Од ветени и до 5 отсто данок на добивка, сега следи „усогласување“ од 15 отсто

Христијан Мицкоски. Фото: Влада на РСМ/веб

Премиерот најави законско усогласување со кое дел од големите компании во земјата ќе плаќаат данок на добивка од 15 отсто. Иако тоа усогласување е спроведување на меѓународна обврска на земјата, таквата изјава на Мицкоски значи извесна недоследност кон предизборното ветување транспонирано и во Програмата на Владата за даночно олеснување и данок од 5 отсто за привлекување на мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра

Премиерот најави законско усогласување со кое дел од големите компании во земјата ќе плаќаат данок на добивка од 15 отсто. Иако тоа усогласување е спроведување на меѓународна обврска на земјата, таквата изјава на Мицкоски значи извесна недоследност кон предизборното ветување транспонирано и во Програмата на Владата за даночно олеснување и данок од 5 отсто за привлекување на мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра

 

Премиерот Христијан Мицкоски даде изјава околу даночната политика во која може да се детектира недоследност:

Сите компании кои на глобално ниво имаат приходи поголеми од 750 милиони евра, овде кај нас повеќе од 10 милиони евра и профит поголем од милион евра, мора да платат консолидиран данок на профит од 15 проценти. Кај нас од она што ние го детектиравме има три типа на вакви компании, првиот се оние што користат т.н даночни олеснувања кои се во слободните економски зони, вториот тип се компаниите кои користат вакви даночни олеснувања, но се надвор од слободите економски зони, а третиот вид се оние кои даваат услуги на слободниот пазар, како што се Телеком, А1, Цементара, ЕВН, … Тие мора да платат 15 проценти данок, рече Мицкоски.

[Извор: Независен.мк – Мицкоски/изјава – датум: 04.12.2024]

 

Образложение:

Премиерот Христијан Мицкоски по само 4 месеци од првично дадената изјава дека се планира намалување на корпоративните даноци на консолидирана добивка од само 5 проценти на дел од мултинационални големи компании, сега го ревидира ставот и најавува дека за одредени компании данокот на добивка ќе биде и 15 проценти.

За таа изјава медиумите објавија на почетокот од август годинава, а всушност стануваше збор за повторување на ветувањето дадено во предизборната програма на сега владејачката партија неколку месеци претходно. Имено, околу даночната политика на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма Платформа 1198, на стр. 13/14 во делот „Земја со ниски даноци“ се наведува:

Данокот на добивка останува со стапка од 10%;

Реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува;

За привлекување на мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, ефективната стапка на данокот на добивка ќе биде 5%

Вчера премиерот изјави дека ќе има усогласување на даночната политика за овие компании со високи приходи и добивки:

Сите компании кои на глобално ниво имаат приходи поголеми од 750 милиони евра, овде кај нас повеќе од 10 милиони евра и профит поголем од милион евра, мора да платат консолидиран данок на профит од 15 проценти.

Премиерот појасни дека поради тоа што рамниот данок на добивката е се уште 10 отсто, тие што оствариле профит од 100 парички, ќе платат 10 проценти, 10 парички тука, а останатите пет ќе мора да ги платат во матичната држава. Тоа не е фер. Ако тие профитираат од македонските граѓани и ако македонските граѓани ги плаќаат своите сметки тогаш тие 15 проценти треба да ги плаќаат тука.

Премиерот Мицкоски со вчерашната изјава за оданочување од 15 отсто за дел од големите компании, не навести ништо друго освен усогласување со реалноста. Односно со фактот дека уште во 2021 година над 140-те земји во светот, меѓу кои и РСМ се согласиле со глобалниот договор помеѓу ОЕЦД и Г 20 за воведување на најнизок данок на добивка.

Македонската редакција на Блумберг Адрија уште тогаш пишуваше дека големите компании во земјава ќе бидат погодени од овој договор кој во суштина значи да се демотивираат бизнисите да го префрлаат профитот во јурисдикции со ниски даноци и да се ограничи таканаречената ’трка до дното’ – битка меѓу земјите да привлекуваат инвестиции по пат на намалување на стапките на данок на добивка и воведување даночни ослободувања и олеснувања“.

И во август кога Мицкоски го спомена даночното олеснување од 5 отсто на добивката, економски експерти кажаа дека тоа ќе биде на штета на државата:

На пример, ако Џонсон Мети плаќа ефективна даночна стапка од 7 отсто, тој сега подлежи на тој глобален минимален данок и ние како држава или ќе го даночиме дополнително до тие 15 отсто или ќе им дадеме на Германците, Англичаните или не знам кој друг да ги прибере тие пари. Македонија сега се наоѓа во таква ситуација што ќе треба да ја зголеми својата даночна стапка. Ќе треба овие големи компании коишто веќе оперираат во Македонија, а ги има сигурно неколку, ќе треба да одлучи дали ќе ги даночи со 15 отсто или ќе ги остави тие пари да ги прибере некоја друга голема држава, го цитираше во август Телма Бранимир Јовановиќ од Економскиот институт во Виена.

Споредувајќи што е ветено во предизборието од владејачката партија и што беше најавено во август, а што сега, може да се види одредена недоследност. Иако формалното ветување за данок од 5 отсто на добивката за големи компании, кои ќе ја консолидирале својата добивка во земјата, формално сè уште не е повлечено и го има и во Програмата за работа на Владата 2024-2028 г. (стр.8), премиерот Мицкоски сега најавува законско усогласување (всушност усогласување со глобален договор), па така во пракса наместо пример на инвестиција на компанија во земјата што би плаќала данок од само 5 отсто, ќе имаме примери на големи компании кои ќе плаќаат данок на добивка од 15 отсто откако официјално ќе стапи во сила законското усогласување.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција