#Одговорност е кога властите одговараат на ненарачани новинарски прашања

 

 

Во оваа наша македонска сага  секојдневно имаме ситуции кога некои од новинарите наместо да го штитат јавниот интерес,  со еден сервилен и апологетски пристап ја воспеваат власта. Па, во еден таков целосно изместен вредносен амбиент,  јавноста  гледа – чита славопојки за владејачката партија, наместо коректно интервју со задолжителна професионална дистанца.

Сведоци сме како прес-конференциите на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но и на пресовите на министрите , се поставуваат нарачани парашања за тоа што е сработено. А тие, функционерите одговараат – се фалат,  ли се фалат на долго и на широко. Додека, оние „нормалните“ прашања, пак, кои се однесуваат за некој конкретен проблем – настан од  јавен интерес, или ги игнорираат или на нив даваат спинерски одговор, во кој задолжително ги напаѓаат опозицијата, невладиниот сектор, интелектуалците и секоја критичка мисла која не е на линија на власта.

Владините претставници толку се соживеани во улогата да одговараат само на прашања по нивна мерка, што имаат нервозни реакции дури и кога им се поставуваат најнормални  прашања. Таква реакција , на пример, имаше министерот за здравство, кога во март годинава  го прашаа за опасноста од епидемија на заразни болести кај бегалците во Табановце и за одговорноста на институциите за смртта на малата Тамара.   Тодоров,  тогаш малку ги побрка лончињата и нормалните новинарски прашања ги стави во категоријата нарачаки, па рече дека најпрвин ќе одговори на „новинарски прашања, а потоа на нарачаните“!

Понекогаш со нарачките од власта има и комични ситуации, како онаа за локалните избори во 2013 година, кога  новинарка од една телевизија со национална концесија, прашањата  скроени за градоначалникот на Центар (во тоа време кандидат) Андреј Жерновски, му ги постави на Андреј Петров, тогашен кандидат за градоначалник на Општина Карпош!

Прашањата се за дознавање на вистината, а не за фалење на власта!

Новинарите мора да ги штитат интересите на јавноста, а не на власта!

Новинарите да бидат чувари на демократијата, а не адвокати на власта!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција