Охридското крајбрежје сè уште се бетонира

Охридско Езеро Фото: commons.wikimedia.org

 

Во светлото на најновите укажувања на еколошките здруженија за продолжување на бесправно градење и узурпација на крајбрежјето на Охридското Езеро, неодамнешната изјава на премиерот Зоран Заев околу мерките кои ги презема Владата за заштита на охридското природно и културно наследство, во согласност со обврските произлезени од Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година,  ја оценуваме како недоследна.

Изнасилената најава на градби во Охрид е прекината. Охрид треба да се развива и да оди напред, но не преку вака изнасилени проекти како оние од Индија, Дубаи, за грандиозни хотелски компелкси, за окупација на природата, традицијата и културата. На Охрид му треба развој, но пред се развојот на Охрид ќе се димензионира преку пролонгирање и целосно експедизирање на туристичката сезона, Зоран Заев, претседател на Влада на РМ, во одговор на пратеничко прашање.

[Извор: А1 ОН, датум: 22.02.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на Заев беше дадена  во Собранието на РМ на 22 февруари оваа година (2018), по усвојувањето на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО наведени во Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од април минатата година (2017), усвоен од Владата на РМ и доставен до УНЕСКО. Македонскиот премиер, одговарајќи на прашањето од пратеникот на СДСМ,  Томислав Тунтев, истакна дека „состојбата што ја затекнале била алармантна бидејќи Мониторинг мисијата на УНЕСКО која го посетила регионот во април и мај 2017 година, јасно ставила на знаење дека извршените работи и планираните проекти на претходната власт претставуваат грубо кршење на сите УНЕСКО стандарди и сите заедно се опасност по животната средина и културното наследство во Охрид и закана за губење на статусот на светско наследство“.

 Како Влада се зафативме веднаш со решавање на овој проблем бидејќи за нас таквата ситуација е неприфатлива. Затоа се откажавме од планот за изградба на ски-центар на Галичица. Владата исто така се откажа од плановите за изградба на подсквенците А и Е од патот А3, а средствата предвидени за тој пат се веќе пренаменети за регионални патишта низ Македонија (Заев)

Сепак, и покрај ентузијазмот на премиерот и категорично искажаниот став дека се стопирани сите насилно најавени градби, а сè што во иднина ќе се прави ќе биде во консултација со УНЕСКО, екологистите кои се борат за спас и заштита на Охрид и охридското крајбрежје тврдат дека не се запрени сите градежни активности на самиот брег на езерото и деновиве  (20.04.2018) писмено се обратија до Владата и до премиерот Заев, со барање за објавување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во охридскиот регион.

Еколошкото здружение „Фронт 21/42“, граѓанската иницијатива „Охрид SOS“, и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ се повикуваат на извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година во која се препорачува таква мерка.

Според организациите, препораката за прогласување на мораториум била во групата итни мерки што Владата требало да ги спроведе до 1 февруари годинава, но, велат тие, била целосно игнорирана.

Препораката за прогласување на мораториум беше во групата на итни мерки, кои Владата требаше да ги спроведе до 01.02.2018. Сепак, додаваат во дописот, токму оваа препорака беше целосно игнорирана од страна на Владата во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО. Владата на Република Македонија не само што ја испочитува оваа препорака, туку на својата 53та седница одржана на 06.02.2018 Владата усвои информации кои се однесуваат на активности во Охридскиот регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското езеро“, посочуваат еколошките здруженија.

Во дописот нема подетално за какви трансформации на крајбрежјето се работи, но истовемено во медиумите и на социјалните мрежи осамнаа неколку информации кои потекнуваат токму од охридските и струшките екологисти за најнови градежни активности во првата зона на охридското крајбежје. Така, се известува за градежни активности на спорниот хотел во Лагадин, кои сè уште се одвиваат иако со намален обем наспроти донесената владина одлука за запирање на градбата, како и за два случаја на узурпација и уништување на големи простори на крајбрежјето во селото Калишта на само неколку метри од водата (уништување на трската, копање, тампонирање, бетонирање) кои се добро документирани. За уништувањето на трската екологистите и научниците предупредуваат со години наназад, а последнава деценија зачестија случаи на палења на трската, инаку важен фактор на еко-системот на Охридското Езеро, као и нејзино копачење и насипување со градежен шут. Здружението „Дијаспора за Струга“ најави дека ќе го тужи градоначалникот Рамиз Мерко ако, како што се вели во дописот до медиумите, не запре со уништување на струшките плажи.

Здружението преку соопштение реагира дека се загрижени за случувањата во Струга, поради злоупотребите на брегот на Охридското Езеро.

Културата на поробување и уривање на јавниот имот, за жал во Општина Струга полека станува дел на стратегијата на градоначалникот Мерко, подржана и од коалицискиот партнер СДСМ. Потсетуваме дека Струга со околината, и нејзините природни богатства не се приватна сопственост на Рамиз Мерко и неговите луѓе, така како што не е приватна сопственост ниту на Владата. Нема да дозволиме подземјето и партиските олигарси  да го узурпираат јавниот имот во нашето родно место, да ја нарушат флората и фауната на брегот на Охридското езеро. Го повикуваме Мерко и неговата владејачка екипа веднаш да го запрат секој незаконски акт и акт на злоупотреба кој ја нарушува Струга, во спротивно ќе поднесеме кривична пријава против Општината, градоначалникот Мерко, шефот на Секторот за Урбанизам, како и против Владата и соодветните министерства“ – стои во соопштението.

Сите овие елементи укажуваат на тоа дека Владата на чие чело се наоѓа премиерот Зоран Заев не ги применила докрај декларираните заложби и одлуки, што пак, резултира со продолжување на градежните активности на охридското крајбрежје, поради што и изјавата на Заев ја сметаме за недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција