Објавата шири невистини за Римскиот клуб
Римскиот клуб не е ниту централна светска власт, нема ниту војска ниту моќ на законодавец. Mисијата на Римскиот клуб е да „дејствува како глобален катализатор на промени“ преку спонзорирање на студии и конференции и издавање извештаи и соопштенија за медиумите кои се фокусираат на долгорочните глобални проблеми и нивните меѓусебни врски“.
Римскиот клуб не е ниту централна светска власт, нема ниту војска ниту моќ на законодавец. Mисијата на Римскиот клуб е да „дејствува како глобален катализатор на промени“ преку спонзорирање на студии и конференции и издавање извештаи и соопштенија за медиумите кои се фокусираат на долгорочните глобални проблеми и нивните меѓусебни врски
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Знаете што се случува без синтеза на витамин Д кај луѓето ? Кога ќе дознаете зошто, ќе сватите и зошто не прскаат од Небо! Римскиот Клуб на чело со Рокфелер под кои стојат Черепи и Коски има за цел создавање на Една Светска Влада и контрола над масите! И сега??? И сега како е возможно тоа ? Со помош на графен оксидот! Од тука и вистината за Откривенијата од Јован со жигот на десното рамо кој ќе има одлучувачка улога во создавањето, ама и Ар Магедон! Владо Павлов
И делот од објавата за постоењето на „Римскиот клуб на чело со Рокфелер“ чија цел е „создавање една светска влада и контрола над масите“ е теорија на заговор фокусирана на тоа дека „има тајна елита водена од семејството Рокфелер која контролира влади и економии, намерно создава кризи со енергија, храна и пандемии и заговара депопулација и нов светски поредок“. Во реалноста, Римскиот клуб е јавна невладина тинк-тенк организација основана во 1968 година чии членови се научници, економисти и поранешни политичари кои дискутираат за глобалните проблеми како климата, ресурсите и развојот. Mисијата на Римскиот клуб е да „дејствува како глобален катализатор на промени“ преку спонзорирање на студии и конференции и издавање извештаи и соопштенија за медиумите кои се фокусираат на долгорочните глобални проблеми и нивните меѓусебни врски.
Римскиот клуб нема ниту власт, ниту војска ниту моќ на законодавец.
Од својот прв извештај во 1972 година, насловен како „Границите на растот“, Римскиот клуб се посвети на идентификување на најкритичните проблеми со кои се соочува човештвото, вклучувајќи го осиромашувањето и загадувањето на животната средина; демографските проблеми; нееднаквиот развој во рамките на и меѓу нациите; квалитетот и распределбата на работата; социокултурното влијание на новите технологии; нефункционалните образовни системи; глобализацијата на економијата; и меѓународниот финансиски неред.
Римскиот клуб го води Извршен комитет од единаесет членови, кој назначува претседател, потпретседатели, генерален секретар и благајник. Во 2018 година, Римскиот клуб за прв пат во својата историја назначи две жени – Мамфела Рамфеле (Јужна Африка) и Сандрин Диксон Деклев (Белгија) да ја водат организацијата.
Организацијата ја основале Аурелио Пекеи, италијански индустријалец, и Александар Кинг, шкотски раководител на одделението за наука во ОЕЦД. Различни теории на заговор го поврзуваат основањето на Римскиот клуб со семејството Рокфелер, бидејќи основачите на клубот ги одржувале своите први состаноци во октомври-ноември 1968 година во Вила Сербелони, Белаџо, во сопственост на Рокфелер. Всушност, клубот бил основан порано, на 7 април 1968 година, во Рим, пишуваат проверувачите на факти на Митдетектор.
Клубот нема за цел креирање „една светска влада и контрола над масите“. Римскиот клуб сега делува како платформа за соработка со над 150 членови, лидери во своите области кои опфаќаат различни географски подрачја и дисциплини. Вклучува над 35 национални здруженија и шири идеи за промена на системот преку повеќе од 45 извештаи, редовни настани, тековни партнерства и наградуван поткаст.
Не е точно ниту наведеното во објавата дека „не прскаат од небо“. Ваквото тврдење всушност е една широко распространета теорија на заговор чии елементи се содржани и во останатиот дел од објавата.
Најчесто таа теорија на заговор се поврзува со тоа дека „прскањето од авионите“ со хемикалии (кемтрејлс) е всушност „докажано“ со тоа што позади нив останува бела трага. Но, белите траги позади авионите претставуваат контрејлс. Авионите летаат на голема височина каде воздухот е многу ладен, а водената пареа од моторите се замрзнува и создава ледени кристали. Кога воздухот е влажен, трагите се шират и остануваат подолго. Кога е сув – исчезнуваат брзо. Нема никаква „шема на прскање“, туку атмосферски услови и нормални процеси.
Дополнително кога би постоело „прскање од авиони“ како што е наведено во објавата, тогаш тоа логистички би било невозможно да се крие. За „прскање“ би биле потребни специјални авиони и резервоари, илјадници луѓе што молчат и огромни количества хемикалии. Ништо од ова во реалноста не постои.
Илјадници пилоти и техничари секојдневно управуваат со авиони. Ниту еден кредибилен сведок нема потврдено вакво „прскање со авиони“. Она што го гледаме како бела трага позади авионите, се нормални авионски траги, објаснети со физика и метеорологија, а не со тајни програми за „прскање од небо“.
Како дополнение на различните дезинформации во објавата се додава и дека „контролирањето на масите преку едната светска влада ќе се правело со „помош на графен оксидот“. Прво, не постои една светска влада. Ниту една организација нема глобална моќ над сите држави. Ниту ОН, ниту СЗО ниту ЕУ не донесуваат закони за државите и зависат од доброволна соработка.
Светот е политички поделен и конфликтен, не е централизирано управуван. Графен оксид е пасивен материјал, не е чип, не пренесува сигнали и нема интелигенција. Вистиномер во повеќе наврати го дебанкираше широко распространетото тврдење дека графен оксидот бил присутен во ковид-19 вакцините.
Последниот дел од објавата се однесува на верско уверување, и не е предмет на оваа рецензија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар