Објава споделува лажно видео од наводни украински војници кои упаднале во Врховната рада

Логото на украинската Врховна Рада Фото: Верховна Рада України, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Видеото нема никаква врска со вистински настани во украинската Врховна Рада, односно тоа е генерирано помош на вештачка интелигенција.

Објавата споделува видео на кое се гледа како наводни украински воени лица и воени ветерани присуствуваат на седница на Врховната рада на Украина и гласно им викаат на народните пратеници. Видеото нема никаква врска со вистински настани во украинската Врховна Рада, односно тоа е генерирано помош на вештачка интелигенција

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

ВИДЕОТО ГО БРИШИТЕ АМА ВИСТИНАТА ДЕКА НЕОНАЦИСТИЧКА УКРАИНА ЈА ЗАГУБИ ВОЈНАТА А ЕУ КАПИТУЛИРА НЕ ЌЕ МОЖ ДА ЈА СОКРИЕТЕ

Објавата споделува видео на кое се гледа како наводни украински воени лица и воени ветерани присуствуваат на седница на Врховната рада на Украина и гласно им викаат на народните пратеници.

Како што пишува сајтот за проверка на фактите Стопфејк, видеото нема никаква врска со вистински настани, односно тоа е генерирано со помош на вештачка интелигенција.

Ова се забележува при подетална визуелна анализа. Лицата на луѓето во видеото изгледаат заматени и неприродни, со ограничени и статични изрази и движења. Луѓето во позадина често седат неподвижни, без природни реакции, што е некарактеристично за видеата од реалниот живот на јавни места. Воените униформи содржат бројни грешки: на униформите може да се видат непостоечки или искривени лепенки, а украинското национално знаме често има неточни бои или пропорции – на пример, комбинација од жолта, сина, а потоа повторно жолта, или премногу голем, нереален амблем, пишува Стопфејк во својата анализа на повеќе слични видеа.

Скриншот од видеото

Самата сала за состаноци, исто така, изгледа нереално: украинското знаме во просторијата има погрешна шема на бои, а архитектурата и деталите за ентериерот не се совпаѓаат со вистинската сала на Врховната рада.

За да ги потврди своите наоди, Стопфејк спровел технички преглед на видеата користејќи ја алатката DeepFake-O-Meter од Лабораторијата за медиумска форензика на Универзитетот во Бафало. Оваа алатка ги анализира видеата користејќи збир на независни алгоритми кои откриваат знаци на генерирање на вештачка интелигенција и дигитална манипулација. За да се обезбеди сигурност, секое видео било проверено од повеќе детектори.

Резултатите од анализата беа слични и недвосмислени. Повеќето детектори покажаа исклучително голема веројатност за вештачко потекло на видеото – од 90 до 100 отсто. Овие вредности се типични за синтетичка или значително изменета видеосодржина и не одговараат на параметрите на автентичните видеоснимки, наведува Стопфејк.

Целта на ваквите лажни вести е да се поткопа довербата меѓу украинското општество, вооружените сили и владата, да сее раздор, да се зголеми емоционалната тензија и да се предизвика агресија, вклучително и повици за насилство против владини претставници.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција