Охриѓани не добија нов здравствен дом

Ваков изглед требаше да има новиот здравствен дом во Охрид Фото: ohrid.gov.mk

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески во изборната кампања за предвремените локални избори во овој град (април 2019 година), вети изградба на нов здравствен дом во Охрид. Ова ветување на Георгиески е неисполнето. Досега (14.10.2021) воопшто не е отпочната изградбата на новиот здравствен дом.

 

Ветување: Изградба на нов Здравствен дом во Охрид

[Извор: Изборна кампања на Константин Георгиески; датум: април 2019 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески во изборната кампања за предвремените локални избори во овој град (април 2019 година), вети изградба на нов здравствен дом во Охрид. Ова ветување на Георгиески е неисполнето. Досега (14.10.2021) воопшто не е отпочната изградбата на новиот здравствен дом.

 Долги години наназад просторните услови во примарниот здравствен сектор во Охрид се во многу лоша состојба. Објектите каде што се сместени службите за примарна здравствена медицина се многу амортизирани и веќе не ги задоволуваат основните стандарди кои треба да ги поседуваат објектите за ваква намена. Здравствениот персонал е принуден да функционира во многу лоши работни услови, а пациентите не можат да го добијат потребното ниво на квалитетна здравствена услуга. Ова се однесува и на објектот на поранешната Маларична болница и на објеките во населбата Воска каде што е сместена управата на Здравствениот дом, вака говореше кандидатот Георгиески на прес-конференција во изборната кампања. (17 Април 2019 )

Георгиески тогаш кажа  дека „со поддршка на Министерството за здравство, конечно се преземени конкретни активности за изградба на нов објект на Здравствен дом на просторот во близина на охридската Општа болница“.

Ние како локална самоуправа ќе ја дадеме потребната поддршка во однос на целокупната документација за градба и обезбедување на комуналната инфраструктура на просторот. Основната цел е овој објект да биде изграден по сите современи стандарди.

Според изработениот проект, објектот ќе биде составен од две блоковски структури, приземје и кат и приземје и два ката, како и дел за администрацијата. Двата објекти ќе бидат поврзани хоризонтално со коридор, а вертикалната комуникација ќе биде со скали и лифт. Во новиот современ здравствен дом ќе бидат сместени службата за итна медицинска помош, педијатри, одделение за инфузии, лабораторија, диспанзер за деца од предшколска и школска возраст, трудова медицина, служба за рендген, патронажна служба, како и концесионери стоматолози и детска стоматологија, ветуваше Георгиески во кампањата

Инаку, изградба на нов здравствен дом тој најавуваше и како заменик-градоначалник на Охрид  во 2018 година. Во таа смисла на една трибина, на која беше заедно со министерот, Венко Филипче, Георгиески кажа:

Како реазултат на долгогодишната потреба за изградба на Здравствен дом во Охрид, почнавме да бараме решенија, првично преку некои стари проекти. Откривме еден проект кој веќе беше изработен и со голем ангажман успеавме да го приведеме при крај. Се надевам дека со сериозни заложби од Министерството, локалната самоуправа и министерот Филипче, ќе дојдеме до финална реализација.

Сепак, ваквите заложби се покажаа само декларативни.

Иако од Општината информираа дека е изработен проект, досега (14.10.2021) не е отпочната изградбата на нов здравствен дом во Охрид.

Со опсежна проверка на јавнодостапните податоци на интернет не најдовме информација за изградба на ваков здравствен објект.

Темелното пребарување на веб-страницата на Општина Охрид не даде резултат, таму не може да се најде податок ниту за подготвителни активности, ниту за почеток на градба на новиот здравствен дом.

Некаква објава поврзана со изградбата на здравствениот дом не се наоѓа ниту со пребарувачот Гугл преку клучни зборови. А, таква информација не е објавена ниту на локалните медиуми.

Исто така, при проверката на терен се уверивме дека нема никакви градежни активности. На локацијата кај Општата болница во Охрид воопшто не се отпочнати градежни зафати за ветената здравствена установа.

Фото: Вистиномер

Имајќи го предвид сето ова, ветувањето на Георгиески за изградба на нов здравствен дом во Охрид го оценуваме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Соња Рилковска

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција