Објавaта дезинформира дека „се познати имињата на тие што земале мито“ од газдата на „Пулс“

Фото: Теута Бучи, Порталб

Наспроти наведеното во кликбејт насловот, никогаш не беше објавено кои имиња се во тефтерот на газдата на дискотеката Пулс во Кочани, ниту пак, тоа би можело да се знае бидејќи е дел од истрагата

Наспроти наведеното во кликбејт насловот, никогаш не беше објавено кои имиња се во тефтерот на газдата на дискотеката Пулс во Кочани, ниту пак, тоа би можело да се знае бидејќи е дел од истрагата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Шоканта Вест Газдата на Клубот Pulse ги наведе сите кои зимале мито и кои ударале “Рекет” познати имиња- Погледни повеќе

Објавата има „кликбејт“ наслов, а кога ќе се пристапи на линкот што е дел од неа, тој воопшто не води до содржината што се најавува во насловот. Точно е дека во емисијата „Код“ на „Телма“ на 23 март 2025 година беше објавено дека за Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“ која изгоре во Кочани и каде загинаа над 60 лица, имало гласини во Кочани дека тој имал тефтер со имиња и каде биле наведени тие што примале поткуп од него низ годините. Но, никогаш не беше објавено кои имиња се во тефтерот, ниту пак, тоа би можело да се знае, бидејќи е дел од истрагата.

Наведеното во објавата што ја рецензираме, поточно во насловот дека тој „ги навел сите кои земале мито и ударале рекет“ и дека „се познати нивните имиња“, не е вистина.

Исто така, во конкретната објава во која се користи техниката на „кликбејт“ со намера да се креира веродостојност и да се изнуди кликот на читателот и корисниците на социјалните мрежи, самата содржина е креирана со фотографија од изгорената дискотека. Сликата од изгорениот клуб „Пулс“ е позната за сите граѓани на земјава, со оглед на широката распространетост на медиумското покривање на трагедијата не само на 16 март годинава кога таа се случи, туку и во целиот период потоа. Фотографијата од изгореното кабаре претставува само еден од начините да се натера корисникот на социјалната мрежа Фејсбук да пристапи на линкот, после што тој дознава дека е измамен односно дека нема објавено никаков „список со познати имиња“ за наводен поткуп.

Како и во сите „кликбејт“ наслови, главната цел на која се атакува претставуваат емоциите на публиката. Публиката во конкретниот настан во Кочани, една од најголемите трагедии во поновата македонска историја е исклучително емоционално настроена и сака да ги дознае досега необјавените детали околу истрагата и сите работи поврзани со пожарот и начинот на функционирање на објектот. Меѓутоа, во објавата што ја рецензираме не се работи за медиумска содржина која им овозможува информирање. Информирањето воопшто не е цел на кликбејт насловите. Напротив, целта е да се измами клик кон страница што воопшто не е поврзана со информирање за пожарот во „Пулс“ туку има за цел да презентира стоки кои се на продажба.

Овој начин на привлекување на кликови вообичаено е безопасен, со исклучок на тоа што е иритирачки, но кликбејт новинарството може да стане опасно кога е комбинирано со лажни вести. Она што им дозволува на кликбејт содржините да живеат на интернет, е тоа што 6 од 10 луѓе (според оваа студија објавена во Вашингтон пост) споделуваат наслови без да го прочитаат текстот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов Деко не ги навел јавно имињата на луѓето што наводно земале мито.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција