Објавата шири невистини за вирусот нипа, ковид вакцините и војната во Украина

Графички приказ на ширење на вирусот нипа Фото: https://www.myupchar.com/en, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Ковид пандемијата не може да се споредува со неколкуте случаи на вирусот нипа во Индија, бидејќи постои разлика помеѓу начинот на кој се шират овие вируси.

Ковид пандемијата не може да се споредува со неколкуте случаи на вирусот нипа во Индија, бидејќи постои разлика помеѓу начинот на кој се шират овие вируси. Имено, ковид се пренесува преку дишење, зборување, престој во затворени простории – што овозможи масовно и брзо ширење. Луѓето можат да го шират вирусот без да знаат дека се заразени, поради што тешко се контролира. Нипа не се шири лесно меѓу луѓето, не е вирус што се шири во воздухот – потребен е близок физички контакт или контакт со телесни течности. Најчесто инфекцијата потекнува од лилјаци или контаминирана храна, не од масовен човечки пренос. Историски, епидемиите на нипа се мали и брзо згаснуваат

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Повторно лилјак. Сега не е Кина, сега е Индија. Повторно нема вакцина, значи народот ќе јаде 3-4 дози “експериментални”, .. и како за на крај, алтернатива на вакцина за искоренување на вирусот …. некоја земја. Тогаш Украина, сега …

Објавата прави споредба помеѓу вирусот нипа и вирусот ковид, што не се споредува, па оттука и шири теории на заговор за експериментални вакцини и погрешно тврди дека војната во Украина ставила крај на пандемијата на коронавирус.

Вирусот нипа (Nipah virus) е редок, но многу сериозен вирус што може да предизвика тешка болест кај луѓе и животни. Нипа е зоонотски вирус (се пренесува од животни на луѓе). Првпат е откриен во 1998 година во Малезија.

Природен „резервоар“ на вирусот се овошни лилјаци (flying foxes), а луѓето можат да се заразат директно од лилјаци, преку заразени животни (најчесто свињи) и од човек на човек (преку телесни течности и близок контакт). Стапката на смртност е висока — често помеѓу 40–75 отсто, зависно од епидемијата и здравствената грижа.

Овој вирус најчесто се појавува во Јужна и Југоисточна Азија. Нема специфичен лек или одобрена вакцина засега. Лекувањето е поддржувачко (интензивна нега, контрола на симптоми).

Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари соопшти дека постои низок ризик од ширење на вирусот нипа од Индија и дека не препорачува воведување ограничувања за патување или трговија откако во земјата беа потврдени два случаја на зараза. СЗО наведе дека Индија има капацитет да ги спречи таквите епидемии и дека нема докази за зголемен пренос на вирусот од човек на човек, со напомена дека е во постојана координација со индиските здравствени власти. Истовремено, не е исклучена можноста за понатамошно изложување на вирусот, кој циркулира меѓу популацијата на лилјаци во делови на Индија и соседен Бангладеш.

Ковид пандемијата не може да се споредува со неколкуте случаи на вирусот нипа во Индија, бидејќи постои разлика помеѓу начинот на кој се шират овие вируси.

Имено, ковид се пренесува преку дишење, зборување, престој во затворени простории – што овозможи масовно и брзо ширење. Луѓето можат да го шират вирусот без да знаат дека се заразени, што го направи тешко да се контролира. Вирусот циркулираше меѓу држави пред да биде откриен и запрен.

Нипа не се шири лесно меѓу луѓето,  не е вирус што се шири во воздухот – потребен е близок физички контакт или контакт со телесни течности. Инфицираните често стануваат тешко болни и неподвижни, што го ограничува ширењето. Најчесто инфекцијата потекнува од лилјаци или контаминирана храна, не од масовен човечки пренос. Историски, епидемиите на нипа се мали и брзо згаснуваат.

Значи, ковид стана пандемија затоа што беше лесно заразен и често „тивок“. Нипа е многу поопасен во поединечки случаи, но премногу тежок за пренос за да се шири глобално.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека вакцините против ковид биле експериментални, оваа теорија на заговор за време на пандемијата, но и сега, особено ја ширеа антиваксерите, за што Вистиномер има пишувано во повеќе наврати. Факт е дека ковид вакцините не се експериментални.

„Вистиномер“ веќе пишуваше дека вакцината на „Фајзер“ има трајно одобрение за употреба, коешто важи неограничено време, односно засекогаш. Добивањето на таквото одобрение за употреба не ги поколеба антивакциналните кругови да продолжат да се расфрлаат со термините ,,експериментална” вакцина за да му наштетат на процесот на имунизација.

Од август 2021 година, вакцината на „Фајзер“ повеќе нема дозвола за употреба во итна состојба, како што имаше дотогаш, туку стана првата вакцина во светот, која доби целосна дозвола за употреба од Американската агенција за храна и лекови.

Комесарот на Американската агенција за храна и лекови, Џенет Вудкок, рече дека јавноста може да биде исклучително сигурна дека вакцината ги исполнува највисоките стандарди на безбедност, ефективност и високи стандарди во начинот на нејзиното производство.

Не е точно ниту тврдењето во објавата дека војната во Украина ставила крај на пандемијата на ковид-19. Неиспровоцираната воена инвазија којашто Русија ја започна во Украина во февруари 2022 година нема никаква врска со крајот на ковид пандемијата.

На 5 мај 2023 година, повеќе од 1 година по стартот на војната што Русија ја почна во Украина, Светската здравствена организација прогласи крај на ковид пандемијата.

Пандемијата со ковид-19 заврши благодарение на комбинација на медицински, социјални и биолошки фактори. Милиони луѓе ширум светот беа вакцинирани, а други се стекнаа со природен имунитет преку прележување на болеста што создаде висока стапка на популациски имунитет, значително намалувајќи ја сериозноста на болеста и хоспитализациите.

За крајот на пандемијата придонесе и тоа што новите варијанти станаа позаразни, но генерално предизвикуваат помалку сериозна болест, особено кај вакцинираните. Иако уште има ризици кај некои групи, општата стапка на смртност и хоспитализации споредено со претходните варијанти (на пример делта варијантата) се намали.

СЗО за да прогласи крај на пандемијата не ја користеше војната во Украина како критериум – туку критериумите беа намален број на случаи, хоспитализации и смртни случаи, високи нивоа на имунитет, немањето докази дека доаѓа нова поопасна варијанта и системите кои зајакнаа доволно за да не предизвикуваат состојби на итност во иднина при третирањето на заболените од ковид-19.

Поради сето ова, оценуваме дека објавата што ја анализираме е неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција