Објавата шири стари теории на заговор за ковид вакцините

Вакцини на Астра Зенека Фото: Arne Müseler / www.arne-mueseler.com, CC BY-SA 3.0 DE, via Wikimedia Commons

Наспроти произволните тврдења искажани во објавата дека вакцините против ковид-19 се отровни и содржат „графен оксид и микротехнологија”, медицински експерти ширум светот се категорични дека во вакцините нема вакви состојки, а тоа го покажуваат и официјалните извештаи од медицински професионални здравствени агенции. Тврдењата во објавата дека десетици лекари во Канада умреле „ненадејно и неочекувано“ од ковид вакцините, односно дека биле убиени, е невистина. Оваа информација ја имаат дебанкирано неколку светски сервиси за проверка на фактите. Според нивните проверки за смртта на дел од лекарите, тие починале од сосема други причини кои немале никаква врска со вакцините

Наспроти произволните тврдења искажани во објавата дека вакцините против ковид-19 се отровни и содржат „графен оксид и микротехнологија”, медицински експерти ширум светот се категорични дека во вакцините нема вакви состојки, а тоа го покажуваат и официјалните извештаи од медицински професионални здравствени агенции. Тврдењата во објавата дека десетици лекари во Канада умреле „ненадејно и неочекувано“ од ковид вакцините, односно дека биле убиени, е невистина. Оваа информација ја имаат дебанкирано неколку светски сервиси за проверка на фактите. Според нивните проверки за смртта на дел од лекарите, тие починале од сосема други причини кои немале никаква врска со вакцините

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ZA ŽAL, KAKO POSLEDICA OD “VAKCINIRANJATA”, OSOBENO SO “FAJZER”, “ASTRA ZENEKA”, “MODERNA”, DŽONSON’DŽONSON” I “SPUTNIK” (KOI ŠTO SODRŽAT NANO ČIPOVI, GRAFEN OKSID, NANO BOTOVI I RAZNOVIDNI DRUGI OTROVI), SEKOJ DEN SE POVEĆE UMIRAAT LUĐE, OSOBENO OD SRCEVI I MOZOČNI BOLESTI, KAKO ŠTO I “POČINALE” OVIE NAIVNI I NESTRUČNI MEDICINSKU LICA – “DOKTORI” VO KANADA…

Објавата изнесува неколку дезинформации во врска со ковид вакцините. Прво, не е точно дека вакцините против ковид содржат наночипови и графен оксид.

Теоријата на заговор дека пандемијата со ковид-19 била испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицирани вакцини, кои имаат за цел да ги чипираат и потоа да ги контролираат, не е ништо ново и Вистиномер на оваа тема има пишувано многу текстови.

Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал. Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за „Политифакт“ изјави дека идејата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.

И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз“, вели доктор Вилбур Чен.

Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста. Оваа теорија на заговор почна да се шири откако компанијата „АпиЏект“ од САД, почна да размислува да воведе „опционален микрочип“ на етикетата од шприцот на вакцините. Неговата намена, како што за Ројтерс потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок, не се фалсификат и да потврди дека вакцината во шприцот е искористена. Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите односно на вакцината, а не на човекот.

Понатаму, објавата дезинформира дека вакцините против ковид содржат графен оксид. „Вистиномер“ и на оваа тема веќе има пишувано.

Не е точно дека вакцините против ковид-19 содржат графен оксид. Најчесто оваа дезинформација во ковид антивакциналната кампања беше поврзувана со вакцината на „Фајзер“. Дури и Администрацијата за храна и лекови на САД за „Асошиејтед Прес“ мораше да  демантира дека вакцината содржи графен оксид.

Како што е објаснето во напис објавен во журналот Фронтиерс оф Физикс (Frontiers in Physics) во јануари 2019 година, графен оксидот е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанција која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата. „Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Од Администрацијата за храна и лекови (FDA) во изјава за Фулфакт потврдиле дека вакцините против ковид не содржат графен оксид.

И од „Фајзер“ за Фулфакт изјавиле:

Графен оксидот не се користи во производството на вакцината против ковид-19 на „Фајзер“/„БиоНТек“. Не се користи графен оксид во процесот на производство и го нема ниту во суровините или во финалниот производ од вакцината.

Не постојат докази дека која било вакцина  содржи графен оксид.

Објавата неосновано тврди и дека ковид вакцините се причина за сè поголемиот број смртни случаи кај луѓето поради срцеви и мозочни удари предизвикани токму од вакцините.

За разлика од вакцините, потврдено е (и со медицински студии и со изјави на лекари), дека болеста ковид-19 предизвикува кардиоваскуларни проблеми.

На пример, македонскиот кардиолог, доктор Сашко Николов, во изјава за МИА во март 2023 година, рече дека постковид времето е поврзано со раст на инциденцата на инфаркти.

Срцевите удари се зголемија за трипати повеќе од претходно. Инфаркти на белодробието ако сме имале по дваесет пациенти годишно, сега имаме по 15  месечно, доаѓаат, тие што ги евидентираме и што ги нотираме. Инфаркти на долни екстремитети и заболувања на крвните садови на нозете, четирипати повеќе. Тромбоза на длабоките вени на површните вени – масивно зголемено. Тромбоза на цревни артерии – огромна зголеменост. Појава на мозочни инфаркти кај млади луѓе – петпати повеќе. Сето тоа е резултат на пандемијата. Пандемијата кога почна сите ние мислевме дека е респираторно вирусно заболување дека ги напаѓа белите дробови. Како што одминуваше пандемијата сфативме дека самиот ковид  вирус влегува преку респираторните патишта меѓутоа цел на напад му се мускулестиот дел на крвните садови. Ковид прави инфламација на крвните садови којашто понатаму предизвикува масивни пневмонии со тромбемболии со инфаркти итн. Така што влегуваме во пост ковид период каде кардиолозите за жал ќе имаме сè поголем број на пациенти кои ќе имаат васкуларни заболувања, рече во интервјуто доктор Николов.

Хопкинс медисин пишува дека срцев удар тип 2 е почест со ковид-19.

Овој срцев удар може да биде предизвикан од поголем стрес врз срцето, како срцебиење, ниско ниво на кислород во крвта и анемија, затоа што срцевиот мускул не добива доволно кислород. Ова го гледаме кај пациенти со акутен коронавирус, но е помалку често кај тие што ја прележале болеста. Крвните тестирања покажуваат дека за време на ковид-19 некои луѓе имаат покачено ниво на супстанцијаа која се вика тропонин во нивната крв, заедно со ЕКГ промени и болки во градите. Покачени нивоа на тропонин се знак на оштетено срцево ткиво. Понекогаш ова е вид на срцев удар, пишува Хопкинс медисин .

Студија од 2022 година објавена во Нејчр Медисин покажа дека лицата со ковид-19 имаат повисок ризик од кардиоваскуларни болести и дека дел од нив ќе имаат срцев удар.

Истражување, во кое беа вклучени повеќе од 150 илјади луѓе со ковид-19, покажа дека инфекцијата може да го зголеми ризикот од срцев удар, како и други болести на срцето и крвните садови, аритмии, тромбови итн.

Објавата што ја анализираме споделува и видео кое прикажува алармантна слика за вакцините против ковид-19, сугерирајќи дека тие предизвикале смрт на десетици канадски лекари.

Оваа дезинформација не е нова и за неа имаат пишувано повеќе светски сервиси за проверка на фактите како Политфакт, Ројтерс, АП, ААП.

Во фокусот на видеото закачено во објавата е насловната страница на изданието на Друтерс од ноември 2022 година, канадска публикација која, според извештаите во медиумите, шири дезинформации против вакцините и теории на заговор за ковид-19.

Првиот главен наслов на Друтерс во ова издание гласел: „80 канадски лекари вакцинирани и мртви“. Приказната, пак, сугерирале дека секое од прикажаните лица починало поради ковид вакцината.

Приказната тврдела дека стапките на смртност кај младите, вакцинирани канадски лекари „драматично се зголемија“ во 2022 година. Вакцините за ковид-19 не биле прецизно спомнати, но тврдењата го следат трендот на дезинформации за вакцините насочени кон коронавирусот и ковид вакцините, пишува Политфакт.

Приказната е придружена со низа од фотографии кои доколку ги погледнете, ќе видите дека станува збор за истите фотографии прикажани во објавата која е предмет на нашата анализа.

Политфакт подетално ги разгледал околностите на смртта на неколку лекари кои Друтерс ги идентификувал и не нашол докази кои сугерираат дека вакцините против ковид-19 се причината за тоа.

Јавно достапните информации покажаа дека неколку од смртните случаи на лекарите се поврзани со болести како рак или други сериозни несреќи, пишува Политфакт.

Повеќе за тоа прочитајте тука.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција