#Одговорност е канализациска мрежа, а не септичка јама

 

 

Пребарувањето по интернет со зборовите „без канализација“ и слични формулации дава поразителни резултати: освен за значителен број села и помали места во Македонија, фекалната канализација во втората деценија на 21. век е фантазија и за делови од градското јадро на Скопје!

Според публикацијата на Државниот завод за статистика Статистика на животна средина, 2015, во која се користени податоци од пописот во 2002 година, во тоа време на јавна канализација биле приклучени 60 отсто од домаќинствата, а останатите биле со септички јами, со слободен истек (односно истек во водотеци) и без инсталации, односно со нужници биле 7,4 отсто од домаќинствата.

Оттогаш (2002 година),  работите несомнено се напреднати, но сепак,  реалноста е таква што не само во голем број села (кои не се многу оддалечени од градовите), туку и во некои населби во поширокиот центар на Скопје,  домаќинствата сè уште  користат септички јами. Таков е случајот со делот на Топаана под касарната Илинден, каде нема фекална канализација. Истите маки ги имаат и жителите во Трпејца, бисерот на Охридското Езеро, како и во Љубаништа,  каде што, иако, уште во 2014 година почнале да се преземаат одредени чекори во оваа насока, сепак, досега (октомври 2016 година) не е решен проблемот со фекалната канализација. Речиси идентична ситуација  се забележува  и во Стар и Нов Дојран, каде  половина од домаќинствата се на септички јами.

За жал, впечатокот е како надлежните одговорноста да ја фрлиле во септичка јама, а можеби  во нужник, полски клозет, ќенеф, але, ѓериз…(!)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција