Од сапунска опера до сајбер-напади: Неочекувана поврзаност меѓу Северна Македонија и Венецуела

Промотивни слики за документарецот „Од Македонија со љубов“ („De Macedonia con amor“ од објава на Инстаграм-профилот hacha.machete. На првата пишува „земја на планини, плажи и хакери“ а на втората „Мрш Мадуро“, со колажи од слики од македонски фолк настани, користење македонски кирилични букви и други симболи. Авторка на колажите е Сандра Родригез, а користени се со нејзина дозвола.

Во 2024 година, дигиталниот активизам изгради неочекувана врска меѓу двете земји

 

Северна Македонија и Венецуела се оддалечени 9.400 километри, имаат различни јазици и немаат воспоставено дипломатски мисии. Но има приказни што ги поврзуваат, од оние за сапунска опера пред скоро три децении, до скорешни политички случувања и наводни хакери. Во 2024 година името на првата земја стана симбол за дигитален активизам во втората.

Венецуелската теленовела (сапунска опера од Латинска Америка) наречена „Касандра“ беше многу популарна на Балканот во 1997 година, во текот на пауза на војните во бивша Југославија. Низ 150 епизоди „Касандра“ раскажува приказна за млада жена заменета при раѓањето, израсната во ромски циркус. Главната улога ја играше венецуелската актерка Кораима Торес.

„Касандра“ беше толку популарна што улиците се празнеа додека се емитуваше на локални телевизии. Родители именуваа женски бебиња според главниот лик, која според една анкета била меѓу десетте најпопуларни личности во Македонија (останатите 9 биле политичари).  Благодарение на серијата се продаваа брендирани производи, а дел од актерите одржаа успешна турнеја со концерти низ регионот. Сликички со ликови од сапуницата може да се видат во Музејот на Југославија во Белград како дел од изложба на артефакти од секојдневниот живот донирани од обични граѓани.

Kassandra and other telenovela stickers at the Museum of Yugoslavia in Belgrade, Serbia.
Сликички од „Касандра“ и други теленовели во Музејот на Југославија во Белград, Србија. Во описот од донаторката стои: „Почеток на перењето мозок на масите + учење на првите зборови на шпански јазик“ | Фото: Мета.мк

 

Реалноста може да биде почудна од фикција. Во 2024 година, „Северна Македонија“ стана тема на разговор на многу Венецуелци, но не заради заедничката историја.

На 29 јули 2024 година, еден ден по контроверзните претседателски избори во Венецуела, тамошниот државен обвинител Тарек Вилијам Сааб обвини „хакери од Северна Македонија“ за нарушување на информатичките системи и податоците на Националниот изборен совет (ЦНЕ), наводно по налог на опозициските лидери. Подаците за избори во Венецуела се собираат со уреди за електронско гласање на гласачките места. ЦНЕ потоа го прогласи Николас Мадуро за победник на изборите, давајќи му мандат да владее од 2025 до 2031 година.

Говорот на Сааб е достапен преку Dailymotion под наслов „Државниот обвинител Тарек Вилијам Сааб го осудува нападот врз ЦНЕ од хакери од Северна Македонија“.

 

На 31 јули, министерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија Стефан Андоновски недвосмислено ги негираше обвинувањата на Сааб, додека Министерството за внатрешни работи објави дека немаат примено барање за истрага од Венецуела. Андоновски рече:

Се надевам дека освен коментарите што излегоа во јавноста и коишто ги забележавме и со внимание ги следиме, од државата, од властите во таа држава ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на некои наши граѓани или институции од државата.

Истиот ден, венецуелските власти најавија дека ќе формираат посебна комисија и дека „ќе побараат од Русија и Кина да ги испитаат сајбер-нападите на изборниот систем на земјата“. Од тогаш нема јавни објави евентуалниот напредок во наводната истрага за тврдењата на Сааб.

На 7 август, Џени Линколн, директорката на делегацијата од Центарот Картер кои беа поканети да вршат мониторинг на изборите во Венецуела, изјави за АФП дека нема докази за сајбер-напад врз изборниот систем во текот на јулските избори. Таа исто така потврди дека според податоците за гласањето всушност победил опозицискиот кандидат.

Шест месеци подоцна, на 10 јануари 2025 година, Николас Мадуро по трет пат беше инаугуиран за претседател на Венецуела. Во моментот на затворање на овој напис, веб-сајтот на ЦНЕ www.cne.gob.ve кој беше затворен во текот на изборите сè уште не функционира. Венецуелската влада нема објаснето зошто е тоа така, ниту има објавено нови информации или докази за случајот на наводно хакирање.

Раѓање на политичко меме

Режимските обвинувања за наводен хакерски напад инспирираа користење на терминот Северна Македонија во најмалку три независни иницијативи во Венецуела: новинарска истрага и два веб-сајтови за граѓански активизам користеа варијации на „хакери од Северна Македонија“ за да привлечат внимание на јавноста.

Во декември 2024 година, венецуелскиот медум Armando.Info објави истражувачка сторија насловена „„Хакирањето“ од Северна Македонија било насочено кон ПДВСА и немало врска со изборите“, подготвена од новинари од Венецуела и нивни колеги Истражувачката репортерска лабораторија од Северна Македонија, здружени преку „Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција“.

Истражувчаката сторија објаснува како Еуростандард Банка, сега затворена банка од Северна Македонија, наводно примала уплати од 110 милиони евра од „венецуелски клиенти“ преку „човек фирми“ отворени во Скопје од поранешни функционери и соработници на Петролеос де Венецуела (ПДВСА), главната државна компанија за нафта и гас од оваа јужноамериканска земја.

Подемот на активисти кои објавуваат податоци за изборите

Претседателските избори и тврдењата за хакирање ги огорчиле Џузепе Ганги и Лук Квинтана, граѓани на Венецуела кои живеат во шпанскиот град Барселона и ја поддржуваат опозицијата. Секој од нив посебно решил да направи веб-сајт што презентира информации за изборите кои не биле објавени од властите во Венецуела.

Така се родени MacedoniaDelNorte.com („Северна Македонија точка ком“ на шпански) и DeMacedoniaConAmor.com („Од Македонија со љубов“).

Снимки од екранот на насловната страница од MacedoniaDelNorte.com. Фер употреба.

 

MacedoniaDelNorte.com претставува склад на отворени податоци независно креиран од програмерот Џузепе Ганги со цел да се индексираат и објават податоците собрани од опозициски набљудувачи на денот на изборите. Тие се индексирани според сојузна држава, град и изборо место и споредени со јавни објави за резултатите на локално ниво во видео-формат кои ги потврдуваат податоците собрани од Ганги.

Снимка од екранот на страница од MacedoniaDelNorte.com со геолоцирани видео-клипови од опозициски набљудувачи и граѓани. Фер употреба.

 

Името на веб-сајтот DeMacedoniaConAmor.com или „Од Македонија со љубов“ асоцира на насловот од филмот со Џемс Бонд од 1963 година „Од Русија со љубов“ кој исто така алудира на блискиот сојуз на владата на Мадуро со Кремљ. Со сатиричен тон, веб-сајтот ја пренесува сторијата за протестите кои се подигнаа по изборите, како и за репресивниот одговор од властите. На 8 јануари 2025 година, два дена пред инаугурацијата на Мадуро, беше објавен и 30-минутен документарен филм и сведоштва.

„Ги документиравме клучните моменти при изведбата на изборната измама и народниот бунт низ целата земја“, изјави за „Глобал војсис“ Лукен Квинтана. Тој е креатор на содржини координатор на „Хача и Мачете“ („Hacha y Machete“) тимот што го создаде документарецот.

Филмот „Од Македонија, со љубов“ е објавен на Јутјуб со пишан англиски превод.

Откако независно ги објавиле веб-сајтовите со „македонска“ тематика, Ганги и Квинтана почнале да соработуваат, споделувајќи податоци и содржини. Тие претежно се самофинансирани, при што Ганги успеал да добие и одредена поддршка од читатели преку краудфандинг.

Обајцата активисти разговараа со „Глобал војсис“ преку „Вотс ап“ за нивните креации и поврзаноста со Северна Македонија.

Глобал војсис (ГВ): Дали знаевте нешто за Северна Македонија пред да ги почнете иницитативите? Дали сте имале претходни контакт со луѓе од таму?

Џузепе Ганги (ЏГ): Искрено речено, моето познавање на Северна Македонија пред објавата на Тарек Вилијам Сааб беше многу ограниченот. Сега, поради истражувањето поттикнато од изјавата, имам научено нешто повеќе. Она што ми го привлече вниманието беше дека името на земјата се инструментализираше во политичкиот дискурс во Венецуела. До сега не сме биле контактирани од македонската влада или некоја академска или непрофитна организација, како и од меѓународни организации кои се занимаваат со интегритет на изборите.

Лукен Квинтана (ЛК): Пред претходниот јули не знаев ни за постоењето на Северна Македонија постои, а и никој од таму нема контактирано со нас до сега.

ГВ: Дали би биле отворени да дискутирате или да ги споделувате вашите искуства со Македонците?

ЏГ: Секако дека сум отворен да зборувам и да го споделувам нашето искуство со граѓани, организации и институции од Северна Македонија. Исто така сметам дека е важно да се поврземе со нив бидејќи венецуелската влада директно ги нападна, користејќи го нивното име како изговор, без да презентира никакви докази. Потоа кога, наративот не успеа, се обидуваа да го прикријат скандалот со името на државата. Сметам дека е неопходно да се градат мостови и да се расчистат недоразбирањата поврзани со овој неоправдан напад.

ЛК: Би сакале да зборуваме со локалните институции или групи и ако е возможно, да дискутираме за нашиот документарец. Свесни сме дека македонската влада ги негираше обвинувањата за вмешаност во наводниот хакерски напад врз изборниот систем на Венецуела.

ГВ: Што планирате во иднина во врска со вашите иницијативи?

ЏГ: Покрај продолжувањето на развивањето и оптимизирањето на порталот, работам со различни граѓански организации од други земји што ми пристапија да го адаптираме системот за нивни контексти. Идејата е граѓаните да преземат поактивна улога во сите избори, при што технолошките алатки ќе им помогнат да ги следат и бранат нивните демократии. Планирам да продолжам со претплатата на доменот и по 2025 година. За мене  MacedoniadelNorte.com не е само ироничен одговор; мојата визија за него е да продолжи да служи како основен пример за транспарентност и за тоа што може да се постигне со комбинирање на граѓанската посветеност и технологија.

ЛК: Со DeMacedoniaConAmor.com, сакаме да продолжиме да го користиме документарецот како алатка да се шири вистината за она што се случи во Венецуела, не само за луѓето од дијаспората, не само меѓу Венецуелците, туку исто така и меѓу граѓаните на земјите во кои што живеат наши сонародници. Да го пренесеме сведоштвото за нарушувањата на човековите права во земјата, изборните измами и државниот тероризам, преку настани на интернет и во живо. Сакаме да продолжиме да ги собираме информациите за тоа што се случи на 28 и 29 јули и да промовираме дебата и историско сеќавање користејќи контракултурна перспектива.

 

Вистиномер.мк го пренесува овој напис во рамки на партнерството меѓу „Глобал војсис“ и Фондацијата „Метаморфозис“.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција