Одговорноста кај првите луѓе во правосудството е само дел од вистината за ниската доверба

Х. Мицкоски. Фото: Влада на РСМ/веб (25.02.2025)

Факт е дека кај првите луѓе во правосудството сигурно има огромна одговорност за ниската доверба. Но исто така е факт дека огромна одговорност има и во законите, од кои сега клучни се во фаза на измена, исто како што е факт дека огромна одговорност сноси и државата што не ги исполнува своите обврски и задолженија и во поглед на буџетите и во поглед на кадровско-техничката опременост и условите за работа и во обвинителството и во судството

Факт е дека кај првите луѓе во правосудството сигурно има огромна одговорност за ниската доверба. Но исто така е факт дека огромна одговорност има и во законите, од кои сега клучните се во фаза на измена, исто како што е факт дека огромна одговорност сноси и државата што не ги исполнува своите обврски и задолженија и во поглед на буџетите и во поглед на кадровско-техничката опременост и условите за работа и во обвинителството и во судството

 

Одговарајќи на прашања околу разрешувањето на јавниот обвинител Љупчо Коцевски и дали тоа не е партиско мешање во правосудството, премиерот Христијан Мицкоски искажа став зошто како Влада ја покренале постапката, а одговорноста за многу ниската доверба во правосудството ја лоцираше кај првите луѓе, што е само делумна вистина:

Факт е дека граѓаните најниска доверба имаат во правосудниот систем. И ние мораме (таа одговорност) да ја лоцираме. Не можеме да зборуваме во метафори или да зборуваме дифузно. Ние мораме јасно да ја лоцираме одговорноста зошто е тоа така. И ако првите луѓе немаат одговорност, тогаш јас навистина не знам кој е тој што би требало да има одговорност.

[Извор: Влада на РСМ – Х. Мицкоски/прес (по 16.30.мин) – Датум: 25.02.2025]

 

Образложение:

Правосудството (ЈО на РСМ, Совет на ЈО, Судски совет, првите луѓе на судовите и на обвинителството, други институции и органи) е комплексен систем од чија работа навистина зависи борбата со криминалот и корупцијата во земјата. И факт е дека првите луѓе на сите овие институции носат огромна одговорност за вкупната слика со работата и довербата во правосудството.

Но, како сложен механизам кој е регулиран со долго усогласувани темелни законски решенија (КЗ, Закон за судски совет, Закон за Јавно обвинителство, Закон за Совет на јавни обвинители, итн), одговорноста може да се лоцира и во квалитетот на тие закони, нивните повремени измени, како што беше онаа несреќна измена за намалување на казните во септември 2023 г., Стратегијата за реформи и нејзиното спроведување, итн. И токму затоа, исто така е факт дека дилемата за персонална смена на првиот човек во обвинителството и дел од луѓето во Судскиот совет, пред да се донесат законските измени кои се најавени за до јуни (за Судскиот совет), може да се толкува како обид за смена на „нивни“ наместо „свои“, грубо речено. Оваа теза ја турка опозицијата, иако во последните денови и тие изразуваат незадоволство од работата и на Јавното обвинителство и во судството.

Втор факт, којшто не може да се заобиколи се условите во кои работат најважните институции од правосудството, а тоа се обвинителствата и судовите. Бројот и на обвинителите и на судиите драстично е различен од неопходната бројка што овозможува ефикасни постапки. Бројот на истражителите во јавно-обвинителскиот систем, исто така со години е недоволен, иако работите малку почнаа да се подобруваат во последните две години. Бројот на судската администрација е недоволен. Техничката опременост и во двете институции е незадоволителна, а некаде и под просек во смисла на опременост со информатичка технологија, а дигитализацијата е сè уште на незадоволително ниво во смисла на поврзување на овие институции, со другите институции во државата што го чинат правосудниот систем. Организациската поставеност на обвинителствата, но посебно на судовите е проблем, па со години се разгледува можноста за реорганизација на судовите во државата.

Единствено може да се каже дека само платите на јавните обвинители и на судиите се добри и не се гледа како проблем, за разлика од оние на администрацијата што работи таму. Но, сепак останува хроничното, децениско потфрлање на обврската на државата за финансирање на Јавното обвинителство со 0,4 отсто од буџетот на државата на годишно ниво и на судството со 0,8 отсто од БДП остварен во претходната календарска година.

Сето ова е запишано во годишните извештаи за работата и на Јавното обвинителство и на Судскиот совет кои се доставуваат редовно во Собранието, а кои патем, оние последните пред некој месец не беа прифатени од пратениците, како алатка која треба да послужи за почетокот на реформите, овој пат преку постапки за персонални смени во двете институции.

Оттука, факт е како што вели Мицкоски дека кај првите луѓе во правосудството сигурно има огромна одговорност, но сепак тоа е само делумна вистина кога станува збор за довербата на граѓаните во правосудството.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција