУ сака да избрише фарми“ или „да ни ја уништат стоката“) се неточни информации или теории на заговор, без поддршка од официјални документи
Не постои никаква директива на ЕУ за уништување на стока во општ контекст или со цел намалување на животинското производство. Постојат исклучителни мерки за контрола на заразни болести, и тие се детално регулирани, транспарентни и ограничени на конкретни околности. Сè друго во јавниот дискурс (на пример: „ЕУ сака да избрише фарми“ или „да ни ја уништат стоката“) се неточни информации или теории на заговор, без поддршка од официјални документи
Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди:
ПОЧНА СО ИСТРЕБУВАЊЕ НА СТОКАТА ВО ДОМАЌИНСТВАТА .ПО НАРЕДБА И СВЕТОГЛЕД НА ЕУ ПРОДОЛЖИЈА СО ИСТРЕБУВАЊЕ НА ДИВИ СВИЊИ И СЕ ШТО ЖИВЕЕ ПО ПЛАНИНИТЕ….ЌЕ ЗАВРШАТ СО ИСТРЕБУВАЊЕ ВО ЗОО…ИСТРЕБУВАЊЕТО НА НАС МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ВРШИ И ЌЕ ЗАВРШИ КОНТИНУИРАНО СО СИТЕ ДОСЕГАШНИ ИСТРЕБУВАЊА.
Објавата неосновано и без никакви докази тврди дека се уништува стоката во домаќинствата по наредба и налог на Европската Унија.
Тврдењата дека „ЕУ има директиви за масовно уништување на стоката“ – не се точни, туку се дел од теории на заговор што се појавија особено за време на енергетската криза, климатските мерки и реформите во земјоделската политика. Па така, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека ЕУ и ООН сакаат „да ги укинат фармите“ или „да ја забранат стоката за да се натераат луѓето да јадат инсекти“.
Ова произлегува од погрешни интерпретации на климатските цели (намалување на емисиите гасови од земјоделството) и од дебати за диверзификација на протеините (поголема употреба на растителни извори, не задолжително укинување на месото).
ЕУ нема директива која на фармерите им наложува да ја уништуваат здравата стока. Единствено во случаи на заразни болести (на пр. сивата чума) како контрола на ширење, се применуваат временски и строго издадени мерки:
Council Directive 92/119/EEC утврдува дека, ако болеста е потврдена, сите животни од чувствителните видови се убиваат и уништуваат (погребување или согорување), на самото место, за да се минимизира ризикот од инфекција и пренос.
Regulation (EC) No 1099/2009, според која е потврдено дека: убивањето животни во голем обем понекогаш е единствената алатка за контрола на високо заразни болести и се воведени строги стандарди за планско, надгледувано и отчетно уништување – а не произволно.
Animal Health Law (Regulation (EU) 2016/429) е збир на анти-епидемиските мерки од 2021 година, кои се фокусираат на превенција, надзор, рана детекција и контрола на болести по научни стандарди. Немa простор за уништување стока како стандардна мерка освен во строго разрешени случаи. Дополнителни регулативи ја подобруваат безбедноста при транспортот, идентификација и следење на животните (за кози, говеда и сл.).
Council Directive 93/119/EC и Regulation (EC) No 1099/2009 ја регулираат хуманата смрт на животните во кланици и во случаи на болест, за да се минимизира страдањето. Овие регулативи не се за насилно или произволно уништување, туку за етичко и одговорно третирање.
Значи, не постои никаква директива на ЕУ за уништување на стока во општ контекст или со цел намалување на животинското производство. Постојат исклучителни мерки за контрола на заразни болести и тие се детално регулирани, транспарентни и ограничени на конкретни околности. Сè друго во јавниот дискурс (на пример: „ЕУ сака да избрише фарми“ или „да ни ја уништат стоката“) се неточни информации или теории на заговор, кои немаат потпора во официјални документи на ЕУ.
За овие теории на заговор кои се појавија и кај нас, Вистиномер пишуваше во 2022 година. И тогаш на социјалните мрежи се раширија неосновани тврдења дека свињите во Македонија се еутанизираат поради неккава скриена агенда.
Нашата проверка тогаш утврди дека станува збор за моментална еутаназија само на еден вид животни – свињите и тоа поради вирусот на африканска чума којшто се ширеше низ фармите во Македонија. Од АХВ информираа дека постои разлика како ќе се третираат животните во зависност од тоа каква е фармата и дали се придржува до мерките за заштита односно биосигурносните мерки. Во радиус од три километри од жариштето се вршеше еутаназија во сите одгледувалишта кои не применуваа или имаа ниски биосигурносни мерки. Оние кои имаа високи биосигурносни мерки, нивните свињи одеа во кланица со која Агенцијата има потпишано договор.
Слични теории на заговор се појавија и за Хрватска.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постои никаква директива или наредба на ЕУ за уништување на домашната стока, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме. Поради тоа, истата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар