Објавата тенденциозно и неточно тврди дека ЕУ ѝ доставува на С. Македонија диктаторски барања
Европската Унија не ѝ доставува никакви диктаторски и пеколни барања на Северна Македонија, туку ѝ укажува на Владата дека мора да ги спроведе обврските од Преговарачката рамка на кои земјата се согласила. ЕУ не е диктаторски сојуз, туку политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции кои меѓу другите ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Исто така, ЕУ нема никаква врска со некаков си нов светски поредок и светска влада. Ова е добро позната теорија на заговор за која Вистиномер веќе има пишувано
Европската Унија не ѝ доставува никакви диктаторски и пеколни барања на Северна Македонија, туку ѝ укажува на Владата дека мора да ги спроведе обврските од Преговарачката рамка на кои земјата се согласила. ЕУ не е диктаторски сојуз, туку политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции кои меѓу другите ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Исто така, ЕУ нема никаква врска со некаков си нов светски поредок и светска влада. Ова е добро позната теорија на заговор за која Вистиномер веќе има пишувано
Анализираме објава на Фејсбук вомкоја меѓу, другото, вели:
Медиумите трубат “ФОН де Лајн доаѓа во Македонија” Ќе дојде и ќе замине. Таа е поштарот која доставува деструктивни, диктаторски захтеви кое се само пеколни за Македонија, дизајнирани за одземање на македонската сувереност. А зад сето ова стојат светски криминални елити кои сонуваат со отворени очи за формирање една светска влада, еден Нов Светски Поредок.
Претседателката на Европската комисија на 24 октомври 2024 година беше во посета на земјава и на премиерот Христијан Мицкоски му ја пренесе пораката дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за Европската комисија (ЕК) во следните пет години и дека е потребно С. Македонија да ги спроведе своите обврски од Преговарачката рамка со ЕУ, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите и други етнички заедници во него.
Речиси сме таму. Треба да поминат уставните промени на коишто вашата држава се согласи да ги направи. Се надевам дека со заеднички дијалог сите политички сили во земјата ќе се здружат и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок. Уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките коишто сè уште постојат, изјави шефицата на ЕК на заедничката прес-конференција со Мицкоски.
Фон дер Лајен не дошла да наметнува некакви „диктаторски барања“, како што тоа го тврди објавата, кои се „пеколни“ за С. Македонија.
Европската Унија не е диктаторски сојуз. Европската Унија е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции кои меѓу другите ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.
ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права.
Во Унијата може да се зачлени секоја земја која има аспирации за тоа, но претходно мора да исполни одредени услови и критериуми. Никој не ги присилува земјите да пристапат во Европската Унија ако не го сакаат тоа. Така е и со С. Македонија. Фон дер Лајен не ѝ испорачува на нашата земја некакви диктаторски барања, туку ѝ укажува на Владата дека мора да ги спроведе обврските од Преговарачката рамка на кои земјата се согласила. Никој не ја натрел С. Макенонија на сила да потпише нешто што не сакаме. Тоа што Преговарачката рамка на одредени поединци и политички структури не им се допаѓа, не значи дека Европската Унија доставува „пеколни барања“ за С. Македонија.
Понатаму, објавата ја пласира добро познатата теорија на заговор за нов светски поредок и една светска влада. Според оваа теорија на заговор, повеќето политички и економски случувања во изминатите неколку децении се дел од координираните напори на различни глобални меѓувладини организации за ревизија на меѓународниот политички и економски систем. Во некои толкувања на оваа конспиративна рамка, суштински елемент е создавањето заедничка глобална религија, која последователно ќе го оправда создавањето на тоталитарна глобална влада.
Во контекст на оваа теорија на заговор се ширеа дезинформации дека е претставена извесна „агенда на Обединетите нации од 2021 до 2030 година“, упатувајќи на Агенда 21 и Агенда 30 на Обединетите нации.
Како што веќе пишуваше Вистиномер, Агенда 21 е еден од документите кои произлегоа од конференцијата на ОН за животната средина и развој одржана во Рио Де Женеиро. Во агендата има 31 ставка која ги адресира глобалните социјални и економски проблеми, зајакнување на улогите на жените, децата и работниците, како и предложени методи за имплементација. Во овој документ ги нема термините како „валута, војска, суверенитет…“, кои би упатувале на некаков нов светски поредок, како што тврди објавата што ја анализираме.
Агендата за развој 2030, пак, е резолуција усвоена од ОН во 2015 година, фокусирана на 17 цели кои треба да се постигнат за 15 години. И во оваа агенда нема термини кои би потврдиле дека се заговара нов светски поредок со една влада, една религија и една војска.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека Европската Унија не ѝ испорачува никакви диктаторски и пеколни барања на С. Македонија и ЕУ нема никаква врска со некаков си нов светски поредок и светска влада. Ова е добро позната теорија на заговор за која Вистиномер веќе има пишувано. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар