Објавата шири теории на заговор и паника за дигиталниот идентитет
Дигиталниот паричник и дигиталниот идентитет немаат врска со терор и диктатура. Објавата содржи елементи на теорија на заговор каде без аргументација и втемеленост во факти, се шири паника за проект кој се спроведува со децении во други европски држави и нуди бенефиции.
Постоењето на дигиталниот систем не му диктира на граѓанинот како да живее туку му го олеснува живеењето, прави услугите да се достапни на екранот на мобилниот телефон, да не мора да се чекаат редици на шалтери итн. Дигиталниот паричник и дигиталниот идентитет немаат врска со терор и диктатура. Објавата содржи елементи на теорија на заговор каде без аргументација и втемеленост во факти, се шири паника за проект кој се спроведува со децении во други европски држави и нуди бенефиции
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Ѓаволот не спие.
Додека туркаат една светска религија,го градат и антихристовиот дигитален логор околу нас…. За жал хаос,терор и диктатура не очекуваат во следните години.
Европскиот парламент го усвои задолжителниот дигитален идентитет: Крај на анонимниот интернет во ЕУ
Европскиот парламент го усвои ревидираниот правилник eIDAS 2.0 (335–190, 31 воздржан).
Брисел го слави како најнапредна заштита во светот за децата и демократијата, одлучувачки удар против алгоритмите што создаваат зависност, длабоките лаги, кампањите за дезинформации, мешањето на странски избори и неконтролираната моќ на големите технолошки компании.
Всушност, создаден е најголемиот задолжителен режим на дигитален идентитет што некогаш е наметнат на демократско население.
Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформации и теории на заговор дека „светските елити“ сакаат да создадат нов светски поредок со една светска религија. Оваа теорија на заговор ја промовира и објавата што ја анализираме.
Теоријата на заговор за нов светски поредок во кој ќе има една влада, една религија и една војска, не е непозната и Вистиномер има пишувано за неа.
Во 2022 година на социјалните мрежи кружеше дезинформација дека се заговара „крисламот“ да биде официјална светска религија. Оваа теорија на заговор, според која тогашниот папа Франциск потпишал наводна декларација за една единствена светска религија – „крислам“, се ширеше и во 2019 година и истата беше дебанкирана.
Тврдењето за создавањето на „една светска религија“ позната како „крислам“ потекнува од познатите теории на заговор, како што е теоријата на заговор за Новиот светски поредок. Според овие теории на заговор, повеќето политички и економски случувања во изминатите неколку децении се дел од координираните напори на различни глобални меѓувладини организации за ревизија на меѓународниот политички и економски систем. Во некои толкувања на оваа конспиративна рамка, суштински елемент е создавањето заедничка глобална религија, која последователно ќе го оправда создавањето на тоталитарна глобална влада.
Во контекст на оваа теорија на заговор се ширеа дезинформации дека е претставена извесна „агенда на Обединетите нации од 2021 до 2030 година“, упатувајќи на Агенда 21 и Агенда 30 на Обединетите нации за кои Вистиномер веќе пишуваше.
Објавата исто така, шири теории на заговор поврзани и со дигиталниот идентитет, нарекувајќи го логор кој на луѓето ќе им донесе терор и диктатура, односно ќе им диктира како да живеат.
Дигиталниот идентитет, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не е „терор и диктатура“ туку апликација за сите важни документи, потсетник за истекување рокови.
Во некои европски држави незадолжителните дигитални лични карти постојат со децении, пишува Еуроњуз. Во Велика Британија дигиталниот идентитет во форма на систем со апликација ќе ги поедностави интеракциите за добивање јавни услуги и ќе ги подобри безбедносните проверки на идентитетите на луѓето на поефикасен начин. Во Естонија е-ИД е стара 20 години и им овозможува на граѓаните да гласаат, да потпишуваат дигитално документи, да пристапат до електронското здравство и образование, да користат банкарство и онлајн услуги за шопинг. Се претпоставува дека системот им заштедува на граѓаните на Естонија просечно пет работни дена годишно преку поефикасни процеси. Денеска 99 проценти од Естонците имаат дигитална лична карта.
Во Данска апликацијата MitID беше воведена во 2021 година и денеска ја користи над 90 проценти од популацијата, а во неа се интегрирани банкарството, владините услуги, даноците, здравствените услуги, пензиите и образованието на Данците.
Во Шпанија електронскиот идентитет е воведен во 2006 година и сега е достапен преку апликацијата слична на данскиот модел, а е наречена MiDNI.
Во објавата без никакви аргументи се наведува дека воведувањето дигитален идентитет би било „терор и диктатура“, но на ниво на ЕУ регулативата eIDAS 2.0 бара сите земји членки да им овозможат дигитален паричник на граѓаните до 2026 година. Пилот проекти се одвиваат во 26 земји членки на ЕУ како Норвешка, Исланд, Украина, вклучувајќи стотици јавни институции и приватни компании.
Апликацијата ДИИА на Украина функционира до степен онлајн да се закажуваат венчавки. На платформата ДИИА има повеќе од 20 милиони корисници. Дополнително, оние граѓани што користат Google Wallet и Apple Pay веќе на ист начин го користат системот – личните документи им се на иста апликација. Тоа не е терор ниту диктатура, туку олеснување на процедурите. Државата која ги издава личните документи – лична карта и пасош – веќе располага со податоците на секој граѓанин преку ресорното Министерство за внатрешни работи. Тоа е вообичаен начин на воспоставување на поредок и воспоставување на права и обврски меѓу државата и граѓанинот, а не некаква контрола.
Постоењето на дигиталниот систем не му диктира на граѓанинот како да живее туку му го олеснува живеењето, прави услугите да се достапни на екранот на мобилниот телефон, да не мора да се чекаат редици на шалтери итн. Дигиталниот паричник и дигиталниот идентитет немаат врска со терор и диктатура. Објавата содржи елементи на теорија на заговор каде без аргументација и втемеленост во факти, се шири паника за проект кој се спроведува со децении во други европски држави и нуди бенефиции.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар