„Оџата од Косово“ беше измислен, па не ни можело да сведочи за случајот со Вања Ѓорчевска

Фото: Принтскрин

Никогаш не постоеше никаков „косовски оџа што пишуваше за Вања“, туку тоа беше лажен провокаторски профил. Така што, ниеден оџа не бил на листата на сведоци во судскиот процес кој се води против обвинетите за убиство и грабнување. Не е точно наведеното во објавата дека сведоците што биле повикувани од страна на судот во процесот биле „фалц“. Досега сведочеа бројни полициски инспектори, началници, претставници на партијата „Десна“, членови на семејството на Ѓорчевска, мајката, но и други сведоци за кои судот смета дека се релевантни за предметот

Никогаш не постоеше никаков „косовски оџа што пишуваше за Вања“, туку тоа беше лажен провокаторски профил. Така што, ниеден оџа не бил на листата на сведоци во судскиот процес кој се води против обвинетите за убиство и грабнување. Не е точно наведеното во објавата дека сведоците што биле повикувани од страна на судот во процесот биле „фалц“. Досега сведочеа бројни полициски инспектори, началници, претставници на партијата „Десна“, членови на семејството на Ѓорчевска, мајката, но и други сведоци за кои судот смета дека се релевантни за предметот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Оџата од Косово каде ви е, што пишуваше за Вања? Нели треба да сведочи, а све некои фалц сведоци одеа до сега.

Во објавата се реактуелизира невистината поврзана со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, којашто веќе е разобличена. Имено, непосредно по исчезнувањето на девојчето, додека уште не беше познат епилогот од овој трагичен настан и додека полицијата трагаше по неа, (уште не беше пронајдено безживотното тело) во коментарите под објавата на мајката во која бараше повеќе информации за Вања, беше објавен лажен коментар од лажен профил кој се претставуваше во име на оџа.

Од овој профил беа објавени коментари со содржина:„Јавете се“, „Девојката е кај нас“, а следниот ден од имаше погрдни и морбидни коментари со псовки.

Фејсбук-профилот се претставуваше како „Џамија од Подујево“ и медиумите веќе известуваа за него овде. 

Од МВР во тој временски период за редакцијата на „Скопје 1“ изјавија дека преку меѓународна соработка работат на лоцирање на сопственикот на профилот со цел санкционирање, ама за лажно претставување.

Во Фејсбук-профилот со име „Џамија од Подујево“ се злоупотребуваше фотографија од вистински оџа кој е од Албанија, а не од Косово. Профилот изгледаше вака:

Со обратно пребарување на фотографијата од лажниот Фејсбук профил на која се наоѓаше исламско верско лице, се доаѓа до вистинскиот идентитет на лицето кое се наоѓа на фотографијата. Станува збор за имамот Арбер Бериша од Тропоја, Албанија.

Веќе сум запознаен со овој профил кој неколку пати го пријавував во полиција затоа што често преку него некој, или криминална група, ги злоупотребуваше верниците злоупотребувајќи го моето име. Им давал совети, а потоа им барал пари користејќи го моето име и претставувајќи се од различни локации во светот. Овој профил нема никаква врска со ниедна џамија во Подујево. Ве молам обидете се и вие да го пронајдете натрапникот, зашто јас се обидов, но ништо не помогна да биде избришан овој профил, изјави тогаш во телефонски разговор за „Слободен печат“ имамот Бериша чиј идентитет беше злоупотребен, пред 1 година.

Следствено, ниеден оџа не бил во листата на сведоци во судскиот процес кој се води против обвинетите за убиство и грабнување во скопскиот кривичен суд. Не е точно наведеното во објавата дека сведоците што биле повикувани од страна на судот во процесот биле „фалц“. Досега сведочеа бројни полициски инспектори, началници, претставници на партијата „Десна“, членови на семејството на Ѓорчевска, мајката, но и други сведоци за кои судот смета дека се релевантни за предметот.

Вистиномер и претходно ја дебанкираше оваа дезинформација, но таа сега се реактуелизира.

Девојчето, како што покажа истрагата, никогаш не ја напушти територијата на Македонија и била убиена истиот ден во близина на Скопје, каде што беше пронајдено и нејзиното безживотно тело.

Значи, никогаш не постоеше никаков „косовски оџа што пишуваше за Вања“, туку тоа беше лажен провокаторски профил. На социјалните мрежи граѓаните се самоорганизираа да го пријават профилот како лажен, а коментарот како спам.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција