Оцрнување на грузинската претседателка со нејзини роднини – соработници со нацистите
Објава на Фејсбук го злоупотребува вистинитиот факт дека роднини на актуелната грузинска претседателка Зурабишвили соработувале со нацистите во Втората светска војна, со што создава лажен впечаток дека историјата се повторува и дека и Зурабишвили води таква политика. Притоа селективно се премолчуваат или нагласуваат некои факти, заради што не добиваме објективна слика за настаните, а тука има и паушални и контрадикторни тврдења
Објава на Фејсбук го злоупотребува вистинитиот факт дека роднини на актуелната грузинска претседателка Зурабишвили соработувале со нацистите во Втората светска војна, со што создава лажен впечаток дека историјата се повторува и дека и Зурабишвили води таква политика. Притоа селективно се премолчуваат или нагласуваат некои факти, заради што не добиваме објективна слика за настаните, а тука има и паушални и контрадикторни тврдења
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Историјата се повторува! Вујкото на претседателката организатор на протестите во Грузија бил соработник на нацистите
Тоа е илустрирано со скриншот од еден твит на англиски јазик, кој вели (во превод):
Михеил Кедиа, дедото по мајчина линија на Саломе Зурабишвили, бил шеф на грузинскиот оддел на Управата за безбедност на Третиот Рајх (гер. RSHA) и работел под раководство на Рајнхард Хајдрих!
Слично нешто објави и портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, а ова е кампања за оцрнување против претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, затоа што таа ја критикува тамошната влада за нејзината недемократичност и во некоја мера проруска настроеност. Што е за право, во објавата што ја цитиравме има издржани тврдења, но и паушални и контрадикторни, а некои факти се селективно премолчени или нагласени, па да го разгледаме сето тоа по ред.
Како прво, Михеил Кедиа навистина соработувал со нацистите, но тој не ѝ бил дедо на Зурабишвили (како што вели скриншотот вметнат во објавата), туку вујко (како што правилно наведува текстот во објавата), па тука имаме контрадикторност.
Како второ, тоа што Кедиа соработувал со нацистите не значи дека и Зурабишвили го прави тоа и дека „историјата се повторува“. Таа е либерална политичарка, која му се противи на антисемитизмот, дискриминацијата, насилството и хомофобијата, а таа нејзина политика нема врска со нацизмот, кој е тоталитарна, насилна, антисемитска и хомофобна идеологија.
И, како трето, Кедиа не бил посветен и доследен нацист, туку соработката со нацистите му била поведена чисто од револтот кон Москва, т.е. кон Советскиот Сојуз (СССР), а причината била следна.
По распадот на Руската Империја, во периодот 1918 – 1921 г., како независни опстојувале: Украина, Белорусија, Ерменија, Азербејџан и Грузија, во чија безбедносна служба работел татко му на Кедиа. За никакви нацисти тогаш не станувало збор, а доминантни во Грузија биле социјалдемократите. Таа тогаш била нападната од Советска Русија на Владимир Илич Ленин, кој притоа воспоставил свој режим, Советска Грузија, за потоа насилно да ја внесе во СССР. Следеле жестоки репресии (особено во сталинистичкиот период), а семејството на Зурабишвили побегнало во Франција.
Разбирливо, тие бегалци немале симпатии за Москва, а, интересно, со Пактот Молотов-Рибентроп (23.8.1939 г.), самата Москва најпрвин соработувала со нацистите. Арно ама, на 22.6.1941 г. тие го прекршиле пактот и го нападнале СССР, па некои Грузинци како Кедиа стапиле во „брак од интерес“ со нацистите против заедничкиот непријател – СССР.
За посилен пропаганден ефект, твитот што го цитиравме нагласува дека Кедиа соработувал со злогласниот нацист Рајнхард Хајдрих, со чија слика е илустриран тој твит, но тоа е претерување. Хајдрих го загубил животот уште во раната фаза од војната – на 4.6.1942 г., па немало време таа негова соработка со Кедиа баш добро да се развие.
Кедиа е познат по Операцијата Цепелин, започната во март 1942 г. со врбување на советски заробеници-Грузинци, но таа вистински се реализирала по смртта на Хајдрих, со нивно тајно уфрлање во Советска Грузија. Од друга страна, за Кедиа нема индиции дека бил нацистички злосторник и дури се тврди дека тој ја користел функцијата за да спасува Евреи од Холокаустот или грузински емигранти-социјалдемократи, кои биле на мета на нацистите од идеолошки причини.
Соработката меѓу Адолф Хитлер и грузинските националисти не била идеална. Тие мечтаеле да ја ослободат Грузија, но тој на крај ги стационирал на холандскиот остров Тексел, за тие да го бранат од надоаѓачките канадски трупи. На 5.4.1945 г. таа т.н. Грузинска легија му откажала послушност на Хитлер и дури востанала против него.
По војната, Кедиа не бил суден како воен злосторник, а меѓу него и Зурабишвили немало некоја комуникација, затоа што тој починал во 1954 г. во Швајцарија, а таа се родила во 1952 г. во Франција, па тој немал некое влијание врз својата внука, барем не директно.
Со нацистите соработувал и нејзиниот чичко Ѓорѓи Зурабишвили. Тој бил интелектуалец и филозоф, па работел за нив како преведувач во окупирана Франција. Иако нема индиции дека тој бил воен злосторник, по окупацијата тој бил заробен од непознати лица (можеби антифашисти), по што му се губи трагата, а тие најверојатно го убиле.
Објавата ја опишува Саломе Зурабишвили како организатор на антивладините протести во Грузија, но тоа со ништо не е аргументирано. Зурабишвили ги поддржува протестите, но нив ги организираат проевропските партии како: Нацеби, Гирчи, Лело, Стратегија Агмашенебели, Гахарија за Грузија, Европска Грузија, Републиканската партија и др., а Зурабишвили не членува во ни една од нив, туку е независен политичар.
Грузија си има опозиција и нема потреба Зурабишвили сама да организира протести, дотолку повеќе што Грузија во 2008 г. беше жртва на руска агресија, па нема потреба Зурабишвили специјално да поттикнува револт против проруските политики на владата.
На крај заклучуваме дека објавата е некаква мешавина од вистинити, неточни, контрадикторни и паушални тврдења, како и тенденциозни премолчувања или пренагласувања, па единствено ни останува да ја оцениме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар