Одредувањето на нивото на антитела не се препорачува и не влијае врз вакцинацијата
Сè повеќе граѓани се вакцинирани против ковид, а со тоа и редиците пред лабораториите за испитување на антитела стануваат подолги. Некои граѓани се тестираат прерано, некои предоцна, а трети со тест којшто воопшто не мери антитела после вакцинација. Глобалната алијанса за вакцинација (ГАВИ), на 27 август годинава официјално соопшти: не може да се потпрете на тестовите за антитела за да кажете дека сте или не сте заштитени од ковид
Сè повеќе граѓани се вакцинирани против ковид, а со тоа и редиците пред лабораториите за испитување на антитела стануваат подолги. Некои граѓани се тестираат прерано, некои предоцна, а трети со тест којшто воопшто не мери антитела после вакцинација. Глобалната алијанса за вакцинација (ГАВИ), на 27 август годинава официјално соопшти: не може да се потпрете на тестовите за антитела за да кажете дека сте или не сте заштитени од ковид
Позитивен тест на антитела не секогаш гарантира дека граѓанинот е заштитен, а негативен тест не секогаш значи дека тие се незаштитени. За повеќето граѓани, не е потребно да се тестираат за антитела после вакцинација. Како и за другите вакцини, како на пример за сипаници или полио, така и за ковид вакцината, мноштво податоци од клинички тестирања и тековни вакцинални програми, обезбедуваат доверба дека ковид вакцината штити, без да треба да се потврдува тоа со индивидуално тестирање на антитела, стои во најновото соопштение од ГАВИ од 17 август 2021.
КАКО ФУНКЦИОНИРА ДЕТЕКТИРАЊЕТО АНТИТЕЛА?
Повеќето вакцини против ковид-19 се дизајнирани само да создадат антитела против спајк протеинот, клучна молекула што се наоѓа на површината на Сарс Ков 2 вирусот и која му помага да влезе во клетката домаќин и да се шири во телото.
Серолошките тестови генерално беа дизајнирани рано во пандемијата за да детектираат само неколку антитела генерирани со ПРИРОДНА ИНФЕКЦИЈА, А НЕ СО ВАКЦИНАЦИЈА. Многу од овие тестови за антитела кои се денес на пазарот, не детектираат антитела за спајк протеинот, туку само за нуклеокапсидниот протеин кој ја формира обвивката во која е затворен генетскиот материјал на вирусот. Така, лице кое примило вакцина против ковид-19, а не било претходно инфицирано со ковид, може да има негативен серолошки тест, ако тестот што се користел не ги детектира антителата што се создаваат по вакцината, туку само тие што се создаваат по прележување!
Освен тоа, потребни се околу две недели за телото да генерира антитела после вакцината, така што дури и тестовите што се користат за детекција на „вистинските“ антитела, може да се негативни во првите неколку недели после вакцинацијата. Како резултат на тоа, негативен серолошки тест може лажно да се протолкува како недостиг на антитела против Сарс Ков 2, иако граѓанинот се вакцинирал, без да се знае дека тој наскоро ќе развие антитела. Од друга страна, пак, позитивен серолошки тест после вакцинација, може да предизвика лажно чувство за сигурност.
Според ГАВИ, тестовите за антитела кои се користат во моментот, не се евалуирани за да можат да утврдуваат ниво на заштита како резултат на имун одговор после вакцинација против ковид.
Рапид тестовите за антитела само покажуваат дали се присутни или не антитела, без да се обезбеди квантитативна информација. Научниците уште ги немаат поставено координатите на заштита, односно точната концентрација на антитела потребна за да се превенира инфекција или болест, така што дури и позитивен тест на антитела не може дефинитивно да потврди дека некој е заштитен. Со други зборови, само зашто некој има позитивен тест на антитела, тоа не значи по автоматизам дека нивното ниво е доволно високо за да заштити од ковид инфекција. Понатаму, антителата варираат во нивната способност да го неутрализираат вирусот. Оваа нивна карактеристка не се мери со рутинските тестови за антитела. Конечно, антителата не се единствениот начин имуниот систем за да создаде одбрана против идна закана. Различни типови на бели крвни зрнца придонесуваат, на пример, на начин што го паметат патогенот, така што брз одговор може да биде генериран следниот пат при контакт со вирусот, објаснува Глобалната алијанса за вакцинација.
Поради тоа што многу тестови за антитела не секогаш се релевантни да индицираат дали некој е заштитен против ковид-19, организациите како ФДА (Агенција за храна и лекови на САД) не препорачуваат во моментот да се користат како начин да се евалуира нечие ниво на имунитет или заштеност од Сарс Ков 2 инфекцијата.
Погрешната интерпретација на ваквите серолошки тестови може да води до лажно чувство на заштита, предизвикувајќи луѓето да не ги следат докажаните мерки за заштита, како и да носат ПОГРЕШНИ ЗАКЛУЧОЦИ за ефикасноста на вакцината. Тоа, пак, може да им влијае на другите да не се вакцинираат, што ултимативно ќе води до дополнително ширење на заразата,децидни се од ГАВИ.
ФДА алармира дека вакцината против ковид може да предизвика позитивен тест на антитела кај некои, ама не кај сите тестови за антитела.
Не треба да интерпретирате дека резултатите од вашиот тест на антитела е индикација за некакво специфично ниво на имунитет или заштита од Сарс Ков 2. Бидете свесни дека вакцините поттикнуваат создавање на антитела на специфични вирални протеини. На пример, мРНК вакцините индуцираат антитела на спајк протеинот, а не на нуклеокапсидните протеини што се создаваат со прележување на ковид. Затоа, вакцинираните кои претходно не прележале ковид, ќе добијат негативен тест на антитела ако овој тест не детектира антитела што се создаваат од ковид вакцината,пишува на нивната веб страница.
Т – КЛЕТКИТЕ, КЛУЧЕН ДЕЛ ОД ИМУНОЛОШКИОТ СИСТЕМ
Професорот на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ даде стручно согледување на оваа проблематика.
Во текот на последнава година и пол, обичните луѓе научија многу за вирусите, вакцините и имунолошкиот систем. Сите ние моравме да „свариме“ многу комплексни специјалистички знаења за тоа колку се безбедни и ефикасни вакцините против ковид-19. Но, еден важен и позитивен аспект на вакцините не беше добро соопштен. Статистиката за ефикасноста на вакцините против ковид-19 се фокусира само на еден аспект на имунитетот: антителата. Но, има и друг аспект: Т-клетките, клучен дел од нашиот имунолошки систем. И добрата вест е дека сегашните вакцини (барем повеќето) ги стимулираат Т-клетките да се борат на долг рок, не само против оригиналниот сој на вирусот САРС-КоВ-2, туку и со неговите нови варијанти, вели доктор Даниловски.
Тој објаснува дека имунолошкиот систем нѐ штити од разни заразни болести, предизвикани од бактерии, вируси, габи или паразити. За да го стори тоа, тој прво одредува каков тип на инфективен агенс предизвикува инфекција. Потоа дизајнира соодветен одговор. Важно е дека истовремено произведува мемориски клетки кои можат да го препознаат истиот патоген микроорганизам во иднина.
Тоа му овозможува на имунолошкиот систем да се бори против потенцијалните реинфекции. Ако имунолошкиот систем утврди дека е потребен антивирусен одговор, тој започнува комбинација од два вида имунитет. Едниот е хуморален (посредуван со антитела), а другиот со Т-клетки, т.н. клеточен имунитет. Антителата се врзуваат за вирусите и ги неутрализираат, спречувајќи ги да ги инфицираат клетките. Во меѓувреме, Т-клетките ги убиваат клетките кои веќе се заразени од вирусот. Истражувањата веќе утврдија дека клеточниот имунитет е моќно оружје против хуманите коронавируси, вклучувајќи го и САРС-КоВ-2. Се знае, на пример, дека Т-клеточниот имунитет против САРС-коронавирусот опстојува и до 17 години. И, иако повеќето луѓе не го знаат тоа, постојните вакцини (повеќето од нив) за КОВИД-19 нудат цврст клеточен имунолошки одговор. Имунолошкиот систем е генерално сосема ефикасен во ерадицирањето на повеќето патогени микроорганизми. Но, не сечиј имунолошки систем е подеднакво ефикасен во справувањето со истиот тој микроорганизам; понекогаш му треба малку помош. Вакцините го обучуваат имунолошкиот систем да го препознава и да реагира на одреден патоген микроорганизам, без претходно да биде заразен од него. Традиционално, повеќето вакцини содржат само мал дел од патогениот микроорганизам. Ова го подготвува имунолошкиот систем, имитирајќи природна инфекција. Но, како што напредуваше пандемијата, вирусот мутираше. Мутациите во протеинот на шилецот му даваат одредени селективни предности на вирусот. Некои од овие мутации го направија вирусот полесен за пренос или помогнаа да му избега на имунолошкиот систем. Појавата на варијанти ја зголеми загриженоста за ефикасноста на постојните вакцини за ковид-19. За време на пандемијата, извештаите и соопштенијата за печат информираа за ефикасноста и ефективноста на различните вакцини против ковид-19 против појавените варијанти. Но, тие се фокусираа речиси исклучиво на способноста на антителата индуцирани од вакцините и на тоа колку тие се ефикасни во неутрализирање на варијантите. Овој акцент врз антителата значи дека секоја вест за намалување на ефикасноста на антителата против појавените варијанти се користеше како доказ дека вакцините можеби нема добро да функционираат на долг рок. Тоа, пак, поттикна недостаток на доверба кај јавноста во науката што стои зад дизајнот на вакцините за ковид-19. И овој недостаток на доверба придонесе(ува) кон скепса и двоумење за вакцините. И многумина може да си речат, зошто да примат вакцина кога таа е помалку ефикасна против секоја нова варијанта? Всушност, неколку неодамнешни трудови (овој, овој и овој труд,) покажаа дека, иако варијантите на САРС-КоВ-2 можат да им „избегаат“ делумно на неутрализирачките антитела, клеточниот имунолошки одговор предизвикан од повеќето моментално користени вакцини за ковид-19 е многу цврст и останува ефикасен. Иако антителата предизвикани од вакцините можеле да се врзуваат за варијантите на вирусот, сепак, помалку биле во состојба да го неутрализираат. Т-клетките, од друга страна, во голема мера реагирале на варијантите, исто како на оригиналниот тип на вирусот. Тие сѐ уште биле во состојба да ги препознаат и да одговорат ефикасно на варијантите, давајќи цврста заштита од болеста. Затоа, во иднина треба да се стави поголем фокус на развојот на вакцини кои се способни да произведат антитела, но предоминантно да предизвикуваат клеточен имунолошки одговор против САРС-КоВ-2 и неговите варијанти, посочува доктор Даниловски.
Повеќето луѓе не ни треба да се грижат за ова. Ако мора да се тестирате или едноставно сакате, есенцијално е да го користитте вистинскиот тест. Не можам да препорачам сите да се тестираат зашто ако навистина не сфаќаат што прави тестот, тогаш може погрешно да си помислат дека не развиле антитела, изјави за весникот Акико Ивасаки, имунолог од Универзитетот Јејл.
„Њујорк Тајмс“ објаснува дека во почетокот на пандемијата тестовите беа дизајнирани да детектираат антитела на протеинот од коронавирусот наречен нуклеокапсид или едноставно ,,N”. Овие антиела за N протеинот не се продуцираат со вакцината. Вакцината авторизирана во САД провоцира антитела на друг протеин наречен ,,Спајк”. Ако луѓето кои никогаш не биле инфицирани се вакцинираат и потоа се тестират за антитела на N-протеинот наместо на антитела за Спајк-протеинот, ќе добијат лажни резултати.
Но, испитувањето на антителата може да е круцијално за луѓе со слаб имунолошки систем или тие што имаат трансплантиран орган, имаат канцер на крвта, или земаат имуносупресивни лекови.
И во Македонија, Националниот комитет за имунизација од почетокот на вакцинацијата информира дека одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар