Од кој извештај читаше Трајчевски штом не виде прекршувања во известувањето?
„Во петокот го пративме првиот извештај и до петокот (22.04.2016 – н.з.), за претходната недела, не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик. Во овој период ги следиме централните информативни изданија на овие медиуми што ги набројав, на националните радија и телевизии и доколку имаат дебатни емисии од информативен карактер се следи начинот на известувањето и во овие информативни емисии. Забрана која што е нова во овој период, значи од денот на распишувањето на изборите до почетокот на изборната кампања која што треба да биде на 15-ти мај, е тоа што телевизииите, односно радијата, во информативните емисии, кога известуваат, не треба да биде известувањето во корист на партиите од власта. Така да во овој период, до петокот минатата недела, не беа констатирани прекршувања од страна на наведените медиуми кои што се предмет на надзор“, изјави директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визулени медиумски услуги, Зоран Трајчевски
[Извор: ТВ Нова (youtube канал), (од 1,27 до 2,30 мин). Датум: 25.04.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медииуми и медиумски услуги (ААВМУ) во ексклузивно интервју дадено за ТВ Нова на 25 04.2016 година, даде невистинита изјава во поглед на првиот извештај од мониторингот на медиумите што го спроведува самата агенција за начинот на известувањето во информативните програми во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања.
Трајчевски за тој извештај тврди дека содржи наоди според кои не биле констатирани прекршувања пропишани со Изборниот законик и дека следените медиуми што емитуваат програма на национално ниво не ја прекршиле ниту забраната која пропишува дека „кога известуваат, не треба да биде известувањето во корист на партиите од власта“, како што вели директорот.
Но, оваа изјава едноставно не е точна и тоа се констатира од самиот извештај што Агенцијата транспарентно го има поставено на својата веб страница. Но, да одиме по ред.
На 28.04.2016 година, три дена по изјавата на Трајчевски во интервјуто, издава соопштение кое се однесува на првиот извештај, за кој зборуваше директорот и ги предупредува медиумите да внимаваат на начинот на нивното известување. Еве, што се кажува во дел од тоа соопштение со наслов „Различен однос кон професионалните стандарди во првите 10 дена од предизборието“:
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во Извештајот за медиумското претставување во првите десет дена по распишувањето на изборите, констатира дека дел од медиумите не ги почитуваат програмските начела за објективно и непристрасно прикажување на настаните, обезбедување различни, еднакво третирани гледишта, за почитување на човековото достоинство, за поттикнување на духот на толеранција и за независност и самостојност во уредувачката политика.
Повторно укажуваме дека почитувањето на членот 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е предуслов за вршење на дејноста. Предупредуваме дека, доколку некои од медиумите продолжат да емитуваат прилози во кои се поврзуваат политиките на државата со мерки од изборни програми на политички партии и да известуваат за активности на државните органи на централно и локално ниво на начин што може да биде во функција на изборно медиумско претставување на кој било политички субјект, ќе бидат преземени законските мерки. Ги потсетуваме радиодифузерите дека барањето да се презентираат различни гледишта кои ќе имаат ист третман, исто како и сите други програмски начела, и забраната за говор на омраза, важат и за дебатите, интервјуата и другите актуелно-информативни емисии.
Потоа се наведува линкот на првиот извештај, во кој на почeтокот детално е наведена методологијата и начинот на следење на телевизиите и радијата, при што се прави строга дистинкција кај приватните радиодифузери со информативна програма, како и посебните обврски што ги има јавниот радиодифузен сервис, т.е. МРТ. За комерцијалните електронски медиуми се наведува дека обврска им е да ги следат правилата наведени во член 61 од посточекиот закон за AАВМУ, додека за МРТ дополнително важат и програмските начела до кои мора да се придржува јавниот сервис пропишани во член 111 од истиот закон, но и како се одвојува известувањето за редовни државни активности кои не смеат да бидат во полза на партии од власта.
По овој дел во извештајот се наведуваат клучните констатции:
- Програмските сервиси на Јавниот радиодифузен сервис настојуваат да ги почитуваат програмските принципи и стандарди и сопствените правила за покривање изборни процеси, со неколку исклучоци.
- Пет телевизиски програмски сервиси – ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Канал 5 Плус, ТВ Нова и ТВ Сител не ги почитуваат начелата од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, особено она со кое се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување публиката слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања (алинеја 9).
- Кај ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Канал 5 Плус и ТВ Сител се забележуваат прилози поврзани со политичката криза, со активностите на државните органи и со промовирањето на мерките од изборната програма на ВМРО ДПМНЕ во чија обработка и третман медиумите покажуваат ист или исклучително сличен начин на известување, разработуваат/акцентираат исти тези и ставови (свои или преземени од домашни или странски медиуми, експерти, претставници на партии), па дури користат и исти (туѓи/странски) снимки како илустративен материјал, што укажува на извесна усогласеност во нивната уредувачка политика. Ова е во спротивност со начелото за самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика од член 61 став 1 алинеја 13 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Уште една сличност кај четириве телевизии е тоа што ги користат телопите за преку нив да пренесуваат ставови (свои, на политичари, други медиуми и сл.) преку кои го акцентираат негативниот тон и рамка за СДСМ и за активностите на Протестирам.
- Кај овие четири телевизии, се забележува тенденција која, доколку продолжи во истиот правец, ќе резултира со известување во функција на изборно медиумско претставување на партиите од власта…
Потоа, во Извештајот се наведуваат и состојбите со зборови и табеларно за секој медиум одделно. Притоа може да се забележи дека од Јавниот сервис најлошо стои Македонското радио, додека телевизиите на Првата програма, како и на Втората каде се емитуваат емисии на албански јазик, главно, „со мали исклучоци“ се трудат да бидат балансирани и непристрасни.
Од мониторингот на комерцијалните радиодифузери, во извештајот е констатирано дека кај телевизите Сител, Канал 5, Алфа и ТВ Нова, постои прекршување во начинот на известување според член 61 од ЗААВМУ, т.е. тие известувале пристрасно и небалансирано, со мешање на жанровите и со начин на кој сакале да ја оттргнат уредничката одговорност. Кај телевизиите 24 Вести и Телма, мониторите на Агенцијата забележале дека главно се почитуваат професионалните стандарди и не се зазема страна, освен што кај првата од овие телевизии, е забележлив дисбалансот во поглед на известувањето од простестите на Протестирам и контрапротестите во организација на ГДОМ и тоа претежно во начинот на известување (во живо и со репортерски јавувања и со фото и преземени снимки со читање на вест).
Целосна професионалност и избалансираност во известувањето била констатирана кај медиумите што емитуваат двојазично – на албански и на македонски, во информативните емисии на албански јазик, како што се Алсат-М, а посебно 21 ТВ и ТВ Шења. Што се однесува за радијата, за Канал 77 не се дадени никакви забелешки, додека за Македонското радио, како што веќе спомнавме, констатирани се значителни отстапувања од обврските што ги имаат и со законите и со професионалните стандарди.
Земајќи го сето ова предвид, аргументите што се наведени од самата Агенција во нејзинито прв извештај и предупредувањето дадено во соопштението од 28.04., оценуваме дека изјавата на Трајчевски за наодите во Првиот извештај, дадена на 25.04.2016 за Нова ТВ, е невистинита.
ИЗВОРИ:
- (25.04.2016) ТВ НОВА – Ексклузивно интервју со Зоран Трајчевски – [Пристапено на 03.05.2016]
- (28.04.2016) ААВМУ – Различен однос кон професионалните стандарди во првите 10 дена од предизборието – [Пристапено на 03.05.2016]
- (28.04.2016) ААВМУ – Прв Извештај од мониторингот на медиумското претставување во вестите, во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања 15 – 24 април 2016 година– – [Пристапено на 03.05.2016]
- ААВМУ – Неофицијален пречистен текст на Изборниот законик со измените во 2015/16 година –– [Пристапено на 03.05.2016]
- ААВМУ – Закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (чл.61) – [Пристапено на 03.05.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар