Објавата дезинформира за наводно „уметничко паркирање“ во Скопје
Во случајов не станува збор за никакво „уметничко паркирање“, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме, туку за сообраќајна незгода во која било вклучено трето возило поради кое двата автомобила завршиле поставени така како што се прикажани на фотографијата во објавата
Во случајов не станува збор за никакво „уметничко паркирање“, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме, туку за сообраќајна незгода во која било вклучено трето возило поради кое двата автомобила завршиле поставени така како што се прикажани на фотографијата во објавата
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
И ова го има во Скопје: Автомобил паркиран врз друг автомобил!
Објавата споделува фотографија на која се гледаат два автомобила од кои едниот со задниот дел е качен врз предниот дел на другиот автомобил.
Ваквата фотографија предизвикала низа коментари под објавата.
Објавата споделува и напис во кој се посочува:
Несекојдневна случка е забележана денеска во Скопје, град каде што сообраќајот од година в година станува сè понеподнослив.Факт е дека низ градот недостасуваат многу паркинг места, но факт е и дека голем дел од возачите воопшто не внимаваат на другите – ниту кога возат, ниту кога паркираат. Утрово, на улицата „Народен фронт“, едно возило беше буквално „пригушено“ под задниот дел на друго возило, кое било паркирано врз него. Засега не е познато дали возачот изгубил контрола врз возилото или станува збор за некаква (лоша) намера, но фотографиите од местото говорат доволно – задниот дел на SUV-то е целосно качен на предниот дел од „бубата“, при што изгледа како случајно или „уметничко“ паркирање. Овој инцидент е уште еден показател за сообраќајната (не)култура што владее во главниот град.
Во написот нема никаква официјална изјава за тоа што се случило, туку само произволни претпоставки.
Но, во случајов не станува збор за никакво „уметничко паркирање“, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме, туку за сообраќајна незгода во која било вклучено трето возило поради кое двата автомобила завршиле поставени така како што се прикажани на фотографијата во објавата.
Тоа на Фејсбук го потврди и сопственичката на еден од автомобилите, д-р Маја Кирјас, која објави и видео со објаснување за тоа што се случило.
Возилото е мое! Или поточно на мојата ќерка. Паркирано уредно. Позади паркирано друго возило. Во 6 часот од гостилница „Дукат“ слушаат јак удар од трето возило кое ги удира возилото позади мене и моето Нисан возило! Уредно паркиран пред зграда каде живеам. Снимката за жал покажува се. Одредени портали на несреќата на граѓаните прават шоу. За порталите би дала сугестија – не пренесувајте лажни вести како би ни оставиле простор на тронка верба во она што го читаме, стои во Фејсбук објавата на д-р Кирјас.
Значи нема никакво непрописно и некултурно паркирање, туку ширење дезинформации за сообраќаен инцидент за кој не се прашани официјални лица.
Поради тоа објавата ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар