Од ВМРО-ДПМНЕ и Владата не ветувале 250 милиони евра за општините за 2024 година
Изјавата на пратеникот Талески дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски повторно излажале за парите за општините е извртување на вистината, односно спин зашто никаде не се ветини 250 милиони евра за 2024 година. Наместо да се спинува за бројките и тоа по веќе видена технологија како со покачувањето на пензиите – демек не биле 5.000, туку се 2.500 денари, опозицијата, а и јавноста многу повеќе внимание треба да обратат на суштината, односно како се одобрени проектите и зошто не се одобрени оние, како на пример од Струмица, а посебно од Град Скопје
Изјавата на пратеникот Талески дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски повторно излажале за парите за општините е извртување на вистината, односно спин зашто никаде не се ветини 250 милиони евра за 2024 година. Наместо да се спинува за бројките и тоа по веќе видена технологија како со покачувањето на пензиите – демек не биле 5.000, туку се 2.500 денари, опозицијата, а и јавноста многу повеќе внимание треба да обратат на суштината, односно како се одобрени проектите и зошто не се одобрени оние, како на пример од Струмица, а посебно од Град Скопје
Пишува:Теофил Блажевски
Пратеникот од СДСМ Миле Талески на прес-конференција во одговор на новинарско прашање даде изјава во која се препознава спин:
Спин: Иако помпезно од страна на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беше најавено дека на општините ќе им бидат доделени 250 милиони евра, она кое што го гледаме во овој момент и после онаа одлука на Владата за распределба на средствата за општините од унгарскиот кредит, гледаме голема лага, односно им се поделени само 65 милиони евра за реализација на проекти со кои што аплицирале на повикот од власта.
Ова кое што е (претставува – н.з.) неколкукратно лажење на граѓаните се повтори и конкретно за овие средства кои што беа доделени од страна на Владата за општините…
[Извор: СДСМ – Талески/прес – 17.09.2024]
Контраспин: Изјавата на пратеникот Талески е несомнено извртување на вистината, т.е. спин, затоа што никогаш за 2024 година не биле ветени 250 милиони евра од страна на ВМРО-ДПМНЕ или премиерот Христијан Мицкоски.
Вистина е дека во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198 е наведено дека приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде инвестиции во капитални проекти во сите општини во Македонија и дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да инвестира ДО 250 милиони евра годишно од централниот буџет (стр.14), но никаде не е наведено дека тоа важи за 2024 година. Вистина, дека подолу во Платформата пишува ПО 250 милиони евра годишно, односно вкупно во мандат на Влада 1 милијарда евра, но повторно никаде не е спомената и 2024 година.
И тоа е логично со оглед на фактот што новата Влада профункционира на крајот од јуни, а покрај тоа прва и основна задача беше речиси редовниот ребаланс на буџетот. Она на што се обврзале во ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма е дека за време на еден мандат ќе инвестираат во сите општини во земјата, иако е интересно што се набројани поединечни проекти за секоја општина, а Град Скопје е изоставен.
И во Програмата за работата на Владата 2024-2028 година, прецизно стои дека Владата планира годишно да инвестира во капитални проекти во општини ДО 250 милиони евра (стр.36).
Понатаму, од почетокот на јули, од Владата континуирано стигнуваат пораки дека до крајот на годината се планирани околу 100 милиони евра. Една од првите такви најави стигна од министерот за локална самоуправа Златко Перински во изјава од 8 јули:
Јавниот повик ќе биде објавен веднаш по ребалансот на Буџетот и на општините ќе им бидат достапни првите 100 милиони евра за реализација на готови проекти. Убеден сум дека општините ќе аплицираат со квалитетни и корисни проекти кои што ќе одговорат на потребите на граѓаните, изјавил тогаш Перински.
Вистина е дека со одлука на Влада по завршувањето на јавниот повик се доделени 65 милиони евра, но треба да се има предвид дека уште три општини и Град Скопје не добиле ниту денар и дека се најавува продолжување на рокот за овие субјекти до средината на ноември, кога повторно би се расправало за нивните апликации, така што бројката на капиталните инвестиции може да се приближи до декларираните 100 милиони евра. Особено ако од власта се смилуваат на проектите што ги понудиле од Град Скопје, околу 20-тина, меѓу кои има и инфраструктурни капитални проекти, а кои на последната седница на Влада не биле прифатени, без некое прецизно образложение.
Оттука изјавата на пратеникот Талески дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски повторно излажале за парите за општините е извртување на вистината, односно спин. Наместо да се спинува за бројките и тоа по веќе видена технологија како со покачувањето на пензиите – демек не се 5.000 туку се 2.500 денари, многу повеќе внимание треба да се обрати на суштината, односно како се одобрени проектите и зошто не се одобрени другите, како оние од Струмица, а посебно од Град Скопје. Очигледно е дека транспарентноста во процесот засега не е многу видлива.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар