ОБСЕ/ОДИХР со силни критики за ДИК – ДИК молчи!
„Загорзено владеење на правото“, „поткопана разделеноста на партијата и државата“, „неразумни основи за отфрлање“, „лишување на право на гласачи на глас“….ова се дел од формулациите во забелешките на ОБСЕ/ОДИХР во прелиминарниот извештај по вториот круг од локалните избори во Македонија, за кои ДИК реши да молчи иако голем број од забелешките се однесуваат токму на оваа институција
„Загорзено владеење на правото“, „поткопана разделеноста на партијата и државата“, „неразумни основи за отфрлање“, „лишување на право на гласачи на глас“….ова се дел од формулациите во забелешките на ОБСЕ/ОДИХР во прелиминарниот извештај по вториот круг од локалните избори во Македонија, за кои ДИК реши да молчи иако голем број од забелешките се однесуваат токму на оваа институција
Пишува: Теофил Блажевски
Иако генералната оценка на највлијателниот набљудувач на локалните избори во Македонија ОБСЕ/ОДИХР беше позитивна, во нивниот извештај има бројни забелешки за работата на Државната изборна комисија (ДИК), која, пак, не реагира и не одговора на новинарски прашања за ваквите ставови.
Од друга страна, Владата транспарентно и навремено одговара дека нив ги интересира генералната оценка, како и дека процесот бил во рамките на законот. Ексеперт, пак, кој е упатен во материјата, вели дека забелешките се сериозни, дека се повторуваат уште од 2011, дека тоа не е добро за Македонија и дека треба да се преземат мерки за отстранување на ваквите аномалии.
ОБСЕ/ОДИХР: „ВО НЕКОИ СЛУЧАИ ЗАГРОЗЕНО ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО“
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која е сместена во земјата уште од почетокот на септември, излезе со два прелиминарни извештаи за спроведените локални избори на ден по одржувањето на првиот и на вториот круг од изборите. И во двата извештаја се констатираа силни забелешки најмногу за работата на Државната изборна комисија, во првиот од 16.10.2017 за транспарентноста на процесот на решавање по приговорите (затворени седници), а во вториот од 30.10.2017 за начинот на решавање на тие приговори:
ДИК ги одби сите приговори, при што членовите решаваа долж политичките линии, спротивно на барањето за непристрасност. Иако многу случаи беа испитувани суштествено, темелноста варираше. Во некои случаи, основите за отфрлање беа неразумни, а во некои недостасуваше јасна и солидна правна основа. За неколку случаи разгледувањето беше ускратено на техничка основа, спротивно на меѓународната добра пракса.
Начинот на кој се постапуваше по многу приговори го загрози владеењето на правото и гарантираниот процес, спротивно на обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ.
ОБСЕ/ОДИХР има забелешки и на ажурирњето на избирачкиот список и на остварување на правото на секој полнолетен граѓанин да го даде својот глас:
Ажурирањето на избирачкиот список помеѓу двата круга не е предвидено со законот, што, како последица, ги лиши од можноста да го остварат правото на глас гласачите што во овој период наполнија 18 години. Над 900 гласачи во казнените институции не можеа да го остварат своето избирачко право во обата круга, зашто немаа валидни лични документи. Покрај ова, ДИК усвои одлука со која на гласачите, кои се наоѓаат на избирачкиот список, но чии лични документи беа истечени, не им беше дозволено да гласаат.
ОБСЕ/ОДИХР делумно вината за ова ја префрла и во изборното законодавство за кое вели дека „не регулира јасно определни апсекти на процесот што ја ја намалува кохерентноста на изборното законодавство“.
Набљудувачката мисија нотира дека од партии-учеснички во изборниот процес примиле приговор за мешање на државата со партијата и дека тоа се однесува најмногу на учеството на премиерот Зоран Заев, кој што е и лидер на СДСМ, на митинзите во кампањата пред вториот круг од изборите, во средините каде за градоначалничко место се бореа кандидати од албанските политички партии:
Премиерот, повремено во своето официјално својство, се обраќаше на електоратот на митинзите на СДСМ и го користеше Твитер за да испраќа пораки од кампањите. Тој промовираше инклузивност, локален развој и интеграција во Европската Унија и НАТО. Некои партии изразија загриженост околу тоа што премиерот ветува владина поддршка за општините со градоначалник од СДСМ или од ДУИ. Овие постапки ја поткопаа разделеноста на државата и партијата, спротивно на обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ.
Како што може да се види ОБСЕ/ОДИХР во прелиминарниот извештај дава и оценка дека партиите што се пожалиле на ова прекршување на изборниот процес имале и право, со оценката дека овие постапки ја поткопаа разделеноста на државата и партијата.
НОВАКОВСКИ: ОЦЕНКИТЕ НИ СЕ ПОВТОРУВААТ – ЗА ЗАЕВ, НЕМА ДОКАЗИ
Александар Новаковски, сега адвокат, а порано претседател на Државната изборна комисија, коментирајќи ги за „Вистиномер“ ваквите наоди и речникот на ОБСЕ/ОИДХР, се фокусира, пред сѝ, на работата на ДИК и вели дека не е добро што ваквите наоди ни се повторуваат. Новаковски прави дистинкција и помеѓу речникот што го говорат политичарите и речникот што го употребува ОБСЕ/ОДИХР, сепак вадејќи заклучок дека темелните човекови слободи и права во врска со изборите се обезбедни:
Сите политички партии кои победуваат на изборите ја користат фразата, слободни, фер и демократски. Како и во сите претходни циклуси победникот ја користи оваа формулација. Не случајно ниту еден победник-политичар досега во историјата не користел друга формулација.
Но, факт е дека првично оценката е оти изборниот процес беше КОНКУРЕНТЕН, а ПОЧИТУВАЊЕТО НА ТЕМЕЛНИТЕ СЛОБОДИ придонесе да се одржат демократски избори. Оваа внимателно избрана формулација е поради сѝ уште незавршениот процес, се чека постапување на ДИК и на судовите по приговорите и жалбите. Но, факт е дека државата направила доволно да се почитуваат темелните слободи и имало демократски амбиент.
За Новаковски е загрижувачки што забелешките се поизраени по вториот изборен круг и што некои од овие забелешки ни се повторуваат не само во последните два изборни циклуси, туку уште по изборите од 2011 година:
Веќе втор изборен процес, а и претходно од 2011 па наваму, се даваат сериозни забелешки за работата на изборната администрација, посебно за ДИК, а во оваа првична оценка најтешка формулација има околу загрозување на владеење на правото од страна на ДИК, што е повреда на копенхашките критериуми, па ако се повтори во постапувањето по приговорите од вториот круг, тогаш во конечниот извештај оценката ќе е лоша за ДИК. Исто така, има сериозна забелешка дека го повредиле Кодексот за добра пракса (Венецијанска комисија) поради повреда на правото на техничка основа. Има и забелешки за едукација, оставање 10 општински комисии без средства и друго.
Според Новаковски, ОБСЕ/ОДИХР нема доволно аргументи во прелиминарната оценка за мешањето на државата со партијата од страна на премиерот:
Мислам дека ОБСЕ од една изјава на Премиерот заклучува дека овие постапки ја поткопуваат разделеноста на државата и партиите, но факт е дека овој изборен процес во овој дел нема други забелешки и ова се добронамерни укажувања, а се споменува и градоначалникот на Штип од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека секој избран и именуван функционер кога е на функција, а учествува во кампања мора да внимава за секој настап. Тоа се надминува и во овие избори тоа е незначително, но загрижуваат забелешките за многу посериозни работи и тешките формулации околу работата на ДИК, а се од суштинско значење за гарантирање на владеење на правото и остварување на основните права.
Новаковски е сигурен дека треба да се преземат мерки, од измена на законската регулативи до обезбедување на правото да се гласа на сите подеднакво, вклучувајќи го и правото гласот да се даде по електронска пошта:
Треба да има промени во Изборниот закон околу начинот на гласање на лицата кои се отсутни, така наречено предвремено гласање или гласање и преку пошта. На голем број лица им се ускратува правото на глас со невоведување на предвременото гласање и гласање преку пошта. Овие се мои предлози, па постепено да се оди кон гласање електронски. Треба да има ревизија и околу ревизија на избирачкиот список и околу законските решенија за денот на затворање на избирачкиот список и неможноста лица кои во меѓувреме наполните 18 години да гласаат, како околу строгата регулатива и толкување од надлежните што се важечки и неважечки лични исправи – вели Новаковски
ВЛАДА: ИЗБОРИТЕ БЕА ДЕМОКРАТСКИ, ЗАЕВ НАСТАПУВАШЕ ПО РАБОТНОТО ВРЕМЕ
За разлика од ДИК, која реши да молчи на новинарски прашања, Владата навремено го достави коментарот што го побаравме за прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори, вклучувајќи ја и оценката за Премиерот. За Владата, очигледно, е најважна генералната оценка за изборите што ја потврдила и набљудувачката мисија:
Владата на Република Македонија смета дека изборите беа спроведени во фер и демократска атмосфера, а граѓаните на земјава демонстрираа слободна волја.
Првичните оценки на меѓународната заедница ги потврдуваат овие заклучоци, а според прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР изборите биле компетитивни и почитувањето на основните слободи придонело кон подобрување на демократските процеси.
Премиерот Заев не наравил повреда на изборите и не ги измешал ресурсите на државната администрација во партиски цели, смета Владата:
Претседателот на владата Зоран Заев, во рамките на предизборните активности настапуваше исклучиво по истекот на неговото работно време и никогаш не беа користени ресурсите на владата.
Право на секој политички субјект е на каков начин и со кои други политички субјекти ќе оствари соработка. Граѓаните на Република Македонија ги оценуваа понудите на политичките субјекти како и тоа на кого го дадоа својот глас.
Владата на РМ ќе соработува со сите градоначалници од сите општини во Република Македонија
Поентата во одговорот на Владата во последната реченица, е, всушност, одговор на критиките забележани и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, дека со настапите и говорите Заев фаворизирал едни кандидати наспроти други, односно, како што рече шефот на набљудувачката мисија, Одри Гловер на прес конференцијата, не се спорни коалициите и говорите, но спорно е ако ветувате пари од централаната кон локалната власт само ако победи кандидатот на оваа или онаа партија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар