Од кликови до граѓанска промена: Зајакнување на младите за учество во дигиталната демократија на Северна Македонија
Преку проектот „Local Youth Digital Action Lab“, младите во Кичево учат како своето присуство на интернет да го претворат во значајно граѓанско учество
Преку проектот „Local Youth Digital Action Lab“, младите во Кичево учат како своето присуство на интернет да го претворат во значајно граѓанско учество
Младите поминуваат голем дел од времето на интернет, но многумина и понатаму се отстранети од формалните процеси на донесување одлуки што ги обликуваат нивните заедници. За да одговори на овој предизвик, Рурална Коалиција од Кичево, Северна Македонија, го започна проектот „Local Youth Digital Action Lab – From Clicks to Civic Change“. Иницијативата има цел да им обезбеди на младите практични вештини за користење на дигитални демократски алатки, за ангажирање со институциите и за активно учество во локалното управување. Сега кога проектот е на половина од реализацијата, првичните резултати веќе го покажуваат потенцијалот на дигиталното граѓанско учество кај младите.
Зошто е важно дигиталното учество
Јас сум Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, граѓанска организација со седиште во Кичево, Северна Македонија. Повеќе од една деценија, нашата организација работи на зајакнување на руралните заедници, поттикнување на граѓанското учество и поддршка на инклузивниот локален развој.
Иако младите активно ги користат дигиталните технологии, многумина не се запознаени со официјалните онлајн алатки што им се достапни за граѓанско учество. Платформите за јавни консултации, поднесување барања за пристап до информации, отворени податоци и дигитални механизми за доставување повратни информации често остануваат недоволно искористени, особено во помалите општини и руралните заедници.
Како резултат на тоа, учеството на младите често се ограничува на дискусии на социјалните мрежи, наместо на учество во формалните демократски процеси. Нашиот проект има цел да го промени тоа, помагајќи им на младите да разберат како дигиталните алатки можат да се користат за влијание врз политиките, комуникација со институциите и застапување за подобрувања во заедницата.
Приближување на младите до процесите на донесување одлуки
Во проектот учествуваат 30 млади на возраст од 16 до 29 години од Кичево и околните рурални заедници. Посебно внимание е посветено на обезбедување учество на млади жени, млади од различни етнички заедници и млади од недоволно застапени групи.
Првата фаза од проектот се фокусираше на информирање и вклучување на потенцијалните учесници, нивниот избор и проценката на нивното постоечко знаење за дигиталното учество. Наодите потврдија дека повеќето учесници немале многу или воопшто немале искуство со користење на официјалните дигитални механизми за демократско учество.
За да се надмине овој јаз, Рурална Коалиција организираше Камп за дигитална демократија („Digital Democracy Bootcamp“) — првата голема активност во рамките на проектот.
Камп за дигитална демократија: Учење преку практична работа
Кампот за дигитлана демократија обедини млади учесници за време на серија интерактивни работилници посветени на разбирањето на процесите на донесување одлуки, транспарентноста, пристапот до информации и практичното користење на алатките за дигитално учество.
Наместо да се потпира само врз теорија, обуката стави акцент на учењето преку практична работа. Учесниците се запознаа со платформите за јавни консултации, научија како да пристапуваат до информации од јавен карактер преку онлајн системи и вежбаа користење на официјалните дигитални канали што ги користат институциите.
За многу од учесниците, ова беше првпат да се запознаат со овие можности.
Еден учесник сподели:
„Пред да се приклучам на проектот, никогаш немав слушнато за онлајн јавни консултации или граѓански иницијативи. Сега разбирам дека младите можат директно да го искажат своето мислење и да имаат можност да направат промена во локалната заедница, во согласност со своите потреби.“
Друг учесник коментираше:
„Обуката ми помогна да сфатам дека дигиталните алатки можат да се користат за многу повеќе од комуникација и забава. Тие можат да ни помогнат и да станеме активни граѓани.“
Кампот за дигитална демократија досега беше најуспешната спроведена активност, бидејќи веднаш го поврза знаењето со практичните вештини и ја зголеми самодовербата на учесниците за вклучување во комуникацијата со институциите.
Создавање одржливи можности за учество
Проектот сега влегува во следната фаза, која се фокусира на воспоставување на Центарот за е-учество на младите. Овој онлајн ресурс ќе обезбедува информации за можностите за учество, практични насоки за користење на дигитални демократски алатки и ресурси што младите ќе можат да ги користат и долго по завршувањето на проектот.
Истовремено, учесниците ќе започнат со работа во тематски групи за да ги идентификуваат проблемите што ги засегаат нивните заедници и да подготват граѓански иницијативи што ќе можат да ги поднесат до локалните и националните институции преку официјалните дигитални канали.
Овие активности ќе им овозможат на учесниците да го применат стекнатото знаење од Кампот за дигитална демократија во реални ситуации и да ја зајакнат својата улога како активни учесници во демократските процеси.
Првични согледувања и влијание врз заедницата
Иако проектот сè уште е во тек, веќе произлегоа неколку важни согледувања. Прво, младите се заинтересирани за граѓанско учество кога им се обезбедуваат практични алатки и јасни насоки. Второ, многу од пречките за учество не произлегуваат од недостаток на мотивација, туку од недоволна информираност и разбирање на постојните можности.
Проектот исто така ја истакна важноста од создавање достапни начини за учество, особено за младите што живеат во руралните заедници, каде што можностите за граѓанско учество често се ограничени.
Наставниците, локалните чинители и учесниците изразија силна поддршка за иницијативата, препознавајќи го нејзиниот потенцијал за подобрување на комуникацијата меѓу младите и институциите и за унапредување на транспарентноста и отчетноста.
Што понатаму
Во текот на следните месеци, учесниците ќе продолжат да развиваат граѓански иницијативи, директно да комуницираат со јавните институции преку дигитални механизми и да учествуваат на Дигитален форум на младите и институциите, каде што ќе ги претстават своите идеи и искуства.
Очекуваме проектот да резултира не само со зголемено знаење и самодоверба кај учесниците, туку и со конкретни примери на учество на младите во комуникацијата со носителите на одлуки. Уште поважно, се надеваме дека ќе поттикне култура на учество што ќе продолжи и по завршувањето на самиот проект.
Лично, ова искуство уште повеќе ме убеди дека дигиталната демократија не се однесува само на технологијата. Таа значи зајакнување на граѓаните – особено на младите – да ја користат технологијата како алатка за дијалог, отчетност и позитивни промени. Како што продолжува проектот, со нетрпение очекуваме да видиме како учесниците ги претвораат новостекнатите вештини во значајно граѓанско дејствување што ќе им користи и на нивните заедници и на поширокиот демократски процес.
Овој напис првично беше објавен на веб-страницата DDI Spark (https://ddidigitalspark.org/), создадена во рамките на проектот Регионален механизам за поддршка, што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и тимот на Програмата за дигитален активизам на TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамките на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Програмата DDI е кофинансирана од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската комисија и Норвешката агенција за развојна соработка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар