Од земјава не се иселуваат „неколку десетици илјади… воглавно млади луѓе“ годишно

 

 

Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески даде изјава за медиумите која ја оценуваме како невистинита:

СДСМ две години не направи ништо суштински за да ги задржи младите да останат во земјата. Две години нема никаков проект, ниту мерка, за сега откако илјадници млади се иселија да излезат со проект кој го нарекоа младинска картичка, а која наместо реална придобивка нуди минимални попусти во скапи локали.

Секојдневно полни автобуси како од внатрешноста, така и од Скопје ја напуштаат Република Македонија. Училиштата се празнат, а амбасадите од Западна Европа годишно даваат неколку десетици илјади работни визи на наши граѓани, воглавно млади кои одлучуваат да работат и живеат надвор од државата.

Ова почитувани е реалноста, редици пред амбасади, празни училишта и полни автобуси правец Западна Европа. Ова е епилогот од владеењето на СДСМ.

Дарко Каевски и Зоран Заев  се директно виновни за голготата низ која поминуваат младите. Поради неспособноста и неработата на власта, младинската невработеност во Македонија е најголема во регионот и во Европа.

[Изјава: 24 Инфо, датум: 10.06.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на Јаулески, покрај тоа што е невистинита, таа наместа е и контрадикторна, но и недоследна. Да ги аргументираме најпрвин овие две тврдења. Во првиот дел од изјавата тој вели дека „илјадници млади“ се иселиле, за подолу да каже дека „наши граѓани, воглавно млади“ добивале „неколку десетици илјади работни визи“ од амбасадите на земјите од Западна Европа. „Илјадници млади“ и „неколку десетици илјади“ не е исто. Ни приближно. Ова покажува дека станува збор за лични (или партиски) впечатоци или за свесна манипулација, а не за заклучок базиран врз податоци.

Понатаму, неточно и недоследно е да се каже дека „младинската невработеност во Македонија е најголема во регионот и во Европа“. Ова, првин не е точно. Младинската невработеност во текот на ланската година изнесуваше над 46 отсто во земјава, но дури 57 отсто во Косово. А, како второ, како што се гледа од графиконот, во изминатите 2 години младинската невработеност во земјава бележи пад и беше на многу повисоко ниво во времето додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

Да се вратиме сега на тврдењето за десетиците илјади работни визи, кои наводно им се издаваат на македонските граѓани и тоа само од амбасадите на западно-европските земји, а последично на тоа и иселувањето на исто толку „десетици илјади (…) воглавно млади кои одлучуваат да работат и живеат надвор од државата.

Бројките за тоа колку наши сограѓани заминуваат да живеат и работат во странство се непознати. Бројот на лица кои го пријавуваат своето заминување до надлежните органи е многу мал и таа бројка е неверодостојна.

Но, има редица други показатели, пред сѐ, од областа на економијата и образованието, кои јасно би ни покажале ако ваквото тврдење е точно.

Најпрвин, со оглед на тоа што во изјавата се говори за период од две години, односно за периодот на владеењето на актуелната власт, да кажеме дека станува збор за 60 илјади лица кои се иселиле од земјава, односно по 30.000 лица годишно, што претставува најниска бројка која може да се означи со зборовите „неколку десетици илјади“. Но, ова бројка е огромна за држава каква што е Северна Македонија. Таа претставува 3 отсто од вкупното население од околу 2 милиони жители според пописот од 2002 година или 6,7 отсто од бројката од околу 900 илјади лица, колку што изнесува вкупното работоспособно население во земјава. Ова, исто така значи дека секој 15-ти работоспособен жител на Македонија се отселил во изминативе 2 години. Вакви големи бројки на луѓе кои во период од само 24 месеци заминале од земјава не може да не се одразат врз националната економија, како и врз бројките во образовниот процес.

 

ПОКАЗАТЕЛИ ОД ОБРАЗОВАНИЕТО

Така, на пример, бројот на запишани студенти во учебната 2015/2016 година би требало да биде значително поголем од оној во учебната 2017/2018 година. Од овие 60.000 „воглавно млади луѓе“ невозможно е значителен дел од нив, барем едно 20-30 отсто, да не се студенти, кои ги напуштиле студиите и заминале на работа во странство. Но, бројките не покажуваат ништо слично. Падот на бројот на запишани студенти меѓу учебната 2015/2016 и 2017-2018 година изнесува 4,9 отсто, односно по просечно 2,45 отсто годишно. Овие бројки се во рамките на нормалните флуктуации на запишани студенти од по една до две илјади студенти годишно повеќе или помалку. Така, на пример, во учебната 2017/2018 година се запишале 56.941 студент, но многу сличен број на запишани студенти имало и во учебната 2012/2013 година, односно 56.906 студенти. Ако навистина во изминатите две години се отселиле 60.000 „воглавно млади луѓе“ или ако западно-европските амбасади „годишно даваат неколку десетици илјади работни визи на наши граѓани, воглавно млади“. Тогаш бројот на запишани студенти во учебната 2017/2018 година би требало да биде далеку, далеку помал од оној во 2012/2013 година што овде не е случај.

Иста е приказната и за училиштата кои наводно се празнат. Имено, точно е дека од година во година бројот на запишани ученици во основните училишта опаѓа по околу 4.000 ученици годишно, (235.691 ученици запишани во основните училишта во 2005/06 учебна година наспроти само 192.165 во 2014/15 година), но ако навистина по барем околу 30.000 лица годишно се отселувале во земјава лани и преклани, оваа бројка би требало да забележи уште позначителен пад. Имено, извесен дел од овие „неколку десетици илјади“ лица би требало да имаат и деца запишани на школо, што значи дека дел од нив би ги зеле со себе и своите деца. Но, податоците за бројот на запишани ученици во основните училишта во изминатите три школски години, откако СДСМ дојде на власт, споредено со учебната 2015/16 година, пред СДСМ да дојде на власт, не покажуваат ништо слично. Уште повеќе, бројот на запишани ученици во основните училишта варира од речици 186 илјади до под 193 илјади, значи надолна или нагорна варијација од по неколку илјади ученици нагоре или надолу, но без јасен нагорен или надолен тренд.

Учебна година  Запишани ученици (основни училишта)
2015/16             185 992
2016/17             192 715
2017/18             192 448
2018/19             188 102
Извор: државна статистика

 

ЕКОНОМСКИ ПОКАЗАТЕЛИ

Слични заклучоци можат да се извлечат и од економските показатели. Така, на пример, ако се погледне најважниот економски показател, оној за движењето на економијата – бруто домашниот производ (БДП), тој би требал да покаже пад од барем 5 до 10 отсто за овие две години што бездруго би се случило во секоја економија која би изгубила 3 отсто од вкупното население и тоа не било кои 3 отсто, туку 3 отсто кои припаѓаат на најпродуктивниот сегмент, кој или работи или бара работа и кој издржува други лица (деца, родители, сопружници). И ако 60.000 работоспособни лица претставуваат 3 отсто од вкупното население, тие истовремено претставуваат 6,7% од работоспособното население. Тешко дека било која држава, која во период од 2 години би го изгубила секој 15-ти работоспособен жител, би можела тие две години да ги помине без посериозен пад на БДП. А, како што знаеме, македонскиот БДП не само што не паѓа, туку и расте – 0,2 отсто преклани, закрепнувајќи од политичката криза во претходните 3 години и 2,7 отсто лани, откако кризата значително се потсмири.

Понатаму, тешко дека таквиот одлив на „неколку десетици илјади“ луѓе годишно не би се одразил и врз бројката на работоспособно население, односно на вкупниот број вработени лица и оние кои бараат работа. Но, оваа бројка не само што не паѓа, а според она што го зборува Јаулевски таа би морала да забележи пад, зашто, нели, „неколку десетици илјади работни визи“ им се давале на „воглавно млади луѓе“, туку таа, напротив, расте. Па, така, вкупното работоспособно (или активно) население според анкетата на работната сила на државната статистика на крајот од првиот квартал годинава изнесува 960 743 лица, наспроти бројката од крајот на првиот квартал во 2017 година (последен цел квартал кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт) и кога оваа бројка изнесуваше 952 644 лица.

Слично е и со цените на недвижностисте. Ако толку многу луѓе се отселиле за две години, и тоа „воглавно млади луѓе“, кои без друго имаат потреба да си го решат станбеното прашање, тоа би требало да доведе до голем број непродадени станови и нивната цена би требало да падне. Но, ни тоа не се случило. Индексот на цените на недвижностите варира меѓу 89 и 95 во изминатите 2 години без јасна нагорна или надолна насока и е меѓу 4 и 11 отсто понизок од базниот индекс 100 кој се однесува на 2010 година. Ваквото движење на овој индекс на НБРМ не се разликува во ништо од периодот од 2013 до 2016 година, кога тој се движел меѓу 90 и 96 индексни поени. Сето ова покажува дека флуктуациите во цените на недвижностите во изминатите 2 години во ништо не се разликуваат од оние во претходните 4 години, што, пак, покажува дека нема никаков пад на овие цени, пад кој бездруго би морал да се случи ако одеднаш, во период од 2 години, барем 60.000 илјади луѓе или „неколку десетици илјади“ годишно би се отселиле од земјава.

Имајќи го предвид сето ова, како и редица други показатели (како на пример движењето на платите, кои би морале значително да пораснат ако одеднаш секој 15-ти припадник на работоспособното население во земјава го снема, што, исто така, не се случи), изјавата на претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

НБРМ – Индексот на цените на недвижностите  – Основни економски показатели (БДП) [Пристапено на 11.06.2019]

Државен завод за статистика –  Активно население [Пристапено на 11.06.2019]

Државен завод за статистика – Број на запишани студенти на македонските универзитети по години  [Пристапено на 11.06.2019]

Државен завод за статистика – Број на запишани ученици во основните училишта [Пристапено на 11.06.2019]

 

Оцени: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција