#Одговорност е учебници без грешки, говор на омраза и навреди

 

 

Многу нелогичности, како и стручни, јазични и дидактички грешки честопати се забележуваат во учебниците за основните и средните училишта, дури и во оние кои се користат на факултетите.

Изминативе години имаше повеќе скандалозни случаи со литература за основци, средношколци, па и за студенти во која има смешни дефиниции, погрешни равенки, збунувачки материјали и содржини кои се сосема несоодветни за возраста на децата.

Да ги споменеме, на пример, учебниците по историја, кои „поучуваат“ дека Шекспир потекнува од Шпанија, Самоил бил прогласен за цар, а Византија уште во 12. век војувала со Османлиите ,  дека „татковина“ е „состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ“, дека Грција излегува на Јадранско Море, дека  пубертетот  „доаѓа со торта што ја направила мама“ , а потоа следи и „пипање на мозолчињата“ !

Има многу други „проблесоци“ од кои се шокираше јавноста,  а напати работите одеа и дотаму што некои во учебници се  пласираа и хомофобни содржини. Состојбите, за жал, се такви што учебникарството  сѐ уште  не е излезено  од  „пубертет“ и од фазата на  „пипање мозолчиња“!

Учебниците на албански се приказна за себе! Низ годините грешки се провлекуваа еден куп јазични грешки – па дури и погрешно напишано име на предметот Географија на корицата на учебникот, а албанската јавност реагираше, меѓу другото, и на тоа што Јован Кукузел од Драч е претставен како македонски црковен композитор, а во учебникот по Општество на албански јазик знамето на Косово беше претставено како грчко. Сето тоа во време кога во два мандати министер за образование е Албанец.

Учебниците се одговорност на државата, односно на соодветните институции – Министерство за образование, Бирото за развој на образованието, кои  ги избираат и авторите и рецензентите. Примерите кои ги пососчивме се само дел од мноштвото грешки и промашувања за кои реагираше јавноста и  кои јасно укажуваат дека  надлежните,  изгледа, не сфатиле дека имаат обврска  да понудат квалитетни учебници и да бидат одговорни како ги трошат народните пари.

Да се издаваат квалитетни учебници, а не такви што ја шокираат јавноста

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција