Охрид повеќе го казни Груевски, отколку што го награди Заев

Охрид - Опуштен и релаксиран изборен ден Фото: Вистиномер

 

Распоредот на гласовите во Охрид, е онаков – каков што го најавија познавачите на политичките состојби: градоначалничко место за СДСМ, но не и свое мнозинство во Советот. Првичните неофицијални резултати од гласањето на 15.10.2017г. покажуваат дека новиот Совет на Охрид,  ќе го пополнат  11 советници од редовите на коалицијата предводена од СДСМ, 10 од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и две места има коалицијата: ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците.

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Мирно, демократски, опуштено и релаксирано! Вака  мина изборниот ден во Охрид. После првите искричења, црната кампања со „шипакот” како порака до политичкиот опонент, атмосферата на 15 октомври, преку целиот ден, беше речиси нестварна! Безмалку – празник на демократијата. Во Општина Охрид (според податоците од ДИК) право на глас имаат вкупно 52.858 граѓани, до 17 часот гласале 53 посто, до крајот на денот – 63,9 проценти, што е над одзивот регистриран на државно ниво (59,51 отсто).

На мирен изборен ден повикаа и тројцата кандидати за градоначалници, додека актуелниот градски татко, Никола Бакрачески, дополнително ја  релаксираше атмосферата со својата коректна порака:

Ќе бидам најсреќен доколку мојот наследник и новиот состав на локалната самоуправа бидат многу поуспешни од она што ние го реализиравме. Секој нареден градоначалник да биде поуспешен од претходникот. Тоа ќе биде една потврда за прогрес и просперитет на градот Охрид, а секако и на граѓаните коишто живеат во градот. Се надевам и верувам дека ќе биде така.

На централно ниво, според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 80-те регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека првиот круг од локалните избори се одржа во фер и демократска атмосфера, а граѓаните слободно излегоа да го дадат својот глас.

lOK-IZB

 

 

И ОХРИД МУ РЕЧЕ „НЕ“ НА ГРУЕВСКИ

На овие локални избори народот, сепак, не го награди Зоран  Заев онолку – колку што го казни Никола Груевски!? Тоа се отслика на ниво на целата земја, посебно во Охрид.

Првичните неофицијални резултати од гласањето покажуваат дека новиот Совет на Охрид, најверојатно,  ќе го пополнат  11 советници од редовите на коалицијата предводена од СДСМ, 10 од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и две места има коалицијата: ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците. СДСМ освои 15.198 гласови на советничката листа, пред ВМРО ДПМНЕ со освоени 12.871 гласови. Распоредот на гласовите, е онаков – каков што го најавија познавачите на политичките состојби во Охрид: градоначалничко место за СДСМ, но не и свое мнозинство во Советот!

Навидум никому ништо, но резултатот открива многу работи. На пример, зошто Заев во Охрид дозволи добитни советнички места за минорни партии од  коалицијата, или за здруженија за кои однапред се знаеше дека ќе гласаат за заедничката листа на ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците?! Исто така, нејасно е зошто на советничката листа има добитни позиции  партијата на Љубчо Георгиевски, кој практично ја распушти – дозволувајќи им на општинските раководства да застанат зад СДСМ, односно ВМРО-ДПМНЕ („по свое наоѓање”, а него го „снема“), или на Љубе Бошкоски, кого во кампањата никаде го немаше, освен на по некој митинг?!

 

 СТОЈАНОВСКИ: УБЕДЛИВАТА ПОБЕДА – ГОЛЕМА ОБВРСКА ДА ГО РЕАЛИЗИРАМЕ ВЕТЕНОТО

Професор д-р Јован Стојаноски, од коалицијата „За живот во Македонија“, предводена од СДСМ, е новиот градоначалник на Охрид. За него гласале 18.262,  или 54.07 отсто, за кандидатот од ВМРО ДПМНЕ, Митко Тилевски 13.560 или 40.15 проценти, додека независниот кандидат Стевчо Стевовски освои 679 гласа, односно 2.01 проценти од гласачкото тело.

Новиот градоначалник, Јован Стојановски уште вечерта, на прославата на градскиот плоштад,  во својата прва изјава по победата, се заблагодари на охриѓани и вети дека уште од првиот ден од стапувањето на функцијата ќе започне со работа на реализација на дадените предизборни ветувања.

Едноставно се случи она што го посакувавме, а тоа е народот да ја изрази јасната волја и да дојде до промени во нашата држава. Се виде дека СДСМ и на овие избори излезе со содржајна програма да ги освои гласовите на граѓаните и ја освои оваа убедлива победа. Се надевам дека ќе ја оправдаме довербата на граѓаните, затоа што оваа убедлива победа не значи ништо друго освен една голема обврска за сите нас коишто бевме вклучени во овој изборен процес, да ги реализираме сите оние највени проекти и да најавиме нови вработувања, сето она кое народот во Охрид го очекува – рече Стојановски.

Тој потсети дека се бореле под  парола  „Живот во Охрид за сите“ и изрази благодарност до медиумите за сета коректност што ја имале за време на изборната кампања.

 

 

ТИЛЕВСКИ:  ПРОДОЛЖУВАМЕ СО КРЕНАТА ГЛАВА

Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, угледниот лекар и доскорешен директор на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, д-р Митко Тилевски и постизборно го продуцираше демократскиот амбиент:

Ви благодарам што, на локалните избори излеговте и го остваривте своето демократско право. Сакам да ви се заблагодарам на сите кои со својот глас на локалните избори донесовте одлука во каков град сакате да живете и јас таа одлука безусловно ја почитувам.Сакам да им честитам на целиот мој тим на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за нивниот несебичен ангажман и максимален влог во оваа кампања, која по многу нешта беше единствена и специфична. Достоинството е нашата најголема доблест затоа продолжуваме со крената глава кон освојување нови победи… – порача Тилевски.

И носителот на кандидатската листа, д-р Кирил Пецаков, кој е и прв човек на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, на својата ФБ страница, реагираше во истиот стил::

Ви благодарам на сите за поддршката, му благодарам на секој еден член на ВМРО ДПМНЕ , на секој претседател на месен комитет, на секој член на ОИШ за овие избори и на секој наш симпатизер и гласач на овие избори…По природата на нештата, посебно од политички аспект едни доаѓаат други заминуваат! Ама…ВМРО ДПМНЕ  ќе се врати посилно од кога и да е! Од утре почнуваме со работа!

И независниот кандидат Стевчо Стевоски му ја честита победата на Стојаноски, но и на граѓаните затоа што допринеле за демократска атмосфера во текот на гласањето.

На граѓаните на Охрид им го честитам придонесот  за одржување  на фер избори за  избор на градоначалник на Охрид, на СДСМ и кандидатот Јован Стојаноски му ја честитам победата, на ВМРО ДПМНЕ и кандидатот Митко Тилевски му честитам на директниот придонес за  фер кампања  за одржување на овие изборисе огласи Стевовски.

 

 

БАКРАЧЕСКИ: И ВО ПОБЕДИ И ВО ПОРАЗИ МОРА ДА СЕ БИДЕ ДОСТОИНСТВЕН

Се огласи и досегашниот градоначалник, Никола Бакрачески, кој порача дека и во победи и во порази мора да се биде достоинствен, исправен и да се задржи нивото на политичка култура.

Честитки за победата на новоизбраниот градоначалник на Охрид – Јован Стојаноски со желба за успешен мандат во служба на граѓаните на Охрид. Честитки до советничкта група на СДСМ … Честитки за коалицијата на албански партии за освоениот мандат во градскиот совет. И секако: честитки за кандидатот Др Митко Тилески за посветената, напорна и крајно коректна кампања со што силно допринесе за унапредување на демократските процеси во градот, и до независниот кандидатот Стевчо Стевоски за покажаната храброст и одважност во оваа изборна трка да ги вкрсти ставовите и аргументите со кандидатите на двете најсилни партии во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ мора да остане силна и организирана партија која и во иднина ќе ја има улогата на моторна сила и авангарда на политичките и општествените збиднувања во државата. Главата горе !!! Одиме понатака !!! напиша на ФБ страницата Бакрачески.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција