Олимпискиот мотив на ЗОИ 2026 не е од „пеколот“, туку инспириран од „Јазлите“ на Леонардо да Винчи

Фото: International Olympic Committee, Public domain, via Wikimedia Commons

Според објаснувањето, дизајнот потсетува на генијалноста на Леонардо да Винчи и неговите познати „Јазли“, геометриско преплетување што ја симболизира хармонијата помеѓу природата и човечката генијалност. Пораката на дизајнот е поврзаност на минатото (Леонардо да Винчи), природата, технологијата, времето, единството и одржливата иднина

Според објаснувањето, дизајнот потсетува на генијалноста на Леонардо да Винчи и неговите познати „Јазли“, геометриско преплетување што ја симболизира хармонијата помеѓу природата и човечката генијалност. Пораката на дизајнот е поврзаност на минатото (Леонардо да Винчи), природата, технологијата, времето, единството и одржливата иднина.

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која споделува фотографија од отворањето на Зимските олимписки игри 2026 во Милано-Кортина и вели:

Сцена од пеколот а не од олимписки игри. На сликата е Пентаграм (наопаку свртена звезда) – Сатански симбол.

За време на отворањето на ЗОИ 2026 беше откриен дизајнот на двата котла во Милано и Кортина, но тој во никој случај не е Пентаграм – сатански симбол, како што тоа го тврди објавата.

Како што објави Olympics.com, за првпат во историјата на Олимписките и Параолимписките игри, беа запалени два котла и тие ќе бидат изгаснати истовремено на двете различни локации.

Котлите, моќен симбол на хармонија меѓу двата града домаќини и териториите на широко распространетите Игри, се создадени благодарение на партнерството со Финкантиери, спонзор на Милано Кортина 2026, и се резултат на проект на Марко Балич во соработка со Лида Кастели и Паоло Фантин. Тие ќе бидат лоцирани на две култни места: во Милано кај Арко дела Паче и во Кортина д’Ампецо на Пјаца Дибона. Тие ќе бидат запалени и изгаснати во совршена синхронизација, оддавајќи почит на постојаниот дијалог меѓу различните територии на ова широко распространето издание на Игрите. Котлите Милано Кортина 2026 оддаваат почит на сонцето како примарен извор на живот, енергија и обнова. Со векови универзален симбол на континуитет и преродба, Пламенот денес станува срце на креацијата замислена имајќи ја предвид иднината, објави Olympics.com.

Според објаснувањето, дизајнот потсетува на генијалноста на Леонардо да Винчи и неговите познати „Јазли“, геометриско преплетување што ја симболизира хармонијата помеѓу природата и човечката генијалност. На овој начин се искажува почит кон Леонардо и неговата историска врска со Милано, град кој претставува симбол на креативност и иновација.

Направени од воздухопловен алуминиум, меѓу најсилните и најлесните материјали, котлите се динамични структури што генерираат движење на отворање и затворање, сведочејќи за континуитетот на времето и природната промена помеѓу денот и ноќта. Дизајнирани да се шират и собираат, тие ја откриваат и заштитуваат, како ковчег, скапоценоста на Олимпискиот пламен, се наведува во објаснувањето за дизајнот.

Материјалите и пламенот се дизајнирани така што значат: еколошка одговорност, модерен и чист оган со минимален чад и фокус на иднината на Олимписките игри.

Накратко, пораката на дизајнот е поврзаност на минатото (Леонардо да Винчи), природата, технологијата, времето, единството и одржливата иднина.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека за време на отворањето на ЗОИ 2026 не бил прикажан  никаков сатански симбол, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме.

Поради тоа, истата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција