Охрид не доби современ зелен пазар – темелите допрва ќе се удираат
Проект: Изградба на затворен современ зелен пазар на местото на досегашниот
Опис: Конечно, ќе го надминеме проблемот со несоодветните услови на градскиот пазар, кој не прилега на Охрид како туристички центар. Новоизградениот пазар ќе ги исполнува сите хигиенско-технички услови и ќе овозможува продажба на безбедни земјоделски производи и храна. (Средства: 50.000.000,00 денари Извори на финансирање: Буџет на Општината Рок 2013-2016)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова ветување е наведено во програмата на партијата ВМРО-ДПМНЕ и на тогашниот кандидат, а сегашен градоначалник Никола Бакрачески за локалните избори во 2013 година (стр.36) и досега (20.04.2017) не е исполнето.
Зелениот пазар во Охрид е доста фреквентно место особено во летниот период, кога градот е дополнително полн со гости од земјата и странство и затоа тогашниот кандидат за градоначалник не случајно го има понудено како иден проект, доколку биде избран. Во ветувањето е даден и рок за завршување, а тој е крајот на 2016 година.
„Вистиномер“ на почетокот на 2016 направи проверка на ветувањето и тогаш е оценето дека проектот е во тек. Оценката е дадена врз основа на тоа што некои активности биле започнати, пред сè тендерска постапка на која бил избран партнерот за реализација преку јавно-приватно партнерство во 2015 г. и постапката за издавање градежна дозвола за активностите за изградба во 2016 година. Иако, сè уште актуелниот градоначалник, тогаш изразил уверување дека изградбата ќе започне уште во мај-јуни лани (2016), тоа не се случило.
Сегашната проверка потврди дека граѓаните не добија современ покриен зелен пазар во дадениот рок, од 2013 до крајот на 2016 година. Дури на почетокот на април (03.04.2017 г), била извршена дислокација на тезгите од сегашниот зелен пазар, а на 18 април, е започнат ископот на асфалтот, за да може да се ископа дупка за подземната гаража и да се удрат темелите на идниот пазар. Ова се потврдува и од самото јавно претпријатие, кое овие информации ги пласира и на својата фан страна на Фејсбук.
Оттука, иако веќе има започанато и градежни активности (на 18.04.2017), оценуваме дека ветувањето е неисполнето, бидејќи, ем е надминат рокот, но и уште поважно, мандатот на градоначалникот на Охрид е пред самиот крај, односно треба да заврши наредниот месец – мај 2017.
ИЗВОРИ:
- (2013) Изборна Програма на ВМРО ДПМНЕ – Општина ОХРИД 2013-2017 – Никола Бакрачески – [Проверено на 20.04.2017]
- (31.05. 016) Вистиномер – Охриѓани уште го чекаат новиот затворен пазар – [Проверено на 20.04.2017]
- (18.04.2017) Охридденес – Се расчистува теренот за изградба на новиот „Градски Пазар“– [Проверено на 20.04.2017]
- (03.03.2017) ЈП Градски пазар Охрид\ФБ – Зелениот пазар од денес, на нова привремена локација – на паркингот на ЈП Градски Пазар! – [Проверено на 20.04.2017]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар