Објавата шири теории на заговор дека ќе нè вакцинираат преку воздух и зеленчук

Фото: Willow2012, CC0, via Wikimedia Commons

Нема докази дека вакцини се додаваат во зеленчукот како дел од масовна примена на вакцините (одобрена и имплементирана). Препораките за вакцинирање се базираат на директна администрација (инјекција, капкање, перорална, итн) преку регулирани канали, а не преку атмосферско распрскување или преку зеленчук кој потоа се консумира

Нема докази дека вакцини се додаваат во зеленчукот како дел од масовна примена на вакцините (одобрена и имплементирана). Препораките за вакцинирање се базираат на директна администрација (инјекција, капкање, перорална, итн) преку регулирани канали, а не преку атмосферско распрскување или преку зеленчук кој потоа се консумира

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ОФИЦИЈАЛНО ОБЈАВУВААТ ВОЗДУШНО ВАКЦИНИРАЊЕ И ПРЕКУ ЗЕЛЕНЧУК СО мРНК т.е. ВИРУСИ/ОТРОВ иако и ДО СЕГА ГО ПРАВЕА, преку авионското запрашување, а зеленчук од увоз, или нашиот???

Очигледно депопулацијата на планетата не им оди со таканаречената ИМУНИЗАЦИЈА, ИМ СЕ БРЗА.

ДОДЕКА ВИЕ МИСЛИТЕ ДЕКА ЖИВЕЕТЕ ВО НОРМАЛЕН СВЕТ, ВЕЌЕ ИМАМЕ ПОМОР НА ЛУЃЕ, МЛАДИ И ДЕЦА. ШТО ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧИ ЗА ДА СЕ ОСВЕСТИТЕ И ЗАЕДНО ДА СЕ СПРОТИСТАВИМЕ НА ТУКАШНИТЕ, КОИ НЕ УБИВААТ И ЌЕ НЕ УБИВААТ, БЕЗ ОКО ДА ИМ ТРЕПНЕ И ТОА СО ЗАКОН???

Објавата без да понуди некакви конкретни докази и факти, неосновано тврди дека некој објавил оти ќе нè вакцинираат преку воздух и преку зеленчук, односно преку авионско запрашување, со цел депопулација на планетата.

Ваквите тврдења се дел од добропознати теории на заговор за кои Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.

Не постојат официјални податоци или веродостојни извори кои потврдуваат дека ќе се врши „воздушно вакцинирање преку авионско запрашување“ или дека ќе се ставаат вакцини од типот на мРНК вируси/отрови во зеленчукот, како што е опишано во објавата што ја анализираме.

Во врска со наводно авионско запрашување, станува збор за повеќепати прокламирана теорија на заговор чиишто приврзаници дезинформираат дека постои тајна организација од влада во сенка, којашто ја прска земјата, односно ја „запрашува“ со отрови, со хемиски супстанции итн, со цел да предизвика депопулација. Приврзаниците на оваа теорија на заговор, во текот на ковид пандемијата особено ги ширеа ваквите измислици, кога сугерираа и дека „симптомите на ковид се од запрашувањето, а не од вирусот“.

Уште во ноември 2016 група од 77 научници објави извештај за наводите дека „некои авиони нè прскаат со хемиски супстанции“. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките од авионите се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Теоријата на заговор за хемиско прскање од авиони, честопати се доведува во корелација со контрејлс – трагите од авионите (водена пареа) што остануваат зад нив како резултат на кондензација, но се видоизменува во „кемтрејлс“ за да се сугерира дека хемиски сме труени од воздухот преку различни програми. Ова е измислица. Професорот Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретна со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони, односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, којашто била снимена,  може да се најде на следниот линк .

Што се однесува до „кемтрејлс“ теориите на заговор, истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs, како и во повеќе рецензии на „Вистиномер“.

Во врска со тврдењето дека ќе нè вакцинираат преку зеленчукот и овошјето, постои истражување во 2021 година каде што научниците размислувале за вакцини што се јадат“ — на пример, растенија кои можат да бидат инженерски прилагодени за да произведуваат делови од вакцината (на пример, протеини од вирус) за да се консумираат.

Но, оваа технологија е во многу рана фаза и не е одобрена за масовна употреба и не е познато дали воопшто ќе биде одобрена.

Регулаторни тела како Health Canada наведуваат дека постои технологија на „plant-based“ вакцини — растенија кои се користат како фабрики за производство на вакцинални компоненти, но не како нешто што се распрскува по зеленчук или се внесува низ воздух.

Нема докази дека вакцини се додаваат во зеленчукот како дел од масовна примена на вакцините (одобрена и имплементирана).

Препораките за вакцинирање се базираат на директна администрација (инјекција, капкање, перорална, итн) преку регулирани канали, а не преку атмосферско распрскување или преку зеленчук кој потоа се консумира.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција