Процесот на дигитализација создава значајни можности за развој, но истовремено носи и зголемени ризици кои ја поткопуваат безбедноста на државите, институциите и граѓаните. Информациските манипулации и кибернападите претставуваат сериозен предизвик за стабилноста и довербата во демократските процеси, особено во услови на комплексни геополитички динамики и сè поголема поврзаност на општествата.

Со какви закани врз безбедноста и стабилноста се соочуваат различни држави во регионот и Европа и кои се начините за градење регионална и меѓународна соработка со цел унапредување на отпорноста и заштитата од кибер и информациски ризици, беа темата на сесијата „Отпорност на информациски и кибер закани како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот“, која се одржа во рамките на 21 издание на конференцијата е-Општество.мк, организирана од Фондацијата Метаморфозис.

Саздовски: Санкциите се едно успешно решение против хибридните закани

Мирослав Саздовски, виш аналитичар на Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани од Финска како пример за кибернапад што извршил големо влијание го потенцираше случајот со сечењето на подводните кабли во Балтичкото море што се случи минатата година. Активностите на танкерот со сомнително сопствеништво, изнудија одговор на Финска и регионалните фактори, од кој, според Саздовски, треба да се извлечат заклучоци како треба да се постапува во справувањето со хибридни закани.