#Одговорност е oбиколница што не предизвикува поплави

 

 

Скопската обиколница во поплавата што ги погоди североисточните делови на скопската котлина на 6 август годинава се претвори во апокалиптичен соучесник на надојдените води. Кај Стајковци таа насобра вода која однесе човечки животи и нанесе огромни штети на објекти и автомобили и засекогаш го измени животот на илјадници жители на Стајковци и другите населени места во близината.

Воопшто не морало да биде така, порачаа дузина експерти, од кои и еден вработен во УХМР. Само требало да се избегнат почетнички грешки при проектирањето и надзорот, односно требало да се направат соодветни испусти под коловозот, порачаа тие, образложувајќи дека тоа е само еден од проблемите што доведоа до катастрофата. Наспроти тоа, обиколницата во 2009 година беше пуштена во употреба помпезно – но неодговорно!

За почеток, м-р Васко Стојов од државната Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР) после поплавите посочи дека нема доволно водопропусни отвори под обиколницата, како и дека каналите се исполнети со смет и шут и претераното градење, асфалтирање и бетонирање се пречката за поинакво движење на водите.

Идентична оценка даде и д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, а универзитетскиот професор, експерт за ерозија, Александар Трендафилов, скопската обиколница ја прогласи за вештачка брана, согласувајќи се со претходните двајца.

Но, не требало да се чека катастрофа и пост-фестум анализи.

Предупредувањето е дадено уште пред Груевски да ја пушти обиколницата на 22 јуни 2009.

a1obikolnica2009Претходно двапати вода се насобирала на обиколницата, а потоа и се прелевала во куќите до неа. И наместо да се побараат причините, Агенцијата за државни патишта се обидувала да се испере од одговорноста, тврдејќи дека за поплавените објекти се виновни жителите. За жал, демантот што го даде поплавата – дека, сепак, немало доволно испусти за водата – стаса премногу доцна.

Можеше да биде малку поинаку – доколку властите имаа вистинско чувство на #одговорност!

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција