Официјалната статистика вели дека во С. Македонија живеат над 3,5 илјади Бугари
Премиерот често употребува „неколку стотици“ припадници на бугарската заедница, веројатно со цел да го истакне барањето за промена на уставот како не толку големо прашање за толку мал број луѓе. Но, ништо нема да биде погрешно и ако Мицкоски се држи до официјалната бројка од 3, 5 илјади лица кои се изјасниле како Бугари според последниот попис, а премиерот би добил на доследност, бидејќи употребува официјални податоци
Премиерот често употребува „неколку стотици“ припадници на бугарската заедница, веројатно со цел да го истакне барањето за промена на уставот како не толку големо прашање за толку мал број луѓе. Но, ништо нема да биде погрешно и ако Мицкоски се држи до официјалната бројка од 3, 5 илјади лица кои се изјасниле како Бугари според последниот попис, а премиерот би добил на доследност, бидејќи употребува официјални податоци
Во разговор со водителката од Еуроњуз премиерот Христијан Мицкоски даде податок кој може да се оцени како невистина:
Неколкуте стотина припадници на бугарската заедница во земјава ги имаат сите права и се дел од нашите институции, а од друга страна на десетици илјади припадници на македонската заедница во Бугарија не им е дозволено ниту да регистрираат невладини организации. Но, во ред. Тие се во ЕУ, ние сме надвор од ЕУ. Ова е еден вид ‘булинг’, но во ред. Ние би сакале да се видиме себеси на масата во Брисел, но вистинското прашање е дали е ова последната цена што треба да ја платиме.
[Извор: 360 Степени – Мицкоски/вест – датум: 04.11.2025]
Образложение:
Премиерот Христијан Мицкоски во разговор за Еуроњуз, кој беше организатор на самитот за проширување на ЕУ, искажа податок за бројот на лица од бугарската заедница во С. Македонија, кој не е вистинит.
Имено, тој искажа дека во земјата живеат „неколку стотина припадници на бугарската заедница во земјава“, што не се совпаѓа со официјалната статистика. Последен попис во С Македонија беше извршен во 2021 година и според резултатите од тој попис како Бугари се изјасниле неколку илјади, т.е. точно 3.504 граѓани од резидентното население се изјасниле во графата за етничка припадност како Бугари. Ова може да се потврди со посета на резултатите што ги објави Државниот завод за статистика кој го спроведуваше пописот.
Кај графата етничка припадност на резидентното население на стр.64 се наведува дека при пописот 3.504 се изјасниле како Бугари, при што 2.121 се мажи, а 1.383 се жени.
Иако за ваквата бројка на еден начин протестираше и официјална Софија, изразувајќи изненаденост, сепак таа треба да се прифати како официјална и точна, бидејќи резултатите од пописот во 2021 година не се оспорени официјално никаде.
Премиерот често во јавноста ја употребува фразата неколку стотици за припадниците на бугарската заедница во С. Македонија, што може да се види и во 2025 година (тука) и во 2024 година (тука, тука и тука). Иако претпоставените намери се дека тоа го прави за да покаже дека станува збор за мал број припадници на лица кои се чувствуваат како Бугари, а поради нив се бара промена на уставот, Мицкоски истиот ефект би го постигнал и ако ги употреби официјалните бројки од пописот, плус би добил на доследност.
Поради погоре наведените аргументи делот од изјавата на Мицкоски во разговорот за Еуроњуз „Неколкуте стотина припадници на бугарската заедница во земјава…“, може да се оцени како невистина.
Извори:
- (04.11.2025) 360 Степени – Мицкоски/вест – [Проверено на 05.11.2025]
- (2021) Државен завод за статистика – Попис 2021 – [Проверено на 05.11.2025]
Оцени: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар